Цена? Права ситница!
Во суштината на безмалку сите филмови, снимени или се уште не сценарија, се меѓучовечките односи. Со слабостите, предавствата, лажниот морал, компромисите и компромитетите, егоизмот, дволичноста, и што уште не, што луѓето ги прави нелуѓе. Токму таму е вистинската драма.
Благодарение на природата на мојата професија, ја имав привилегијата да прочитам на стотици сценарија во мојот живот, од независни проекти до холивудски драматуршки конструкти напишани по сите правила на занаетот. И по сите тие изминати километри мастило, преточено или не, во целулоид, дојдов до еден речиси банален заклучок. Каква и да е жанровската рамка, колку и да се скапи специјалните ефекти, во суштината на безмалку сите филмови, снимени или сеуште не сценарија, се меѓучовечките односи. Со слабостите, предавствата, лажниот морал, компромисите и компромитетите, егоизмот, дволичноста, и што уште не, што луѓето ги прави нелуѓе. Токму таму е вистинската драма, или суспенс ако сакате, тој, чувствениот трилер во скоро секое сценарио е најсилниот. Тоа го продава филмот.
Постои едно тврдење дека безмалку целата драматичност во филмските дела е напишана уште во антиката, и дека како таква е апликативна, секако модифицирана и моделирана, сообразена со актуелниот момент според потребите и вкусот на современата публика. Но најбитно, според желбата на авторот, поточно раскажувачот. Во прилог на оваа теза се некои веќе апсолвирани светски успешници како на пример Кум 2 на Копола инспирирана од Есхиловата Орестија, потоа О Брате Каде Си? на Браќата Коен инспирирана од Хомеровата Одисеја, или пак филмот Матрикс каде што сижето на филмот за основа ја има Платоновата Пештера. Интересна е тезата дека сите приказни се веќе раскажани, а дека луѓето сепак со несмален жар ги дочекуваат и посетуваат сите нови варијации на темите, веќе видени. А тоа е најверојатно така затоа што на самиот почеток, сепак во основата на сите антички драми и митолошки приказни, инспирацијата филозофите и поетите, ја наоѓаат токму во реалниот живот. Кога реалниот живот е драма, приказните сами се пишуваат. А дали индивидуалната или семејна животна драма како филмска тема е апликативна и на општествениот актуелен момент е прашање за анализа. Но тука, наместо една класична анализа, еве ви еден краток синопсис, всушност првична сценаристичка предлошка за еден филм.
Сурова, драма, сместена во една од оние одамна неоплеменети згради каде што лифтот е тргни – застани и постојано заглавува меѓу катовите.
Во еден од становите на пониските катови живее една мајка со нејзините два сина. Таа е одамна изморена, со длабоки бразди околу очите и раце што ги носат сите белези на десетлетија поминати во грч. Мајка која предолго молчи и премногу простува.
Едниот син, љубимец на одамна починатот татко, е локалниот маалски лик. Фаворизиран, а всушност полуписмен, но неверојатно гласен. Човек кој себеси си припишува некаква псевдо-елитна маалска супериорност, иако секој во влезот го знае неговиот вистински профил и човечки потенцијал, зависник од лесни пари и уште полесни супстанции. За него, семејниот дом е само складиште, а сè што се наоѓа во него има своја брза, пазарна цена. Тој е крајно поткуплив, лишен од секоја грижа за утрешниот ден, со замаглен поглед заслепен од сопствениот порочен комфоризам. Кога му треба следната доза или следната илузија на моќ, тој без око да му трепне го изнесува од куќата она што генерации го граделе. Прво заминаа стариот мебел и сликите од ѕидот, потоа месинганите кваки, па семејните ордени од прадедото. За него, сè што е останато од семејното наследство е сосема небитно, евтино и лесно за тргување. А тогаш кога, по силата на приликите не е во можност да го распродава семејното, тогаш тој сопствената ароганција ја продава како мудрост.
Другиот син е негов антипод. Тивок човек, грижлив, трпелив и необично мудар за своето време. Додека братот ги распродава семејните реликвии по заложните куќи, овој го одржува станот во живот, ги крпи прозорците низ кои дува и со истрајност ја крепи мајката, одбивајќи да го прифати комплотот дека нивниот дом и семејство е дефинитивно осудено на пропаст.
Е, во оваа драма има и уште еден главен лик.
На најгорниот кат, во пространиот, совршено осветлен пентхаус, живее еден Господин. Тој е дискретен, одмерено љубезен, секогаш облечен во скапи кроеви и опкружен со студена, беспрекорна естетика. Овој Господин води ексклузивен, привилегиран социјален клуб за одбрани станари. Неговата желба е јасна, тој сака сите станари од зградата конечно да станат дел од тој клуб, за да се создаде една „елитна заедница“, отпорна на провинцијализам и мирис на евтина кујна. И затоа шурува со сите соседи на нашето несреќно семејство, кое пак одбива да се зачлени во неговиот клуб по цена, толку висока што би го ужаснала дури и Шекспировиот Венецијански трговец.
Господинот кој се претставува како, а тоа не е, добродетел е всушност врвен пресметлив манипулатор. Проценувајќи го секој стан одделно, тој прави непогрешлива дијагноза и за ова семејство. Истрајниот, син е премногу горд и проницлив, не подлегнува лесно на уцени, заклучува тој. Затоа, својата стратегија ја насочува кон попречниот, плиток и поткуплив син, зависникот. Господинот знае дека корисниот идиот е најкорисен кога не е свесен за сопствениот идиотизам, па затоа смислено го велича, му подидува и го бодри.
Господинот кон последниов приоѓа и со прецизно дозирани понуди. Го повикува на терасата од пентхаусот, му покажува како изгледа високиот живот и му поставува услови. За да добие пристап до клубот и да се чувствува како дел од елитата, корисниот идиот мора да ги исполнува сите негови барања без поговор.
И така започнува трговијата. Она кое на зависникот најмалку му значи, тоа прво го продава.
Неговото екстремно поведение, сега кога е мотивирано и од Господинот создава додатен хаос во семејството. Конфликтите на дневна база се мултиплицираат. Соседите уживаат во сеирот, но за зависникот, тоа е само уште една потврда дека тој е исправен во дејствијата. За него, Господинот е единствениот спасител. Без него, како што тој постојано им повторува на сите во зградата, нивното семејство е мртво, а станот ќе се сруши.
Денес, ако само за момент погледнете низ шпионката на таа врата, на вратата на нивниот стан, трговијата продолжува. Господинот бара уште. Сега на ред се семејните матични книги, сопствениот роден лист и историјата на предците. А синот-зависник веќе го држи ракавот од мајката, подготвен да го стави нејзиниот потпис на следниот договор, за уште една кратка, илузорна фикција на прифатеност.
За сега оваа филмска приказна нема наслов и крај. Ова погоре е само плот, недовршен плот. Обичен недовршен плот за една едноставна приказна за меѓучовечките односи. Приказна за еден влез, за една мајка, два сина и еден ладен сосед од најгорниот кат.
Во овој момент крајот на оваа семејна драма од реалниот живот е оставен на имагинацијата на читателот.
А, ако оваа и ваква семејна драма се обидеме да ја аплицираме во еден поширок општествен или глобален контекст, тогаш веројатно многу полесно ќе стигнеме и до имињата во филмот. Имињата на протагонистите.
Иницијалите на Господинот се Е.У.
Името на мајката е Македонија.
А имињата на синовите?
… е за сега, и тие, освен насловот и крајот, ги оставам на вашата непогрешлива интуиција.