Лева или десна автократија?
Оние умислени и „загрижени“ социјалдемократи, ако навистина се тоа што се претставуваат, наместо аплаузи за Маѓар нека подготват канонада свирежи за Филипче – размислувам дали можеби треба да го пишувам со мала буква? – и неговата камарила, со што би ја одземале сељачката автократска палка од неговите раце. Дури тогаш ќе имаат право да држат лекции (и) на други!
Неверојатно забавно е колку наводните (а всушност самопрогласени) социјалдемократи-левичари (не само) кај нас уживаат да докажуваат колку се поумни од сите други, особено од оние од (наводно) спротивната страна, и уживаат да етикетираат секое различно мислење како „десно“ пропагандистичко, симпатизерско, ботовско… Иако најчесто не знаат што всушност говорат и кого/зошто поддржуваат – како во актуелниот скеч со Орбан и Маѓар во главните улоги – освен што по наредба „од горе“ громогласно аплаудираат небаре добиле седмица на лото. Мораат (ли) да го (о)правдаат глупирањето на „лидеро“ па на помош повикуваат дури и ликови од меѓународната политичка сцена, меѓу нив и Обама и тетка Хилари, јеботе?! Апропо, и колку да се знае: „демократот“ Обама започна најмногу (7) војни (интервенции, удари, специјални операции…) во историјата на САД (во Авганистан, Ирак, Сирија, Либан, Либија, Сомалија и Пакистан), а онаа Хилари (заедно со сопругот) е веќе изрезилена од глава до петици и претставува симбол на демократското зло во Америка!
Оттука, тие и нивното „мислење“ ли ќе ни бидат некаков репер во актуелниов скеч со Орбан и Маѓар? И на што друго освен на локално упатена злоба се должи еуфоријава на македонскава секта со Маѓар небаре тие добиле нова кандидатура за онаа промашена Нобелова награда на трговецон од Муртино!? Не мислам дека меѓу сите овие „леваци“ има и сериозни лево ориентирани поединци кои разликуваат црно и бело, но упорно – молчат.
Поточно, не знам како грото од „левациве“ не гледаат дека де факто оваа бедна провинциска едночинка некој ја игра контра интересите на сопствената држава. Како впрочем и многу други нешта, а особено штетата од паралелите Орбан-Вучиќ-Додик-Мицковски… Ним Протоколот бр. 2 не им боцка(ше) толку очи, уште помалку бришењето на зборот „окупатори“ од спомениците од НОВ, диктираната историја од некаков полуписмен бугарски историчар, допишувањето на македонските учебници од улични бугарски пропагандисти итн.! Преоблечени во некакви прогресивни палјачовски партали и накитени со беџови со меѓународни пропалитети не можат да се видат себеси исти како и оние против кои (наводно) се борат: десната автократија.
Зашто, денес, барем кај нас, т.н. лева „идеолошка“ опција – што е срамно изедначување на сериозниот поим идеологија со денешниве нејзини селско-партиски манифестации – е само полуписмена булумента која во партијата гледа мотор за вработување, кариера, општествена позиција и „товарено магаре“, а најмалку, или воопшто, простор за идеолошка општествена надградба, за достигнување на левите вредности, за менување на општествената свест…, па и политичко надмудрување со „противникот“. Токму затоа денес науката речиси во целост ги изеднувачува двете опции – левата и десната – од аспектот на тенденцијата кон автократско владеење. Или, со попрост јазик за „левациве“ кај нас да разберат: нема ама баш никаква разлика во автократските амбиции и аспирации помеѓу левите и десните не само кај нас туку и во светот. Со сите модалитети, се разбира, што ги нуди избраниот државен систем.
А кај нас тој нуди сѐ што ќе посакате – дури ја добивате и „нашана“ Црвенкапче ака Радмила Шеќеринска како заменик генерален секретар и „вистински верник“ (што би рекол Руте) на нато (малите букви се…). И нашиве левичари и тоа го голтаат како локумче, па дури и прикажуваат приказни за нејзините успеси во таа мувлосана организација. А нејзината некогашна локална прислужничка – инаку во истата функција за сите „идеологии“ што се менуваа на власт! – се уби борејќи се да ги зачува фанфарите само за неа.
