„Добрососедски“ археолошки испрдоци

Зарем уште не можеме да ги поврземе сите вакви скандалозни „Самоиловски“ точки во мозаикот наречен (ке)културна војна против Македонија? И што ние воопшто правиме во тој поглед и во одбрана на државата?

0

Нема да кажам дека не ги разбирам реакциите апропо „скандалот Самоил“. Ама зарем бевме толку наивни па верувавме – или веруваа, некои, кои сега симпатично си се нарекуваат „гордите слепци на Самоил“ – дека ги решиле сите проблеми, па остана само оној викан „Бугари во Устав“? Други пак се „чудат“ во каков тоа свет сака (Северна) Македонија да живее? Но како никој од овие „умници“ не се чуди зошто љубимите им Б’лгари со години измислуваат свои „браќа“ во Пустец – центар на Мала Преспа – само за да ѝ прават друштво на поголемата измислица викана останките на „можеби Самоил“? Нив не можеа да ги измислат, но успеаја да го одоброволат за трампа секогаш подготвениот побратим Мицотакис.

И зошто на овие наши локални „горди слепци“ толку им се допаѓа ваквото резилење на историјата коешто, де факто, ја докажува само нивната денешна дволична улога?






Но, како и во животот, така и во политиката сѐ си доаѓа на наплата. Или, попрво, сите идиотштини на политиката потоа доаѓаат на наплата во животот. Како впрочем и ова со Самоил, од неговите „слепци“. Што требаше и да се очекува. Можеби, барем за мене, не беше предвидлив баш конкретниот чекор, зашто такво нешто само на неарни мајтапчии од форматот на Бај Гањо може да им текне, но нешто слично – да. А кога на таков лик ќе му се придружи и некој соседен Караѓоз или Момос, плус и локален Итар Пејо од домашна опозициска провениенција, го добивате славното трио балкански малоумни мајтапчии и ова што ни го приредуваат деновиве. Откако еден грст бедни македонски итарпејовски политиканти и „големи“ еурофили им ги исполнија сите вековни сништа на кочоперните соседни итромани, требаше да знаеме дека ќе дојде мигот кога тие „новоцивилизирани“ европејци отворено, да простите, ќе ни се посерат врз главите! Без око да им трепне. Заедно со онаа „госпожа“ Урсула како главен капо на таквите процеси.

Меѓутоа, за волја на вистината, овој грчко-бугарски самоиловски дует со локални опозициски терцирања и под диригентската палка на еу (малите букви се…), како и да заврши, е само уште едно скаредно мајтапење со историјата и современоста на Македонија, една бизарна грчко-бугарско-сдсмовска циркусијада која што ќе постигне единствено спротивен ефект. Не само кај нас. А кога вакви „археолошки испрдоци“ на нечии „можеби“ коски би докажувале историја и идентитет, колкави ли колони со секакви „посмртни останки“ би се шетале низ светот!?

А ние – поточно нашиве „слепци“ – ќе глумат дека се изненадени наспроти бројните знаци, но и отворени укажувања дека нештата се далеку, многу далеку од „европејски“ чисти во валканата историско-идентитетска (не)културна војна на соседите градена речиси два века. Во која тие слепо и глупо ја турнаа земјава. Или не беше баш така слепо и глупо како што изгледа(ше) бидејќи тие сега целосно го игнорираат скандалот небаре – го нема?!

Згора, кога повторно го слушате локалниов Итар Пејо преправен во „лидер“ на опозицијата и неговиот уличарски говор како продолжеток на оние седумгодишни бит-пазарски „политики“ на неговите претходници и целата таа сељачка номенклатура, логично е да се прашате: па каде растела оваа багра, во која црна провинција, меѓу какви нелуѓе? Можно ли е во оваа Македонија, после сѐ што поминавме, па и после овој скандал со Самоил, и понатаму да има такви поединци и групи/„партии“ кои би распродале сѐ без око да им трепне, кои во актуелните состојби упорно ја бараат вината кај другиот плачејќи дека „сме во ќорсокак“, дека по наша вина нѐ нема пред вратата на Европа, дека сето ова било некаква патриотска глума зашто „името, јазикот, културата, идентитетот, па сè е зачувано во меѓународните договори“! А и „коскиве“ ли се таму бре шутрак? И ако навистина има комплетни идиоти во државава, зарем не се тоа токму тие што така мислат? Сосе онаа епохално идиотска теза дека со Бугарија и Грција нѐ поврзува заеднички начин на живот? Па зарем можеме да бидеме толкави идиоти?!

И зошто впрочем не отидоа кај Радев и Мицотакис да им го кажат тоа, но и да се наредат во поворката за испраќањето на посмртните останки на „можеби Самоил“ од Грција во Бугарија? А можеби навистина би им ги „спакувале“ и Охрид и Преспа како дополнителен подарок на Бугарите, да се почувствуваат малку поголеми македонофили?! Инаку, во слободно време, нашиве „слепци“ се, ете, тооолку загрижени „како живееме, зошто се селиме и бегаме што подалеку“ и не сакаат вака да им изгледа „животот до судниот ден“. Зашто би го вратиле она едно друго време, кога не беа слепци туку очиклени итарпејовци, кога дрпаа од сите страни и не ги интересираше многу „гладниот Македонец“!

Меѓутоа, и по којзнае кој пат: зарем уште не можеме да ги поврземе сите вакви скандалозни „Самоиловски“ точки во мозаикот наречен (ке)културна војна против Македонија? И што ние воопшто правиме во тој поглед и во одбрана на државата? Ако конечно и целосно ги исклучиме – а одамна требаше – сите оние малициозни навивачки гласови за некакво наше заостанување, ќорсокаци и слични будалаштини, што всушност прави власта контра оваа војна? Или смета дека ова не е војна туку некаква добрососедска, да простите, заебанција? Која што нема крај? Зашто, во случајов, и не само заради Самоил, сето ова што се случува во соседството и еу како нивен покровител одамна е директно и отворено вперено контра интересите на Македонија. Не само по нивна вина односно вина на соседите и „политиките“ на еу, туку и заради оние последни (за век и веков) седум сдсмовски години на национално предавство што ја доведоа државата до ова дереџе.

Инаку, крајот, за жал, ќе е сепак предвидлив. И тој ќе биде многу сличен на она дека „нашата ’заедничка историја’, всушност, е туѓа. Дека сме ја украле. Дека сме фалсификатори и лажговци. Дека, всушност, сме измислени и дека не постоиме“ (Героски).

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини