РУДАРСТВОТО СЕ ПОЗИЦИОНИРА КАКО СТРАТЕШКИ СЕКТОР Со еколошки стандарди до профит за граѓаните и за државата
Заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски оцени дека слоганите од минатото коишто ги користеле одредени структури, каков што е „рудници на смртта“, направиле огромна штета за развојот на државата.
„Да за нови рудници со запазени еколошки стандарди“ – политичките субјекти во земјава споделуваат исти ставови за иднината на македонското рударство и користењето на минералното богатство. Темата околу инвестициите во оваа индустриска гранка се покрена по финансиската поддршка од Соединетите Американски Држави за геолошки истражувања за антимон кај Крива Паланка, односно кај одамна затворениот рудник во Крстов Дол. Прашани за можностите за ископ на критичните суровини, државни функционери и претставници на политички партии од опозицијата периодов одговорија дека рудници треба да се отвораат и тие можат непречено да функционираат преку задоволување на стандардите за заштита на животната средина.
Заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски оцени дека слоганите од минатото коишто ги користеле одредени структури, каков што е „рудници на смртта“, направиле огромна штета за развојот на државата.
– Овде долги години не се разбира дека Македонија мора сите свои природни ресурси коишто ги има, се разбира со разумна и рационална еколошка димензија во приказната, да ги експлоатира за да може да ги стави во функција на сопствениот развој. Овде долги години, ако се сеќавате, беше поддржувана една структура за да се бојкотира и да се протестира против секоја инвестиција во делот на рударството, па и во енергетиката ако сакате… ги знаете оние со т.н. „рудници на смртта“ во Струмичко и насекаде, што создадоа непоправлива штета на нашата иднина и на нашиот развој. Тоа не значи дека ние не треба да водиме сметка за животната средина. Но, јас изминатиов период, откако станавме Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, имав средби со многу заинтересирани страни за инвестиции во други рудници во Македонија, меѓу кои и за овие условно наречени „рудници на смртта“, коишто така ги прогласија… и со комплетна заштита на животната средина, со прикажување на примери од инвестиции на Запад, во сериозни западни држави, дури и во средини коишто не се рурални туку во урбани средини, рудници за злато и за ретки метали можат да функционираат – ако навистина вложите средства и направите вистинска заштита на животната средина. Тоа овде не резонираше во јавноста. Зошто? За да имаат монопол некои други структури на веќе постоечки рудници од една страна и од друга за да се спречи успехот на една Влада да вложи во сопствениот развој – истакна Димитровски во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Заменикот министер се осврна на темата за Стратешкиот дијалог со Вашингтон, при што нагласи дека во едно партнерство нешто се добива, но треба и да се нуди.
– Македонија има антимон од неколку илјади тони коишто треба да бидат експлоатирани и можат да се задоволат сите стандарди на еколошка заштита. Ако разбере македонската јавност… тоа е едно од прашањата дека ние не треба само да бараме помош, туку ние треба и нешто да понудиме како партнери – потенцира Димитровски.
Деновиве и опозиционери дадоа поддршка за нови инвестиции во рударството. Меѓу нив е и претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски кој апелира да се ископуваат и други минерали, а не само антимонот.
– Чичко ми работеше во тој рудник, во Крстов дол. Секаде каде што има нешто, секаде треба да се отворат рудници. Додека не почнеме да правиме микрочипови, треба да се бавиме со рударство и со сѐ што може да ни донесе пари. Ама знаете што правиме ние? Ако едните го отворат рудникот, другите ќе им протестираат со наводни екологисти од партија, дека се загадувала водата или флората и фауната, не знам си што… – коментира Јакимовски во емисијата „Тешки муабети“.
Значењето на рудните богатства на земјава во геостратешки контекст го потенцираше и претседателот на партијата „Нова република“, Ивон Величковски. Тој нагласи дека има тектонски пореметувања што се случуваат во меѓународните односи кои се резултат на новата економска реалност. Според него, се одвива процес на реиндустријализација, кој конкретно за нас како држава е особено важен, а со него ќе имаат профит и државата и граѓаните.
– Северна Македонија ќе биде дел од тој нов пристап на реиндустријализација на колективниот Запад и заради тоа ќе мораме да бидеме подготвени да се вршат и геолошки истражувања и да се врши експлоатација, која мора да биде согласно стандарди, согласно еколошки стандарди и норми и којашто на тој начин ќе овозможи профит и за операторите коишто ќе ги истражуваат и користат ресурсите и профит за буџетот на државата и граѓаните, но секако и граѓаните да бидат сигурни дека експлоатацијата нема да биде на штета на нивното здравје и на животната средина – оцени Величковски во „24 Аргумент“.
Претходно повеќе аналитичари и новинари јавно изразија сомнежи за позадината на одлуките кои ја попречуваат реализацијата на нови рудници, како и за искреноста на еко-активистите. Последно, со напади се соочи инвестицијата за рудник за бакар во Иловица, иако и овој минерал, како и антимонот, е на листата на критични минерални суровини по кои трага Западот, бидејќи во моментов во голема мера зависи од источните земји.