ШТИП ДОБИ КАБИНЕТ ЗА ДОЈКА НА ИНИЦИЈАТИВА НА УНИЈАТА НА ЖЕНИ НА ВМРО-ДПМНЕ Со култура на работа, добрите идеи стануваат јавни политики

Како Унија на жени сакаме да покажеме што сме иницирале, што сме промениле и кому сме му го олесниле животот. Сакам зад нас да останат механизми што функционираат, иницијативи што станале практика и политики што продолжиле да создаваат резултати, рече претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

6

Суштината на дејствувањето на Унијата на жени е во препознавањето на проблемите, нивното јавно отворање и заедничкото делување за изнаоѓање вистински решенија, рече претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева на панел дискусијата под мотото „Сплотени дејствуваме за една победа повеќе“, по повод розовиот октомври – месец посветен на подигнување на свеста за борбата против ракот на дојката.

Митева рече дека секој навреме направен преглед, рано откриена промена, побрзо поставена дијагноза и навремено започната терапија претставуваат победа во грижата за здравјето на жените.






– Сплотени дејствуваме – за една победа повеќе е пораката под која сме собрани вечерва, овие зборови за нас ја изразуваат суштината на она што сакаме да го постигнеме како Унија на жени, организација која умее да препознае проблем, да го отвори јавно, да ги собере луѓето кои можат да помогнат и според нас она што е најважно, да придонесе проблемот да добие вистинско решение. Кога зборуваме на оваа тема, зборот победа има една многу важна тежина. Победа е прегледот што не бил одложен. Победа е промената којашто сме ја откриле навреме. Победа е дијагнозата којашто е поставена побрзо, терапијата којашто е започната без непотребно губење на време, лекарот до кого пациентката можела да стигне тогаш кога ѝ бил најпотребен – рече Митева.

Таа истакна дека политичката одговорност подразбира не само препознавање, туку и решавање на проблемите, нагласувајќи дека иницијативата во Штип е пример за институционална соработка и конкретни резултати во интерес на граѓаните.

– Во тоа сите ќе ја препознаат и пошироката политичка определба на ВМРО-ДПМНЕ дека за нас, политичката одговорност не завршува со детектирањето на проблемот, туку започнува токму таму. Да кажеме што не функционира за нас е најлесниот дел, многу потешко, но и многу поважно, е да преземеме одговорност да го подобриме. Затоа за мене оваа иницијатива во Штип е јасен пример за политичката култура што сакаме да ја градиме, култура на работа, на институционална соработка и на решенија што имаат мерлив ефект врз секојдневието на луѓето. Позицијата нема смисла сама по себе ако зад неа не остане чесност, посветеност и резултат. И токму затоа нашата одговорност како Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ е голема, капацитетот на партијата, на нејзините луѓе, но и на нејзините структури да се стави во целосна функција не само за една политичката дебата, туку и за подобрување на реалните состојби во државата – посочи Митева.

Таа додаде дека посветеноста на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ за подигнување на свеста и поддршка на пациентките ќе продолжи и по октомври.

– Нашата одговорност не смее и нема да заврши на 31 октомври. Оваа болест нема календар, пациентките немаат месец за кампања, а грижата не смее да биде сезонска. Затоа Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја развива оваа тема и по октомври, со истата амбиција како што започнавме, да слушаме, да поврзуваме, да помагаме и таму каде што можеме да оставиме решение зад себе – порача Митева.

Таа информираше дека во Клиничката болница Штип е воспоставен мултидисциплинарен кабинет за дојка.

– Иницијативата за ова произлезе од Унијата на жени и се роди од едно едноставно прашање: ако веќе постојат инфраструктурата, стручните луѓе и медицинските капацитети, можеме ли подобро да ги поврземе за жената да добие побрза, покоординирана и подостапна грижа? Одговорот беше едноставно – можеме. И токму тука сакам јавно да ја изразам благодарноста до министерот за здравство Сашо Клековски и до целиот тим на Министерството за здравство – рече Митева.

Кога ја соопштивме идејата, немаше непотребно одлагање и бирократско префрлање на одговорноста, додаде.

– Иницијативата веднаш беше разбрана, прифатена и разгледана како можност нешто што веќе постои во системот да биде организирано подобро во интерес на пациентите. За мене тоа има значење многу пошироко од оваа конкретна иницијатива. Затоа што начинот на кој една институција реагира кога пред неа ќе се појави добра идеја кажува многу за здравствениот систем што сакаме да го градиме како ВМРО-ДПМНЕ – рече Митева.

Митева е децидна дека УЖ на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од внатрепартиска организација, потенцирајќи дека истата мора да биде место каде искуството од теренот се претвора во политичка идеја, политичката идеја во иницијатива, а иницијативата, кога е добра и остварлива, во јавна политика.

– Не станува збор секогаш за нови згради, нови апарати или дополнителни административни структури. Понекогаш вистинската реформа е постојните капацитети да се поврзат подобро, лекарите од различни специјалности да седнат на иста маса, случајот на пациентката да се разгледува интегрирано, информациите да патуваат побрзо од неа и одлуките да се носат координирано. Тоа е суштината на мултидисциплинарниот пристап и токму тоа сакаме да го овозможиме за жените од Штип и целиот источен регион. Како Унија на жени сакаме да покажеме што сме иницирале, што сме промениле и кому сме му го олесниле животот. Сакам зад нас да останат механизми што функционираат, иницијативи што станале практика и политики што продолжиле да создаваат резултати и кога никој повеќе нема да се сеќава на фотографијата од денот кога биле започнати – рече претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Поврзани содржини