ЛИДЕРИТЕ НА ФИНСКА И НА НОРВЕШКА РАЗГОВАРАА СО ПУТИН Прв контакт на Хелсинки и на Осло со Москва од почетокот на војната

Финскиот претседател Александар Стаб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе нагласуваат дека зборувале со рускиот претседател Владимир Путин во име на своите земји, а не во име на цела Европа.

37

Финскиот претседател Александар Стаб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе телефонски разговараа со рускиот претседател Владимир Путин, објавија денеска официјални лица.

Разговорот се одржа во консултација со Украина, наведуваат официјалните лица од двете нордиски земји.






Ова е прв нивен контакт со официјална Москва откако Русија почна војна со Украина во февруари 2022 година.

Стуб и Сторе го иницираа разговорот за да разговараат за војната и претстојните трилатерални разговори, во кои учествуваат Русија, Украина и САД и кои се очекува да се одржат во ноември во Абу Даби.

Во изјавите се нагласува дека двајцата европски лидери зборувале во име на своите земји, а не во име на цела Европа.

– Разговорот беше искрен и значаен – рече Стаб.

Тој додаде дека Финска е сосед на Русија и дека исходот од војната ќе има директно влијание врз безбедноста на Финска, како и врз безбедноста на Европа во поширока смисла.

Според него, потребни се директни разговори за да се стави крај на војната.

Сторе, пак, изјави дека „страдањето и уништувањето ќе влијаат на генерациите“ и дека „во разговорот беше нагласена важноста на деескалацијата“.

Разговорот следеше по состанокот одржан на 20 октомври во Осло, на кој учествуваа двајцата нордиски лидери, украинскиот претседател Володимир Зеленски и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.

Поврзани содржини