ПЛУС 2 ЧАСА ЗА УГОСТИТЕЛИТЕ, БЕСПЛАТНО ВО ЈСП И ВО ЗООЛОШКА Скопје нема да спие за „Бела ноќ“, богата програма на повеќе локации
За „Бела ноќ“ на 3 октомври автобусите на ЈСП ќе бидат бесплатни од 18 часот до 5 часот наутро, а граѓаните ќе имаат и бесплатен влез во Зоолошката градина.
За време на манифестацијата „Бела ноќ“, која во сабота, 3 октомври, ќе се одржи во Скопје, угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје ќе имаат продолжено работно време за два часа.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави и дека автобускиот превоз со возилата на ЈСП ќе биде бесплатен од 18 часот на 3 октомври до 5 часот на 4 октомври. Бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.
– „Бела ноќ“ повторно во Скопје. Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. На 3 октомври, Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата „Бела ноќ“ – напиша Ѓорѓиевски.
Како што наведе градоначалникот, програмата ќе се одвива на повеќе локации низ градот. На 3 октомври, од 19 до 03 часот, плоштадите, мостовите, галериите, музеите и Старата скопска чаршија ќе бидат места за концерти, изложби, културни содржини и други настани.
„Ве поканувам заедно да го исполниме Скопје со љубопитност, насмевки и енергија и да ја почувствуваме неговата креативна сила“, порача Ѓорѓиевски.
Уметничката програма, според објавата, ќе се одвива на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред Македонската опера и балет, во Младинскиот културен центар, на Мостот на уметноста, на Боемска улица и во Старата скопска чаршија.
Дел од „Бела ноќ“ ќе бидат и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, Детскиот културен центар „Карпош“, Градската библиотека, Чифте амам, улицата „Македонија“ и Музејот на современата уметност.
„Излезете со семејството, повикајте ги пријателите и одберете ја својата прва станица. Дозволете му на Скопје да ве изненади со нешто што досега не сте го виделе, слушнале или почувствувале. „Бела ноќ“ е покана за сите генерации, за сите што го сакаат овој град и за сите што допрва ќе го доживеат“, напиша Ѓорѓиевски.
Манифестацијата, која годинава се одржува по 22. пат, е во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје. Програмата вклучува концерти, изложби, театарски претстави, диџејски настапи и содржини за најмладите.
Еден од главните музички настани е концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, закажан за 22 часот на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ.
Граѓаните за време на „Бела ноќ“ ќе можат бесплатно да го користат јавниот превоз, а бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.