КОГА СЕ ЗАПОЗНАЛЕ ТОЈ ИМАЛ 43 ГОДИНИ, А ТАА 23 Приказната за Раде Шербеџија и Ленка Удовички и нивната љубов што трае повеќе од три децении
Се сретнале во Суботица поради проблем кој таа го имала со негов студент, а професионалниот разговор неочекувано прераснал во љубовна приказна, која заврши со брак и формирање на семејство со три ќерки
Некои љубовни приказни започнуваат со големи очекувања, а други сосема случајно. Раде Шербеџија и Ленка Удовички спаѓаат во втората група. Нивната средба во 1990 година во Суботица првично немала никаква романтична заднина – Ленка сакала да разговара со него поради проблем со еден од неговите студенти.
Шербеџија тогаш бил една од најпознатите личности на поранешната југословенска актерска сцена и во Суботица работел на претставата „Кралот Едип“. Ленка, која штотуку ја завршила Академијата за драмски уметности, работела на помала претстава во која играле негови студенти од Академијата во Нови Сад.
– Се запознавме во 1990 година во Суботица. Тој дојде да работи на „Кралот Едип“ на тамошниот фестивал, а јас штотуку ја имав завршено академијата и дојдов да работам на една помала претстава. Работев со неговите студенти од новосадската Академија – раскажала Ленка во интервју за „Јутарњи лист“.
Еден ден имала проблем со еден од студентите и сакала да разговара со Шербеџија. Така започнал нивниот прв разговор, а никој од нив тогаш не можел да знае дека токму таа средба ќе го промени нивниот живот.
Разликата од 20 години, вели Ленка, никогаш не ѝ претставувала проблем. Нејзините родители исто така имале значителна разлика во годините – татко ѝ бил 18 години постар од нејзината мајка.
– Тој имаше 43, а јас 23 години. Татко ми беше 18 години постар од мајка ми и тоа ми беше пример дека годините не се пречка за љубовта. Отсекогаш ми се допаѓале постари мажи, со поголемо животно искуство – раскажала таа.
Сепак, Ленка признава дека на почетокот не била воодушевена од фактот што околу Шербеџија постојано имало внимание. Напротив, неговата огромна популарност дури ја одбивала.
– Таa негова популарност на почетокот многу ме одбиваше, а ми се чини дека на крајот токму тоа одбивање ме привлече кон него – раскажала таа во друга прилика.
Во театарските кругови во тоа време кружеле и разни приказни за познатиот актер, но Ленка не го познавала лично. Подоцна раскажувала дека не сакала да се води според туѓите муабети.
Односот меѓу нив се развил брзо, а веќе следната година, на 29 јуни 1991 година, се венчале во Белград.
Од нивниот брак се родиле три ќерки – Нина, Вања и Милица. Шербеџија од претходниот брак со Иванка Церовац ги има и синот Данило и ќерката Луција.
И двајцата се занимаваат со театар, но нивниот однос имал и несогласувања. Ленка отворено зборува за неговиот карактер и високите стандарди што ги има, особено кога станува збор за работата.
– Раде е навистина строг. Тој е човек кој има високи уметнички стандарди и критериуми, пред сè кон себе, а потоа и кон сите други. Тука нема попуштање. Дури мислам дека кога некој ти е близок и важен, тогаш човек е уште построг – рекла таа.
Но зад строгоста, според неа, постои голема меѓусебна почит. Нивниот брак го опишуваат како однос во кој и двајцата имаат свои ставови, стандарди и мислења, кои понекогаш воопшто не се исти.
Токму затоа, велат, нивниот заеднички живот се темели на компромис, разбирање, доверба и почит.
Шербеџија, пак, со години зборува со голема нежност за својата сопруга. Во една од своите изјави ја опишал како одлична мајка, внимателна, трпелива и мудра жена.
– Отсекогаш сум ѝ се восхитувал. Можам само да кажам дека сум среќен што стареам и живеам со таква жена, хумана, сочувствителна и чесна – рекол актерот.
Тој особено ја истакнува нејзината посветеност кон семејството и луѓето околу неа, но и нејзината улога во неговиот професионален живот.
– Без неа немаше да се случи Меѓународниот театарски фестивал „Улисес“ (Ulysses), ниту други убави настани во мојот живот – рекол Шербеџија.
Фестивалот „Улисес“, кој двајцата го основаа на Бриони, со години е едно од нивните најзначајни заеднички уметнички остварувања. Ленка е режисерка и уметничка директорка на фестивалот, додека Шербеџија е негов основач и еден од неговите најпрепознатливи учесници.
Сепак, нивниот живот, никогаш не бил идеализирана приказна без расправии. И самиот Шербеџија признава дека понекогаш се караат, но смета дека и тоа е нормален дел од долгогодишниот заеднички живот.
– Не велам дека секогаш ни тече мед и млеко. Понекогаш знаеме и да се скараме, но и тоа е дел од животот – рекол тој нагласувајќи дека можеби токму тоа е тајната за нивниот успешен брак.