Самоил, „заедничката историја“ и просторот што ѝ беше оставен на Софија
Во политиката на историската меморија, симболите често се помоќни од фуснотите. Државна церемонија во Софија и пораката дека „бугарскиот цар се враќа во татковината“ многу полесно можат да останат во јавната свест отколку сложената компромисна формула содржана во неколку реченици од документите на Заедничката комисија. Токму затоа овој случај треба да биде повод за сериозна преоценка на нејзината работа.
Настанот со пренесувањето на останките што му се припишуваат на цар Самоил во Софија повторно отвора едно многу посериозно прашање за Македонија: што всушност значи „заедничка историја“ и кој има право да го определува нејзиното политичко значење? Особено затоа што денешната бугарска реторика оди многу подалеку од формулата што беше прифатена во Заедничката македонско-бугарска историска комисија.
Во официјалната препорака на Комисијата стои дека „цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“. Во истиот документ се наведува и дека „цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја“, која ја споделуваат двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Токму оваа формула денес покажува колку може да биде политички чувствителна. Бугарската држава сега не зборува за Самоил првенствено како за „симбол на заедничката историја“, туку официјално го претставува како „бугарскиот цар Самуил“ чии останки се „враќаат во неговата татковина“. Во истото официјално соопштение Самоил е именуван и како „големиот бугарски владетел“.
Оттука неизбежно се поставува прашањето: дали Заедничката комисија, а особено македонскиот дел од неа, со прифатената формулација оставила премногу широк простор за ваква еднострана политичка интерпретација? Се разбира дека комисијата, не го договорила пренесувањето на останките во Софија и нема доказ дека учествувала во преговорите меѓу Грција и Бугарија.
И затоа нејзината одговорност не треба да се бара таму. Таа треба да се бара во формулацијата што ја прифатила и во политичките последици што таквата формулација можела да ги произведе и кои денес веќе се видливи.
Со прифаќањето на определбата дека државата на Самоил „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство“, македонските членови на Комисијата се согласиле со формулација која денес Софија може многу лесно да ја претвори во едноставна политичка порака: „Самоил бил бугарски цар, па оттука и Бугарија е неговата татковина“. Според мое лично мислење ова е политичката интерпретација што денес ја произведува и пропагира официјална Софија, а не формулација на Комисијата во нејзината целина.
Проблемот е токму во тоа што истиот договорен текст содржи и нешто друго: дека Самоил е „симбол на заедничката историја“ и дека центарот на неговата држава бил на територијата на денешна Република Северна Македонија. Токму затоа денес мора да се праша: каде исчезна тој дел од договореното?
Ако Самоил е навистина дел од „заедничката историја“, тогаш тој принцип не може да важи само кога Македонија треба да прифати чувствителна историска формулација, а да престане да важи кога Бугарија го претставува Самоил пред сопствената и меѓународната јавност.
Во спротивно се создава очигледна асиметрија: кога од Македонија се бара компромис, цар Самоил е „заедничка историја“; кога Бугарија го претставува пред светот Самоил е „бугарски цар кој се враќа дома“.
Токму оваа асиметрија го отвора и прашањето за одговорноста на македонскиот дел од Комисијата. Не како правна вина и директна одговорност за денешниот договор меѓу Софија и Атина туку како прашање дали, при прифаќањето на ваквата формулација, доволно биле предвидени нејзините можни идни политички употреби.
Ова прашање станува уште посериозно ако се има предвид дека Бугарија одамна не ја третира работата на Заедничката комисија само како академско прашање. Во својата Рамковна позиција од 9 октомври 2019 година, бугарската влада изречно побара при одбележувањето на личности и настани за кои е постигната согласност, политичките фигури, државните институции во Северна Македонија и медиумите финансирани од државниот буџет своите официјални изјави да ги засноваат врз текстовите договорени во Комисијата. Во истиот документ се бара постигнатите договори да бидат одразени и во учебните програми, историските споменици, музеите, книгите, документарните изданија и филмовите финансирани од државата.
Тоа покажува дека Софија уште тогаш ѝ припишувала на Комисијата не само научна, туку и конкретна политичка и јавна функција. Оттука, сосема легитимно е прашањето дали македонските членови на Комисијата, при прифаќањето на толку чувствителни формулации, доволно ја земале предвид и нивната можна идна политичка употреба.
Заедничката комисија, впрочем, не е обичен научен семинар. Таа е тело произлезено од меѓудржавниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, а нејзините резултати имаат непосредно значење за образованието, официјалните чествувања и за начинот на кој двете држави ја претставуваат историјата. Оттука, секоја договорена реченица има и политичка тежина.
Затоа не е доволно да се каже дека определена формулација била научно прифатлива. Требало да се постави и друго прашање: како оваа формулација може утре да биде употребена од бугарската држава?
Денес дел од одговорот го гледаме. Со ваквата формулација Бугарија доби дополнителен аргумент што може селективно да го вградува во сопствениот државен историски наратив. Истовремено, во сегашната официјална реторика многу помалку се нагласува другиот дел од договорената „заедничката историја“.
Тоа е суштинскиот проблем. Не станува збор само за тоа каде ќе бидат положени останките што му се припишуваат на Самоил. Станува збор за тоа кој ќе го контролира значењето на тој чин.
Во политиката на историската меморија, симболите често се помоќни од фуснотите. Државна церемонија во Софија и пораката дека „бугарскиот цар се враќа во татковината“ многу полесно можат да останат во јавната свест отколку сложената компромисна формула содржана во неколку реченици од документите на Заедничката комисија. Токму затоа овој случај треба да биде повод за сериозна преоценка на нејзината работа.
Не со навреди кон историчарите и не со однапред изречени пресуди, туку со едно многу конкретно прашање: дали македонските членови на Комисијата, прифаќајќи ја формулата за Самоил, доволно го заштитиле македонскиот историски интерес и дали ги предвиделе последиците од формулација што Софија денес може селективно да ја употребува?
И на крајот да резимирам. Комисијата не ги испрати останките во Софија. Но со формулацијата што ја прифати, остави простор Софија денес да го претставува нивното пренесување како дополнителна потврда на сопствениот национален историски наратив.
И токму затоа македонската јавност има право да побара јасен одговор: со какви аргументи и со каква проценка македонските членови на Комисијата ја прифатиле формулацијата која денес ѝ остава на Софија простор селективно да го користи Самоиловото наследство во сопствениот национален историски наратив?
За таквата одлука не е доволно молчење, потребна е јасна политичка и стручна одговорност пред јавноста.