Сите истражувања во светот укажуваат дека авторитарната свест е иманентна на двете страни на политичката паричка, при што и „левите“ и „десните“ се идентично нетолерантни кон спротивната страна. Впрочем, автократијата е во жижата на општествените и политичките науки одамна, уште од времето на Адорно, Дакит, Осборн и др., при што доминантно се идентификувани само минимални разлики во крајната цел. Поточно, според „десните“, генерално, светот го загрозуваат девијантни групи што не се повинуваат на социјалните норми, како и опасноста од грубата компетитивност на светот што може да се надмине преку групна хиерархија и нееднаквост, односно кај „левите“ доминира антихиерархиската агресивност, антиконвенционализмот и др. Од друга страна, дури и во еу (малите букви се…), покрај десната автократија, апсолутно е присутна и левата, но најчесто карневалски маскирана во поблаги квалификации како „лев популизам“ (СИРИЗА, Подемос…), невладеење на правото (Италија, Бугарија…), радикален национализам (Бугарија, дел од балтичките држави…), партии со радикално лева ориентација итн.
Или, ние можеме да се враќаме дури и на примерите на левата автократија на еден Ленин или особено Сталин (често оправдувани со општествените прилики и меѓународната ситуација) наспроти десната спротивност на Хитлер и Мусолини итн., но тоа очигледно кај нас не менува ништо во незнаењето. Впрочем, позната е констатацијата на Шилс (Edward Shils) за сличностите помеѓу фашизмот и болшевизмот, особено во непријателството кон граѓанските слободи, антипатијата кон парламентарните институции, потребата за концентрација на моќта кај малкумина итн.
Од наш аспект тоа се сепак само теории коишто за локалниве политиканти и нивната „научна“ клиентела немаат ама баш никаква врска. Кај нас сѐ е „до зла бога“ приземно, упростено и измешано, сѐ е измелезено, хибридно и насочено единствено во службата на лични и групни позиционирања со цел поголемо заграбување на локалните ресурси. Така и започна онаа наша „славна“ транзиција, така и ќе заврши. Сето ова помеѓу повторно е само криминална борба под различни имиња за „сува“ власт во којашто се втурнува и шуто и рогато преку доминантните партии – македонски и албански – меѓу кои полека се бришат сите разлики/граници во авторитарните изблици на поединци и групи!
Но, уште поинтересно е што токму самопрогласените социјалдемократи не умеат да го согледаат авторитарниот дух во сопствените редови туку по правило го бараат кај десницата. Впрочем, ако во последниве десетина години бевме преплавени од авторитарен дух од најпростачки происход тогаш тоа беа годините на Заевистичкиот „хибриден режим“ и неговата уште пострашна постхибридна копија на оној Филипче. Начинот на владеење на Заев го видовме и го преживеавме (иако со страотни лузни по целата држава!), а според досегашното од неговиот сервисен наследник можеме само да претпоставуваме што би ни се случувало!
Затоа, оние умислени и „загрижени“ социјалдемократи од почетокот, ако навистина се тоа што се претставуваат, наместо аплаузи за Маѓар нека подготват канонада свирежи за Филипче – размислувам дали можеби треба да го пишувам со мала буква? – и неговата камарила, со што би ја одземале сељачката автократска палка од неговите раце. Дури тогаш ќе имаат право да држат лекции (и) на други!
П.С.
Замислете Мицковски во мај 2024 година, слично на љубимиот им Маѓар деновиве, сериозно да најавеше национализација на имотите стекнати во криминалниот период 2017-2024 година. Каква револуција ќе кренеше во редовите на „левите“ орди на најкоруптивната во историјата коалиција? А требаше, ќе се разбегаа низ светов ко глувци!