Германската влада деновиве соопшти дека ги продолжува контролите на надворешните граници за уште шест месеци. Граничните контроли имаат за цел да спречат понатамошно зголемување на бројот на нелегални влегувања. Во исто време, мерката се смета за важна алатка во борбата против криминалните мрежи што шверцуваат луѓе.
Соработката во рамки на Шенген зоната и понатаму е под сериозен притисок. Всушност, во колкава мера може да се зборува за слободно прекугранично движење кога веќе со години поголем број ЕУ-членки (вкупно девет земји) не попуштаат за да ги повлечат воведените „привремени“ гранични контроли? Контролите беа воведени по големата бегалска криза во 2015-16 година и терористичките атентати во Париз.
Во 2025 година околу 64 милиони луѓе родени надвор од ЕУ живееле во Унијата, што претставува околу 14 отсто од вкупното население. Во 2024 година 15 отсто од живородените деца во ЕУ се родени од мајки кои не биле државјани на земја од ЕУ. Во повеќе ЕУ-членки, меѓу кои Германија, Шпанија, Португалија и Луксембург, овој процент надминува 20 проценти.
Некаква засилена асимилација на имигрантите во европските земји не се случува. Напротив, во неколку земји се развива сегрегација, со паралелни идентитетски претензии – главно исламистички, но не и исклучиво такви – како и растечки културни противречности и безбедносни тензии. Гледано од таков аспект, како што укажува белгискиот политичар и филозоф, Дрие Годефриди, Европа не само што не успева да се „обнови“ туку се трансформира, мутира и минува низ метаморфоза во нешто радикално различно, помалку европско, помалку продуктивно на долг рок и помалку кохезивно.
Но, колкуава е ефикасноста на граничните контроли? Шведска ги продолжува граничните контроли со Данска на секои шест месеци во текот на единаесет години. Најновата одлука важи до ноември 2026 година. Од самиот почеток, Шведска ја наведуваше неконтролираната миграција како причина. Сега се повикува на сериозна безбедносна ситуација, вклучително и поради „сериозен прекуграничен криминал поврзан со државни актери и тероризам“.
Данска оди и чекор понатаму. За време на парламентарната дебата за неодамнешниот инцидент со миграцијата во Сеута во Данскиот парламент минатата недела, премиерката Мете Фредриксен ја покрена темата за непријателите на ЕУ. Покрај Русија, постои и непријател во ЕУ, истакна таа.
„Проблемот е што голем непријател почна да расте одвнатре“, смета Фредериксен, нагласувајќи притоа дека тоа се странци кои дошле во Европа, меѓу кои се и поддржувачи на Хамас, луѓе кои вршат терор против европските општества. Данската премиерка исто така вели дека тоа се луѓе „кои не ги признаваат нашите фундаментални европски вредности“, и кои сочувствуваат со некои од најтемните сили во светот. Значи, Европа е под закана, предупредува Мете Фредериксен, потенцирајќи дека проблемот е во тоа „што сме под закана и однадвор, а и одвнатре“, поради луѓе со исламска позадина кои, како што вели данската челична леди, за жал не го сакаат отвореното, слободно европско општество.
Изјавите во Данскиот парламент-Фолкетинг доаѓаат само неколку дена откако Фредериксен, заедно со италијанската премиерка Џорџија Мелони, презентираа заедничка иницијатива за промена на миграциската политика на Европа. Во заедничко писмо до европските лидери, двете шефици на влади се заложија за построги мерки против она што го опишуваат како неконтролирана миграција. Тие сакаат да видат, меѓу другото, повеќе враќања на азиланти и забрзување на плановите за отвирање центри за прием или враќање надвор од територијата на ЕУ. Во нивното обраќање силно се потенцира потребата од заштита на културното и христијанското наследство на Европа.
Како што беше укажано, ова треба да се разликува од претходното писмо потпишано од 22-ца од 27-те шефови на држави и влади на ЕУ на 1 август. Таа иницијатива беше координирана од Италија и Данска по драматичниот прилив на мигранти во Сеута и беше упатен повик за итен состанок на ЕУ за да се разговара за заеднички одговор. Во писмото, лидерите предупредија, меѓу другото, на неконтролирани масовни преминувања и таканаречената инструментализација на миграцијата и повикаа на построги мерки против нелегалната миграција.
Двете иницијативи се затоа одвоени, но се дел од истиот политички развој: Фредериксен и Мелони за кратко време зазедоа сè појасна заедничка позиција за значително построга европска миграциска политика. Во таков контекст, изјавите на Фредериксен во Фолкетингот сега добиваат посебно внимание.
Данската премиерка предводи социјалдемократска партија, додека Мелони е на чело на влада од европската десница. И покрај политичките разлики, миграцијата стана област каде што двете лидерки сè појасно следат заедничка линија. Во рамки на заложбите на данската влада за ефективизирање на миграциската политика, Фредериксен се залагаше разгледувањето на барањата за азил и враќањето на азиланти со одбиени барања во поголем обем да се случува надвор од Европа. Токму затоа, данскиот модел и овозможи да се здобие со имиџ на еден од најрестриктивните шефови на влади во однос на мигрантските политики во рамките на европската социјалдемократија
Најновиот развој јасно покажува дека Мете Фредериксен и Џорџија Мелони станаа најнеочекуваното политичко дуо во ЕУ, а нивната заедничка борба против миграцијата ја преобликува политичката карта на Европа.
Сликите од шпанската енклава Сеута на брегот на Северна Африка, каде што повеќе од 70.000 мигранти се упатија кон почетокот на август, дадоа нов поттик на дебатата како да се намалат мигрантските бранови. Веќе не станува збор за тоа кому треба да му биде дозволено да дојде во Европа – туку како да се зголеми бројката на оние кои без одлагање ќе бидат испратени назад.
Настаните привлекоа големо внимание и на меѓународно ниво. Елон Маск објави едно од најшироко споделуваните видеа од Сеута и накратко коментираше: „Ова е апсолутно инвазија“. Објавата доби милиони прегледи и стана еден од најзначајните придонеси во меѓународната дебата за границите на Европа.
Лидерката на германската екстремно десничарска партија Артенатива за Германија, АфД, Алис Вајдел, исто така го искористи настанот за да се залага за построги гранични контроли. Во објава на платформата X таа тврдеше дека мигрантите во Сеута отвораат ризици тие на крајот да се префрлат во други земји од ЕУ, вклучително и во Германија, и затоа побара границите веднаш да се затворат.
Во исто време, левичарски дебатери и политичари го критикуваат зострувањето на антимигранстката и евроскептичната реторика, предупредувајќи дека користењето изрази како „инвазија“ ризикува дехуманизирање на мигрантите и го отежнува водењето фактичка дискусија за миграциската политика во Европа. Кога политичарите зборуваат за мигрантите првенствено како закана за границите, благосостојбата и општествениот ред, се создава политичка средина во која ксенофобијата се нормализира и засилува.
Бркањето на непријателот што расте одвантре, значи, бркањето на оние кои се прогласуваат за внатрешни непријатели, не остава многу простор за поинакво толкување.