Фон дер Лајен: наместо „решителен чекор“ – „разговарајте со Софија“

Она што можеше да се очекува од Брисел е нешто друго, а не само поттик за разговор, туку и рамка во која тој разговор ќе се води и гаранција што ќе следува ако се постигне договор.

1

Посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје требаше да биде повеќе од уште една протоколарна станица на нејзината балканска турнеја. Барем такви беа очекувањата што претходно беа создадени во јавноста.

Евроамбасадорот Михалис Рокас уште во септември изрази надеж дека посетата на Фон дер Лајен ќе претставува „одлучувачки чекор“ кон придвижување на Македонија во пристапниот процес. Токму затоа беше сосема логично да се очекува дека претседателката на Европската комисија во Скопје ќе пристигне со нешто поконкретно: политичка иницијатива, предлог-рамка за надминување на спорот со Бугарија, европско посредништво, патоказ или барем појасна формула за тоа што следува доколку Македонија го исполни она што од неа веќе се бара. Наместо тоа, по посетата добивме порака која во својата суштина може да се сведе на: разговарајте со Софија.






Фон дер Лајен потврди дека е договорен „прв нов чекор“ веќе следната недела, додека премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека по нејзин совет министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ќе побара билатерална средба со бугарската страна за време на престојот во Софија. Но тука неизбежно е да се постави прашањето: дали навистина тоа е „решителниот чекор“ што го очекувавме?

Македонија и без посетата на претседателката на Европската комисија можеше да испрати дипломатска нота во Софија и да побара разговор. За таков чекор не е потребна интервенција од високото раководство на ЕУ. Она што можеше да се очекува од Брисел е нешто друго, а не само поттик за разговор, туку и рамка во која тој разговор ќе се води и гаранција што ќе следува ако се постигне договор.

Дијалогот е средство, а не решение

Мене ми е многу јасно дека ниту еден политички спор не може да се реши без разговор. Во тој дел пораката на Фон дер Лајен е неспорна. Но дијалогот сам по себе не е политичко решение. Особено не ако предметот на спорот постојано може да се проширува и за тоа постојат сериозни најави од Софија.

Суштинската дилема за Македонија одамна не е дали треба да разговара со Бугарија. Прашањето е многу поконкретно: Што ќе се случи ако Македонија го исполни сегашниот услов, а потоа од Софија пристигне нов?

Токму на тоа прашање вчерашната посета не даде доволно јасен одговор. Од македонска страна обврската е исклучително конкретна. Фон дер Лајен повтори дека за движење кон отворањето на првиот кластер е потребен клучниот чекор поврзан со уставните измени.

Но кога станува збор за она што треба да го направи другата страна, речникот станува многу понеопределен: дијалог, добра волја, средби, разговори, надминување на разликите. Тука постои видлива асиметрија. Од Скопје се бара конкретен политички и уставен акт. Од Софија, барем јавно, се бара да разговара. Тоа не се обврски со иста политичка тежина.

Каде е европската гаранција?

На Македонија веќе не ѝ е доволна само декларативната порака дека нејзиното место е во ЕУ. Тоа го слушаме со години. И пораката на Фон дер Лајен дека македонскиот јазик, идентитет и култура имаат место во европското семејство несомнено има политичко значење. Но и тука треба да бидеме прецизни: политичката изјава за почитување на идентитетот не е исто што и институционален механизам што ќе спречи идни блокади.

Токму затоа од Европската комисија сега треба да се очекува нешто повеќе. Ако Брисел бара од Македонија одлука со долгорочни политички последици, тогаш не е неразумно Македонија да бара јасен одговор на неколку прашања како на пример: Што точно се затвора со уставните измени и што точно следува веднаш потоа? Дали отворањето на кластерот „Основи“ ќе биде извесно или повторно ќе зависи од нови политички барања и условувања од бугарска страна? И најважно: каква одговорност презема самата ЕУ ако договореното повторно се претвори во подвижна цел?

Без одговор на овие прашања, формулацијата „продолжете со дијалог“ звучи бенигно, стереотипно и студено бирократски како формула што може да се употреби за секој спор, но не и како сериозен европски одговор на конкретен проблем што со години ја држи Македонија во место.

Каде останаа и дали воопшто се практикуваат европските принципи во случајот со Бугарија?

Притоа, остануваат и неколку други прашања на кои Фон дер Лајен, како претседателка на Европската комисија, тешко дека може да остане само нем набљудувач. Како не се сети јасно да потсети дека самите европски институции со години предупредуваат дека нерешените билатерални спорови не треба да се претвораат во инструмент за блокирање на пристапниот процес? Европскиот парламент и во својата најнова Резолуција од март 2026 година нагласува дека билатералните прашања меѓу членки и кандидати треба да се решаваат билатерално и да не се користат за блокирање на проширувањето, а од Советот бара да спречи прашања што не се поврзани со Копенхашките критериуми да го попречуваат напредокот.

Уште понејасно е зошто македонско-бугарскиот случај се третира на начин кој создава впечаток дека билатералните историски и идентитетски прашања добиваат тежина каква што тешко може да се најде во другите пристапни процеси.

И конечно, легитимно е да се постави и институционалното прашање: како документ произлезен од меѓувладина средба (вториот Протокол) кој самиот по себе не е меѓународен договор ратификуван од највисокиот законодавен дом (Собранието на РМ) добива толкава политичка тежина преку упатувањето на неговото спроведување во европската преговарачка рамка? Токму овде Европската комисија требаше да покаже многу поголема чувствителност кон принципите на правна сигурност, еднаквост на кандидатите и предвидливост на процесот.

Наместо тоа, останува впечатокот дека правилата се толкуваат флексибилно токму таму каде што Македонија најмногу бара јасност.

Од Скопје кон Софија, а каде е Брисел?

Особено интересно е барањето македонскиот министер повторно да оди во Софија. Нема ништо спорно во билатералните средби. Напротив, тие се потребни. Но ако досегашните билатерални разговори не успеале да создадат трајна доверба, логично е да се праша зошто повторувањето на истиот формат сега би дало поинаков резултат?

Затоа клучното прашање не е дали Муцунски ќе отпатува во Софија туку: Дали овојпат Брисел ќе биде дел од решението или повторно само ќе ги упати двете страни една кон друга?

ЕУ располага со политички авторитет, дипломатски капацитет и институционални механизми за да помогне во создавање попрецизна рамка. Таа рамка не мора да значи дека Брисел „зазема страна“. Напротив. Може да значи дека Брисел станува гарант на процесот: што е договорено, кој што треба да исполни и што автоматски следува по исполнувањето.

Македонија не бара привилегија, туку предвидливост

Тука е можеби најважната работа. Прашањето не треба да се поставува како барање Македонија да биде ослободена од преземените обврски од минатата македонска власт. Но една кандидатска држава има право да знае каде завршува една обврска и каде почнува следната фаза од процесот. Тоа се нарекува предвидливост. Без неа, процесот на проширување престанува да изгледа како систем базиран на правила и сè повеќе почнува да наликува на политички лавиринт во кој целта се поместува секогаш кога кандидатот ќе стигне до неа. А токму Европската Унија инсистира дека проширувањето е процес заснован на заслуги. Ако е така, тогаш и напредокот мора да биде мерлив и предвидлив.

Можеше ли посетата на Лајен да донесе повеќе?

Веројатно да. На пример: трипартитен формат Скопје–Софија–Брисел; јасно дефинирана агенда; механизам за проверка на исполнетите обврски; политичка декларација на ЕУ за следните чекори; временска рамка; или јасно раздвојување меѓу билатералните историски прашања и европските критериуми за членство.

Таков пристап навистина ќе можеше да се нарече „решителен чекор“ кој за жал засега го немаме иако имаме само охрабрување. Ова не е она што јавноста го очекуваше по најавите за „одлучувачки чекор“ и што е во согласност со европските принципи за еднаквост, правна сигурност и предвидливост на процесот.

Наместо заклучок: не ни треба уште еден круг, туку излез од кругот

Македонија и Бугарија несомнено треба да разговараат. Но целта не смее да биде само да започне уште една серија средби. Целта треба да биде да се утврди каде завршува спорот како пречка за европската интеграција. Во спротивно, може да разговараме уште дваесет години, а по секоја завршена тема да се појавува нова.

Затоа најголемото очекување од Фон дер Лајен не требаше да биде таа да ни каже дека треба да разговараме со Софија. Тоа го знаеме одамна. Она што требаше да го слушнеме е: за што точно ќе разговараме, што ќе се смета за исполнето, што ќе следува потоа и кој ќе гарантира дека целта повторно нема да биде поместена. Дури тогаш дијалогот ќе престане да биде круг во кој постојано се враќаме на почетокот и ќе стане пат кон решение.

Овој пат, Фон дер Лајен не беше на висината на задачата. Од претседателката на Европската комисија очекував европско и одлучувачко решение, а добивме само европски совет повторно да тропнеме на вратата на Софија.

Поврзани содржини