ДРАМА ВО ВОЗДУХОТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФУДБАЛЕРИ Авионот се вратил во Истанбул по само 20 минути лет

Чартер авионот со македонската фудбалска репрезентација, претставници на ФФМ и новинари бил принуден да се врати во Истанбул поради технички проблем само дваесетина минути по полетувањето кон Скопје.

348

Македонската фудбалска репрезентација денеска не успеа да се врати во земјава според планираното, откако чартер авионот со кој патуваше експедицијата беше принуден да се врати на аеродромот во Истанбул поради технички проблем.

Авионот на компанијата „Фрибрд ерлајнс“, кој го извршуваше летот FH1949 кон Скопје, полетал во предвидениот термин и се очекувало да слета на Меѓународниот аеродром Скопје околу 13:40 часот.






Сепак, само дваесетина минути по полетувањето, пилотот ги информирал патниците дека е забележан технички проблем и дека авионот ќе мора да се врати назад во Истанбул.

Според податоците достапни на платформата за следење на летови, авионот направил круг над Истанбул и потоа безбедно слетал на аеродромот од каде што претходно полетал.

Засега нема официјални информации за природата на техничкиот дефект, ниту дали станува збор за помал проблем или посериозен технички недостаток кој бара дополнителни проверки.

Во авионот, покрај македонските репрезентативци и стручниот штаб, се наоѓале и претставници на Фудбалската федерација на Македонија, како и новинарски екипи кои ја следеле експедицијата.

Во моментов целата македонска делегација се наоѓа на аеродромот во Истанбул и чека дополнителни информации околу продолжувањето на патувањето кон Скопје.

Македонската репрезентација се враќа од Турција, каде вчера на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул одигра пријателски натпревар против домашната селекција. Турција славеше убедлива победа од 4-0 со головите на Оркун Кокчу, Џан Узун, Дениз Гул и Бариш Алпер Јилмаз.

Поврзани содржини