Игри со демократијата

Дали студентите, или оние позади нив, мислеа дека е најважно да се детронизира тоталитарниот систем на Вучиќ, а за другото ќе се мисли подоцна? Ако е така – а се надевам дека не е – тогаш скапо ќе ја платат победата на изборите. Или, сега е време полека да почнат да се појавуваат вистинските двигатели на отпорот, полека да ги преземаат дизгините во свои раце и да ја канализираат демократската транзиција.

36

Демократските игри во Србија не завршуваат со победата на изборите. Тие допрва почнуваат! Но српските студенти и демократската младина имаа(т) една огромна предност во споредба со, на пример, некогашните македонски протести викани „Шарена револуција“: не дозволија да им се закачат крлежи од типот на одамна смирисаната македонска „интелектуала“ и, особено, политиката да им ги украде протестите и перфидно да ги пренасочи во сопствена насока.

На тоа мислев кога напишав дека демократско-политичките игри таму допрва почнуваат зашто и кај нив политиканти од секаков вид чекаат зад секој агол да се закачат зад победата и да ушиќарат нешто за себе. Белки студентите ќе бидат доволно паметни да го ескивираат тоа?!






Но, и студентскиот отпор во Србија, како и сите други такви движења и (особено) револуции не се ценат само по првичните победнички резултати туку првенствено според понатамошниот тек на „револуцијата“ односно практикувањето на власта. Тоа се вистинските ефекти и тука, историски гледано, револуциите најчесто потклекнуваат. Некои завршуваат и многу неславно, па и во крв, „јадејќи“ ги своите деца.

Ќе ги „изеде“ ли српската демократска транзиција студентските лидери на отпорот или тие ќе бидат доволно умни самите да се повлечат? Но – во чија полза? Не знаеме, рано е за такви прогнози, но би било штета после онолкави напори и одрекувања да потонат – или да бидат потопени, сеедно – како кај нас.

Македонската „Шарена револуција“ заврши неславно, но за среќа без крв. Иако, често, крвта не е секогаш видлива а крварењето може да биде и метафорично. Тоа најдобро го гледаме денес.

Но, говорејќи за Србија, не случајно режисерот Горан Марковиќ рече дека после револуцијата следува револуционерен терор. Што и да мислел со тоа и што и да значи таа реченица, секоја револуција го доживува тоа интермецо. Како што тоа се случува сега со редакцијата на „Информер“ – најодвратниот про-Вучиќ српски медиуим! А ќе се случува и понатаму и „студентите“ односно нивниот врв тука нема да можат ништо да направат. Зашто злосторниците мораат да платат за своите недела и правдата мора да биде задоволена. Освен кај нас, се разбира. Овде такви нешта не се случуваат и сѐ подлежи на валкан политички пазар! Но мислам дека Србија под Вучиќ претрпе многу поголеми злосторства за коишто некој ќе мора да одговара. На еден или на друг начин. Она што таму ќе биде проблем, како што реков, е пост-револуционерниот период односно силната желба за одмазда, формирањето влада, демократизацијата на институциите на системот – особено полицијата, војската, судството… – а сето тоа без водечка политичка сила односно со луѓе без какво и да е политичко искуство.

Зашто, барем во Македонија, имаше многу малку информации за вистинските планови на студентското движење во, на пример, надворешната политика, внатрешната демократска транзиција и слично. Дел од нив станаа појасни со нивната предизборна програма во 11 точки, но како и обично таквите програми многу малку значат и тешко се спроведуваат во праксата. Дали студентите, или оние позади нив, мислеа дека е најважно да се детронизира тоталитарниот систем на Вучиќ, а за другото ќе се мисли подоцна? Ако е така – а се надевам дека не е – тогаш скапо ќе ја платат победата на изборите. Или, сега е време полека да почнат да се појавуваат вистинските двигатели на отпорот, полека да ги преземаат дизгините во свои раце и да ја канализираат демократската транзиција. Впрочем, не верувам дека некој од младите има(л) толкави амбиции да раководи со полицијата, војската, министерствата… Или – се лажам? Ќе се прелажат ли и студентите по власта и моќта што таа ја носи?

Таму сега одекнуваат ветувања дека нема да заборават зошто започнале, дека нема да ги заборават луѓето што им дале поддршка и доверба ниту вредностите за кои се бореле. Ама и овде ечеше слична песна… И? Видовме каде нѐ однесоа.

Затоа и велам дека игрите со демократијата во Србија допрва почнуваат. И тие се често безмилосни, каква што впрочем е и политиката. Колку студентите се вични за претстојните политикантски мешетарења и манипулации и дали воопшто сакаат да се впуштат во нив? Или тие нешта ќе ги препуштат на оние од „вториот план“ кои светот чека да ги види. И – ќе бидеме ли изненадени? Не знам, немам таква моќ на предвидување, но би било штета да се пропушти оваа тешко извојувана демократска шанса, како што тоа се случи во Македонија.

А чека и светот, или барем Европа, да види како ќе се одвиваат работите и како да реагира таканаречениот меѓународен фактор. Иако тие веќе би требало да ја знаат целата „приказна“. Ќе ја дознаат ли и граѓаните на Србија и ќе им биде ли мило? Не знаеме.

И спомнувајќи не нас во контекстот на изборите во соседството, ќе видиме како овде ќе продолжи онаа безобразно наметнувана приказна за доминацијата на некаков „српски свет“ во Македонија односно дали тоа важеше само за времето на Вучиќ или оние пропагандистички вувузели ќе ја продолжат и во иднина? Зашто, и студентиве се сепак – „српски свет“, нели. А впрочем овдешниве се прават дека заборавиле кој кај нас се обидуваше да инсталира делови од тој некаков „српски свет“. Го заборавија ли придонесот на оној малоумникон со неговиот шатровачки српски јазик и „школите“ поминати по српските паланечки пазари? И какви советници донесе во Македонија, и медиумски „експерти“, и „бизнисмени“, и…?

Или сега ќе ја свртат плочата и ќе им се допадне актуелната српска ситуација па ќе посакаат да ја пресликаат и овде? Зарем не гледаат дека нивните „5 минути“ неповратно летнаа низ криминалот и корупцијата што ги воведоа во државава користејќи го незадоволството на граѓаните во оние години и крадејќи им ги протестите?

Иако е географски поблиску до Европа, и Србија е Балкан. Па и нејзините студенти. И не го велам ова баш во негативна смисла туку само како потсетување дека сега таму ќе започнат и големите меѓународни игри што редовно се плетат околу Балканот.

Ако пак повторно сакаме паралела со Македонија, ене го францускиот амбасадор кај нас Ле Риголе кој после сите срамни пречки што неговата земја ги постави пред Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, сега сака да биде олеснувач на дијалогот меѓу Скопје и Софија. Тоа им било многу важно ним, како Европејци! Па како не им беше важно кога ги смислуваа новите правила за проширување сосе „францускиот предлог“? И кога ни ја накалемија Софија како „клучен елемент за иднината на евроинтеграциите“?

Таквата дволичност денес е вистинскиот европски нецивилизиран дух којшто, за жал, нема да ја одмине ни Србија на студентите.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини