„НИКОГАШ НЕ ГЛУМЕШЕ ЅВЕЗДА, А БЕШЕ НАЈГОЛЕМА ЅВЕЗДА ОД СИТЕ“ И Раде Шербеџија се прости од Мишо Ковач кој денес беше погребан во Загреб
Мишо Ковач беше погребан во кругот на семејството на гробиштата Мирогој, во Загреб, покрај синот Еди. Во меѓувреме и Раде Шербеџија се прости од долгогодишниот пријател со кој глумеле заедно и во еден филм
По спектакуларното збогување на сплитскиот стадион „Пољуд“, на кое десетици илјади луѓе ги пееја неговите песни, Мате Мишо Ковач беше погребан во тишина, во кругот на најблиските. Легендарниот пејач почива на загрепските гробишта Мирогој, покрај својот син Еди, чија прерана смрт остави длабока трага во неговиот живот.
Ден претходно, Сплит му приреди големо испраќање на „Пољуд“, каде што повеќе од 30.000 луѓе се собраа да му оддадат почит. Неговите песни ги пееја колеги и пријатели, меѓу кои Џулијано, „Клапа Ришпет“, Дражен Зечиќ, Младен Грдовиќ, Јошко Чаљушиќ Џоле и Ален Ниетиќ. Особено емотивен беше моментот кога возилото со ковчегот помина покрај трибините, додека присутните ги пееја стиховите на песната „Само небото може да нè раздели“.
Но, зад сценската легенда и милионите продадени плочи стоел човек што, според неговиот долгогодишен пријател Раде Шербеџија, никогаш не се однесувал како ѕвезда. Актерот се присети дека се запознале во раните седумдесетти години, кога двајцата гостувале во иста телевизиска емисија. Мишо пристигнал со мотор, а нивното пријателство започнало токму тогаш, во периодот кога паралелно им се развивале и кариерите.
– Многу емотивно ја доживеав веста за неговата смрт. Иако многу одамна не сме се виделе, бевме добри пријатели. Отсекогаш го сакав, уште од почетокот кога тргна на естрадата – раскажал Шербеџија за „Слободна Далмација“. Тој го пофалил и неговиот глас – мелодичен, силен и препознатлив – но и начинот на кој Мишо ги претворал песните на големите композитори во хитови.
Нивното пријателство станало уште посилно кога заедно го снимале филмот „Попладнето на еден фазан“ од 1972 година, единствениот филм во кој Мишо Ковач глумел. Во него играле група млади актери на кои им бил потребен пејач, па го избрале Мишо.
Шербеџија се сеќава дека бил опуштен и талентиран пред камерите, иако сите го познавале првенствено како пејач. Жали што подоцна не снимил уште некој филм, но смета дека станал толку препознатлива ѕвезда што било тешко публиката да го прифати во поинакви улоги.
Двајцата се дружеле и надвор од снимањата, посетувајќи се со семејствата и организирајќи заеднички вечери. Шербеџија се присетил и на тешкиот животен пат на Мишо, особено на загубата на синот Еди, трагедија од која пејачот никогаш целосно не се опоравил.
– Мишо беше човек од народот. Никогаш не глумеше и не се правеше ѕвезда. Секому му беше нормално да му пријде, да разговара со него, да се напие нешто и да се насмевне. А кога ќе се качеше на сцената, беше најголемата ѕвезда од сите – рекол актерот.
Токму таа разлика меѓу човекот што без помпа се дружел со луѓето и пејачот што можел да го крене на нозе целиот стадион, можеби најдобро ја објаснува посебната врска што Мишо Ковач ја имал со публиката. Неговите песни, како што покажаа и деновите на збогување во Шибеник и Сплит, продолжуваат да живеат и по неговата смрт.