ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“ СЕ ЧИСТИ, ПОДНАТА ФОНТАНАТА СЕ ВРАЌА Градот најавува редовно одржување на централниот простор

Градот Скопје спроведува темелно чистење на плоштадот „Македонија“, а подната фонтана е во пробна фаза. Ѓорѓиевски најави дека просторот нема повеќе да се користи за премин на автомобили и тешки товарни возила.

76

Градот Скопје го чисти плоштадот „Македонија“, а подната фонтана, по години запоставеност, повторно се подготвува за работа. Фонтаната во моментов е во пробна фаза, при што се вршат проверки и прецизни нагодувања, со цел да функционира правилно.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се едни од најпрепознатливите обележја на главниот град и дека нивното одржување мора да биде постојана обврска, а не повремена акција.






– Плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се нашиот белег. Лицето со кое Скопје го пречекува светот и срцето во кое секој скопјанец чува дел од својот живот. Нивниот сјај е наша гордост. Нивното зачувување е наша одговорност – порача Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека плоштадот се чисти темелно и редовно, а со враќањето на подната фонтана во функција, како што рече, повторно ќе се оживее просторот наменет за детска радост, средби и спомени.

Фонтаната сè уште не е целосно пуштена во редовна работа. Во тек се проби, проверки, калибрирање и прецизно нагодување на системот, со цел да се обезбеди нејзино правилно функционирање.

Градоначалникот најави и дека просторот околу подната фонтана повеќе нема да се користи како премин за автомобили и тешки товарни возила.

– И тука ќе бидам јасен: просторот на подната фонтана никогаш повеќе нема да биде премин за автомобили и тешки товарни возила. Плоштадот им припаѓа на граѓаните и така ќе остане – рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека чистењето нема да биде еднократна акција, туку секојдневна работа, а обновата на просторот подразбира и негова трајна грижа и одржување.

– Обновата нè обврзува на трајно одржување, а секое вложување на одговорност да го зачуваме. Јас останувам посветен на дадениот збор. Заедно да го чуваме она што ни припаѓа на сите. Скопје го правиме заедно – порача градоначалникот.

Поврзани содржини