ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ГИ НАДГЛЕДУВА ТЕНДЕРИТЕ Што друго носат измените во Законот за јавни набавки
Промени има и за секторските договорни органи, каде што прагот за набавка на стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, додека за градежни работи од 10.000 на 20.000 евра. Годишниот лимит за овие набавки ќе изнесува 50.000 евра, наместо досегашните 24.000 евра.
Промени во однос на праговите за набавки од мала вредност, задолжителна примена на на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет” како и зајакнување на надлежностите на Бирото за јавни набавки кое ќе развива веб сервиси, дигитални алатки и решенија засновани на АИ за автоматизирано следење и откривање на ризици се главните новини што ги носат измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки донесени од Собранието, информира Министерството за финансии.
Со новите решенија, без да спроведат тендерска постапка (директни набавки), државните институции, општините и другите договорни органи ќе можат да набавуваат стоки и услуги во вредност до 2.000 евра, наместо досегашните 1.000 евра.
Се зголемува и прагот за градежни работи, од сегашните 5.000 на 10.000 евра. Истовремено, се предвидува зголемување на вкупниот годишен лимит за ваквите набавки од 12.000 на 25.000 евра по институција.
Станува збор за купување стоки, ангажирање услуги и изведување помали градежни зафати, чија поединечна вредност не ги надминува пропишаните прагови.
Промени има и за секторските договорни органи, каде што прагот за набавка на стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, додека за градежни работи од 10.000 на 20.000 евра. Годишниот лимит за овие набавки ќе изнесува 50.000 евра, наместо досегашните 24.000 евра.
Од Министерството за финансии зголемувањето на праговите го образложуваат со порастот на цените во изминатите години и потребата да се намалат административните трошоци. Досегашните прагови се утврдени во 2019 година и оттогаш не биле усогласени со инфлацијата.
Се воведува обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност кај постапките со преговарање без објавување оглас во законски утврдените случаи. Со ова се овозможува поголем увид на јавноста и економските оператори, а истовремено се поедноставуваат одредени административни процедури.
Договорните органи ќе може поедноставно да набавуваат стандардизирани стоки и услуги од електронските каталози на Бирото за јавни набавки без дополнителна тендерска документација од случаите утврдени со закон.
Новина е и тоа што секој договорен орган мора да донесе интерен акт за јавните набавки, а со измените се зајакнуваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки кое ќе развива веб сервиси, дигитални алатки и решенија засновани на АИ за автоматизирано следење и откривање на ризици.
Целта е поефикасно следење на постапките, навремено препознавање ризици и спречување можни злоупотреби. Дополнително, се создава правна основа за воспоставување веб-сервиси и автоматска размена на податоци со други институции и релевантни субјекти.
Измените опфаќаат и професионализација на кадарот преку воведување систем на континуирано професионално усовршување на службениците за јавни набавки, наместо периодична ресертификација преку повторно полагање испит.
Усвоените законски измени претставуваат дел од пошироките реформски активности за модернизација на системот на јавни набавки и негово усогласување со европските стандарди. Крајната цел е поголема транспарентност, посилна конкуренција и поефикасно управување со јавните средства, во интерес на институциите и граѓаните.