НАПАДИТЕ ВРЗ НОВИНАРИТЕ ПОД ЛУПА НА ИНСТИТУЦИИТЕ Владата најавува национален план до 15 декември
Националниот акциски план треба да опфати превенција, итна заштита, поефикасно гонење на сторителите и едукација. Во Националниот комитет се предвидува учество на повеќе институции и претставници на новинарската заедница.
Владата најавува Национален комитет за безбедност на новинарите, со учество на институциите и новинарските здруженија. Планот ќе опфати превенција, заштита, гонење на сторителите и едукација.
Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само кога ќе се случи инцидент, туку постојана обврска на институциите. Ова го порача владината портпаролка Марија Митева, најавувајќи формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, кој треба да ја координира соработката меѓу институциите и медиумската заедница.
Националниот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите и да подготви национален акциски план за нивна заштита, најдоцна до 15 декември 2026 година. Според најавата на Митева, планот ќе биде усогласен со европските стандарди и меѓународните препораки.
– Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита – истакна Митева.
Акцискиот план ќе се темели на четири области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите, како и промоција и едукација.
Во делот на превенцијата, фокусот ќе биде на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите. За заштитата, пак, се предвидува развивање механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, вклучително и заштита од закани во дигиталниот простор.
Планот треба да опфати и поефикасно постапување во случаите на напади и закани кон новинарите, преку соработка со надлежните органи, навремени истраги и соодветно санкционирање согласно законските надлежности. Четвртата област ќе биде насочена кон обуки и подигнување на јавната свест за значењето на новинарската професија.
Во работата на Комитетот се предвидува да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и новинарските здруженија во Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа.
Митева се осврна и на односот меѓу власта и медиумите, нагласувајќи дека институциите имаат право да одговорат на критиките и да ги оспорат информациите што ги сметаат за неточни, но тоа мора да го прават со аргументи и факти, а не со притисоци.
– Власта има право да одговори на критика, да ги образложи своите политики, но и аргументирано да ги оспори информациите кои што ги смета за неточни. Но таа одговорност мора да ја остварува секогаш со факти, транспарентност и институционална комуникација, никогаш со притисоци врз оние кои што поставуваат прашања – рече владината портпаролка.
Таа нагласи дека довербата меѓу институциите и медиумите се гради со достапни информации, одговори на легитимните прашања и почитување на правото на јавноста да биде точно и навремено информирана.
Посебен акцент, како што рече, треба да се стави на новинарите кои секојдневно работат на терен, истражуваат теми од јавен интерес и известуваат во сложени околности.
– Нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат – порача Митева.
Таа додаде дека институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и разлики.
– Почитувани новинари, вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме. Вие имате право да ја преиспитувате работата на институциите. Ние имаме обврска истата да ја образложиме – рече Митева.
Според неа, разликите во ставовите не треба да го нарушуваат професионалниот дијалог меѓу институциите и медиумите, туку да ја потврдуваат неговата неопходност.
– Нашата определба како Влада е јасна: институциите мора да бидат отворени за јавноста. Слободата на изразување да биде почитувана, а секој новинар да има можност својата работа да ја извршува професионално – порача владината портпаролка.