Историјата на бал на чудовиштата
Како што (парафразирано) вели Дејвид Канадин, секогаш кога на историската трпеза на „малите“ народи им се нуделе раскош и богатства, златни клучеви и мед и млеко, тие имале превисока цена што се плаќа на крајот. Нашиот досегашен евроинтегративен но и внатрешно-политички пат, за жал, премногу наликува на таква трпеза, на таков бал!
Ако веќе (безмалку целосно, но со мал дел и наша вина) се соочивме со бесрамната дрскост на источниот и јужниот сосед низ наметнатите (не)културни војни (и) во овој век преку двата катастрофални договорa коишто повторно, по којзнае кој пат, ни открија дека нивните традиционални апетити не останале во минатото (како ни нашата историска глупост, за жал!), ако веќе (делумно) се соочивме и со онаа воинствена машинерија што сака да се нарекува еу (малите букви се…), а после дваесетгодишното држење на Македонија во ќошот за непослушни деца, ред е да се соочиме и со – себеси. Конечно, нели.
Иако, некој ќе рече, ние всушност цело време само тоа и го правиме, иако (можеби) на погрешен начин. Или за нашите „прогресивни стандарди“ кавгите, плукањето, етикетирањето…, се – вистинскиот начин? При што секогаш е виновен – другиот?! Не би рекол дека тоа е одлика на цивилизираните народи, ако ние мислиме дека сме дел од нив. Иако, би бил точен приговорот дека денес веќе и не се знае што точно означува тој поим. Погледнете ја впрочем Европа! Меѓутоа, сигурно не и ова што кај нас се случува.
Што пак, „елоквентно“ ни потврдува дека ние не сме тоа. За жал. Зашто вакво меѓусебно односно колективно непочитување себеси – уште помалку на сопственото минато! – не верувам дека денес се среќава кај друг цивилизиран народ. Или тие го одживеале тој период? Не знам, можеби, но ова кај нас е вистински бал на локални чудовишта, со не ретки (диригирани) упади „од страна“ – од соседните монструмчиња, од ѕверот викан еу итн. А притоа, кога ќе ги видите веќе познатите коалиции помеѓу локалниве и надворешните чудовишта, реалноста од бал се претвора во крвав пир. Со историјата како главен плен од кој секој граба што ќе посака. И конструира своја историја.
Просто е неверојатно како сопствената историја ја претвораме во плен, ја нудиме на распродажба секому кој добро ќе плати па може да ја черечи колку и како сака.
Еднаш сме „млада нација“ (наспроти сепак повеќевековното научно докажано постоење!) којашто, пази богати, се обидува „да си го дефинира своето место меѓу постарите и веќе етаблирани балкански нации“, па згора и се потсмеваме „дека нашата македонска нација е најстара и нема никакви допирни точки со никого“. Што е само ублажена формула за повторно подметнување на познатата „заедничка историја“, од која на некои им е невозможно да се одделат. Мислам, извинете, ама историјата не е баш шведска трпеза за секакви попатни минувачи или пригодна лепенка за дополнување на биографии! Секако, неопходна е внимателност „со идентитетските теми“ зашто ни прогласувањето на идентитетот не е привилегија не една (како што викаше некој) „мала група п…..“, па тие ќе го делат таму кадешто сакаат, или не. Уште помалку македонската реалност викана македонски граѓанин – како што впрочем и се покажа – е истата онаа лековерна аморфна маса од почетокот на деведестите на минатиот век, која се поклонуваше на самопрогласените наследници на партизаните и АСНОМ, па дури и на некакви двоумни „интелектуалци“ кои не знаеја каде попрво да седнат.
Оттука, напумпаните до пукнување ега на онаа провинциска квазилиберална „пајтон интелигенција“ најмалку има право да дели лекции за некаква „експлоатација“ на национални чувства, уште помалку пак да цени кој и со каква „карта“ победил на последните избори. Или тоа го говорат со оној познат „интелектуален“ провинцијално-пежоративен призвук во гласот, танцувајќи во лакирани чевлички по нотите на буржоаската еу која, се надеваат, веќе утре ќе ги направи – господа?!
Затоа, впрочем, ќе ги креваат во небо „сите идентитетски компромиси на претходните власти, направени во замена за безбедност и опстанок на државата“ (sic)! И ќе леат крокодилски солзи зошто тие биле „прогласени за предавнички“! Па какви да бидат? Или, замислете да останеше „во живот“ онаа стара таканаречена Историска комисија, на чиј тогашен претседател денес му пречи дури и спомнувањето на категориите „македонски идентитет, македонски јазик, македонска култура“, зашто со тоа неизбежно се добивал „впечаток дека потребата од гаранција за сопствениот идентитет е исто толку важна, ако не и поважна, од потребата за гаранција во процесот на преговори“. А тоа пак, види богати, раѓало сомнеж дека нам постојано ни треба „поголем брат“ како „гарант кој ќе го штити македонскиот идентитет“ (sic)!
Замислете какви политичко-психолошки „равенки“ влече македонската „наука“, дури и онаа под закрилата на една МАНУ (или се потребни мали букви?), со што се занимаваат тие „господа“ во нивното слободно време и каде ли ќе не однесеше таквиот „научен“ став во времето на старата Историска комисија? А впрочем, токму тие се најголемите поборници за скут на поголем брат, па макар и б’лгарски, зашто се тотално неспособни самите да соберат два и два!
И токму такви самопрогласени „компетентни“ ликови, којзнае како инфилтрирани во највисоките пори на „системот“ – ако воопшто некогаш и сме го имале! – седејќи во сенките на сегашните нивни „големи газди“ триесет години ни продаваат интелектуални фантазии за големи пари и функции. Или нивната основна задача е мемориската урамниловка, соцреалистичкото срамнување на нештата што излегуваат вон шаблоните на договорената „мисла“ што ќе нѐ однесе во еу? Како оние два договори од коишто нема поместување? За век и веков? Треба да бидеме задоволни со тоа што сме го добиле како подарок од соседите и нивниот ментор еу, да добиеме некоја нова верзија на себеси, на нашето минато и сегашност, со што, демек, ќе имаме сигурна иднина? И нема да ги тревожиме соседите – па и онаа еу – кои, како што вели Фројд, соседот (Nebenmensch) го гледаат како „трауматски натрапник“ и некој кој им го ремети вековниот замислен сон, и мир, а Лакан како „Das Ding“ и конечниот непретставителен предмет на посакување.
Обично, кога историјата носи таква „иднина“, таа е трпеза на којашто се гоштеваат разноразни чудовишта, „бал“ на скриени страсти и суети и ништо, ама баш ништо добро. Впрочем, токму отпорот кон таквата „иднина“ и таквото разбирање на историјата сервирана како шведска трпеза за ненаситни усти е важниот дел од македонското минато и револуционерните традиции. Зашто, како што (парафразирано) вели Дејвид Канадин, секогаш кога на историската трпеза на „малите“ народи им се нуделе раскош и богатства, златни клучеви и мед и млеко, тие имале превисока цена што се плаќа на крајот. Нашиот досегашен евроинтегративен но и внатрешно-политички пат, за жал, премногу наликува на таква трпеза, на таков бал!
Извор: Теодосиевски уметност