Македонските здравствени власти се на пат да ја ограничат достапноста до никотинските ќесички, иако овој производ во голем број држави е прифатен како најмалку штетна алтернатива на цигарите. Најавениот нов Закон за заштита од пушење предвидува забрана за продажба на никотинските ќесички со вкусови, забрана за нивно изложување и ги третира како тутунски производ, додека земји кои успеваат да ја намалат стапката на пушење ги препорачуваат како заменска терапија на зависниците од цигари.
Во студија иницирана од Агенцијата за храна и лекови на САД (FDA), на која работеле експерти од кои повеќето се професори на Универзитетот за медицина во Вашингтон, се истакнува податокот дека најчестата причина за употреба на никотинските ќесички е тоа што кај 73% од пушачите тие се перцепираат како помалку штетна алтернатива на цигарите.
„Кај оралните никотински ќесички нема процес на согорување ниту пак тие содржат листови од тутун. Тие може да бидат производ со помал ризик ако се користат како замена за поштетни видови на тутун, особено запаливите“, се наведува во студијата „Никотинските ќесички и потенцијалното влијание на јавното здравје“.
Во неа се додава дека причини за нивно користење се и лесниот начин на употреба на никотинската ќесичка (кај 53% од пушачите) и помагањето да се намали (46%) или да се откаже (52%) употребата на други тутунски производи.
„Оралните никотински ќесички се чини дека се помалку токсични од цигарите и можат да им обезбедат на пушачите соодветен никотин, со што секако се потенцијално помалку штетна алтернатива на запаливите тутунски производи“, се додава во анализата на ФДА.
На ниво на Европската Унија, вклучително и Велика Британија и Швајцарија, организацијата „Considerate Pouchers“ спроведе истражување за достапноста на никотинските ќесички и нивниот третман во законите. Од организацијата наведуваат дека земји како Шведска ги прифатиле ќесичките за да ги намалат стапките на пушење кон историски најниски нивоа, а други градат законски бариери кои се закануваат да го уништат деценискиот напредок.
Според индексите за 2026, највисока оценка има Шведска, за која се нагласува дека успешно законски ги разликува ќесичките од тутунот, па дури и ги намалила даноците за ќесичките за 20% за да ги награди пушачите кои ги откажале цигарите. Добри оценки добиваат и Норвешка, Бугарија и Романија, кои обезбедиле достапност за потрошувачите. Овие држави ги оданочиле ќесичките пропорционално на ризикот и ја заштитиле разновидноста на вкусовите, бидејќи според емпириските податоци тоа е од суштинско значење за спречување на повторна употреба на цигари.
Лоши оценки добиле Германија, Холандија, Белгија и Кипар, поради целосните забрани за малопродажба и онлајн продажба. Овие политики ги намалиле најефикасните алтернативи за пушачите и потврдиле статус кво кај стапката на пушење.
– Иновацијата, а не забраната, е патот напред кон целта за Европа без чад. Кога државите погрешно ги класифицираат ќесичките како тутун, тие не ги заштитуваат младите, туку ги заштитуваат стапките на пушење со тоа што им отежнуваат на оние што ги користат ќесичките да живеат поздрав живот. Во трката за Европа да стане без чад, никотинските ќесички се појавија како клучна алатка за јавното здравје. Сепак, како што се приближуваме кон 2026 година, континентот се наоѓа на регулаторна раскрсница – вели Хуан Рафаел Таборсија, портпарол на „Considerate Pouchers“.
Токму Шведска, која доби највисока оценка, е на пат да стане првата земја во светот што ќе постигне официјален статус на „земја без чад“, со само 5,3% стапка на пушење. Во анализата „Револуцијата за побезбеден никотин: Глобални лекции, поздрава иднина“ на организацијата „Smoke free Sweden“, пишува дека пушењето на цигари во ова скандинавска земја се намалило за 54% во текот на 12 години, при што пушењето кај жените се намалило за 49% по воведувањето на никотинските ќесички во 2016 година.
„Во сеопфатните национални анкети со поранешни пушачи, никотинските ќесички ги надминаа сите други помагала за откажување од цигари, при што и мажите и жените ги рангираа никотинските ќесички како најефикасен метод. Употребата кај Швеѓаните на алтернативни производи како што се никотинските ќесички го избегнува процесот на согорување што ги создава најголем дел од токсините поврзани со тутунот. Не самиот никотин, туку начинот на неговиот внес ја одредува штетата по здравјето – што ја прави Шведска убедлив пример за тоа како промената на моделот на потрошувачка може да го подобри јавното здравје“, се вели во анализата.
Во анализата се дава осврт и на позитивните ефекти врз јавното здравје, односно дека пушачите кои преминале на никотински ќесички имаат 45% помал ризик од срцеви болести и со тоа Шведска спасила околу 3.000 животи годишно. Исто така Шведска има 61% помала стапка на смртност од рак на белите дробови кај мажите од просекот во Европската Унија.