„Зелен“ мај…
Македонската понова историја не памети побезобразна, попрефригана и побандитска политичка измама од таа кога овдешната иднина, односно оние илјадници „студенти, млади, граѓани“ кои ја сочинуваа македонската демократска јавност беа буквално излажани, а власта беше приграбена од грст неодговорни измамници.
Ќе помине и овој мај, како впрочем и оној минатата година и оној од претходната, а Филипче како бабата од поговорката: кој за што, тој – за Уставот! И не само за него. Две божји години ги слушаме сите оние шутови како ѕвонат со ѕвончињата на капите и бараат исполнување на сето она што тие не го направија цели седум години. Меѓу другото и борба против криминалот и корупцијата (коишто тие експертски ги подигнаа на ниво на систем во државата!), независно судство (прво комплетно подјармено од нивните пулени!), подобро здравство (целосно разнебитено токму од спомнатиот!)… итн. Сега стасаа и до референдум за внесување на некакви Бугари во Уставот, иако веќе имаа два: парламентарните и локалните избори. Појасен и појавен референдум од тие може ли да има?
Затоа, ваквите „Филипики“ ала бабини деветини веќе стануваат депласирани. И крајно дегутантни. И затоа јавноста повторно и повторно се прашува: зарем е можно мнозинството сериозни европски политичари веќе да ја разбираат целата валкана игра на Бугарија со македонските евроинтеграции, а само тој, оние неколку шупелки околу него и палјачото Макрон – не?
Но, насловот повеќе се однесува на еден друг мај пред повеќе години, и просто запрепастува фактот дека никој од онаа „славна“ армада од „независни“ клиенти „заборава“ да ги спомне деновите кога „рушеа“ режим со пенкало, кога се силеа и лево и десно, кога фрчеа колоритни „бомби“, па после истите кои ги тераа да ги фрлаат им наплатуваа глоба, бидејќи уништувале културно наследство, кога силата беше во нозете, а не во умот…? Или – им е срам? И треба да им биде кога дозволија некој како Филипче и онаа булумента околу него да бидат нивните претставници денес.
Па, дури оставаат и некои бивши синдикални новинарчиња да глумат поштарчиња и да умуваат што и кого треба да сакаме, а кого – не? А кришум да се/нѐ поистоветуваат со случувањата во Србија, испраќајки ни јавни пораки дека ако сме сакале да покажеме дека го сакаме српскиот народ, треба да ја сакаме неговата иднина итн., итн. Како што тие ја сакаа нашата? Е па до овде нè доведе таа нивна и на Заев и на Шеќеринска „иднина“! Зашто, македонската понова историја не памети побезобразна, попрефригана и побандитска политичка измама од таа кога овдешната иднина, односно оние илјадници „студенти, млади, граѓани“ кои ја сочинуваа македонската демократска јавност беа буквално излажани, а власта беше приграбена од грст неодговорни измамници.
И сега истите тие политиканти, во меѓувреме зацапани до грло во криминал и корупција, обвинуваат други за неисполнување на дадените политички ветувања? И за режим? Оние кои веднаш од Европа добија лепенка „хибриден режим“?!
Затоа, барем на крајот на овој мај, а за да не помине така глуво во однос на тие случувања, треба да се спомнат некои сличности и разлики помеѓу двете „шарени револуции“. Иако попрво наликуваат на „зелени“ односно недозреани „револуции“. Според резултатите, се разбира. Иако онаа во Србија не е завршена и не се знае конечниот резултат од протестите што траат веќе речиси година и половина. Но, многумина тамошни добри познавачи на приликите – за жал – не им даваат многу шанси на студентите и на нивните поддржувачи. Мислат дека власта на Вучиќ е така цврсто бетонирана што нема шанси да загуби на кои било избори. А тоа е она што студентите го бараат – го бараат токму невозможното! Дај боже да грешам.
А тоа беше барано и кај нас, но сепак нашата основна парола се разликуваше: главното мото беше „Нема правда, нема мир“. И ако се потсетиме на иницијалната каписла за протестите – убиството на младиот Нешковски и обидите за негово прикривање – тие всушност се претворија во незапирливо граѓанско цунами за демократизација на земјата, реформи (особено на правосудството и полицијата), борба против криминалот и корупцијата итн. Потоа протестите беа киднапирани од една партија и нивната петта колона внатре меѓу незадоволниот народ и сè отиде бестрага. Изборите дојдоа подоцна.
Се разбира, многу сличности има и во Србија, но таму – барем засега – изгледа нема политичка партија во фокусот на настаните која што би го превзела водството и (политички) би ги манипулирала протестите. Тоа не го дозволуваат ни студентите, а српската опозиција е премногу слаба, разединета, нема сериозна и одговорна политичка фигура во која младите би имале доверба… Затоа, гледано вака од страна, нештата се прилично замрсени, прашање е како ќе се развиваат. А Вучиќ има страотен државно-партиски апарат околу него, подготвен на сè!
И уште една битна, особено битна разлика: еу (малите букви се…) односно некои странски амбасади беа длабоко инволвирани во ситуацијата во Македонија и поддршката за доаѓање на власт на онаа незрела политикантска партија. Дури и при изгубени избори, тие ги легитимираа и ги инсталираа во системот. Тоа во Србија го нема, односно ни еу ниту некој друг не застанува отворено зад протестите! Во таков случај, ако снс (малите букви се…) повторно победи на изборите…?!
Се разбира, ова е само потсетување на некои сличности и разлики помеѓу двете ситуации. И да не остане некои шупелки да ни држат предавања и да си ги мијат рацете со туѓи протести. Секако, меѓу двата примери има уште многу други специфики и финеси што би требало да бидат од интерес на некаква стручна јавност. Онаа што всушност ја немаме. А имаше и многу млади, и не само млади, и кај нас кои длабоко веруваа во демократските промени и на нив мора да им се оддаде почит. За жал, беа бескрупулозно изманипулирани од грст „независни“ криминалци и неколкумина лукративни политиканти!
П.С.
И не можам да не направам една актуелна споредба: ако некогаш кај нас во блиското минато „се тресеше гората“, тоа беше т.н. „Шарена револуција“. Ама не роди глушец туку стаорец – или поправо стаорци?! – кои ја сотреа земјата долж и попреку. И уште се тука, уште се гладни!
Извор: Теодосиевски уметност