„ТУРАНДОТ“ НА 9 ОКТОМВРИ ВО НОБ Грандиозна музика и драматична приказна од Џакомо Пучини
„Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најпознатите во оперската литература – „Никој не спие“ („Nessun dorma“).
На 9 октомври, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Турандот“ од Џакомо Пучини – едно од највпечатливите дела во оперскиот репертоар, препознатливо по својата грандиозна музика, драматичната приказна и незаборавните вокални моменти.
Со изведбата ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, додека режијата, сценографијата и костимографијата се дело на светски реномираниот режисер Џанкарло дел Монако од Италија, чие име е синоним за врвни оперски продукции. Кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога на принцезата Турандот ќе настапи Николина Јаневска, додека улогата на Калаф ќе ја толкува гостинот од Кина, тенорот Ѕ-Жао Гуо. Во улогата на Лиу ќе настапи Биљана Јосифов, Тимур ќе го толкува Игор Дуловски, а во останатите улоги ќе настапат: Драган Ампов, Никола Стојчевски, Јане Дунимаглоски, Диме Петров, Марјан Николовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив по широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најпознатите во оперската литература – „Никој не спие“ („Nessun dorma“).