ИСТРАГА ПРОТИВ ГОЛМАНОТ ПО СМРТТА НА АЛАМЕДА Полицијата проверува дали имало убиство од небрежност
Шпанската полиција го истражува судирот во кој голманот на Андора, Хесус Овоно, тешко го повреди фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел Аламеда, кој подоцна почина во болница.
Шпанската национална полиција отвори истрага против голманот на Андора, Хесус Овоно, по смртта на фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел Аламеда, кој почина утрово од повредите здобиени во жестокиот судир на синоќешниот натпревар од втората шпанска лига.
Одделот за убиства при шпанската национална полиција го истражува случајот, а според Ројтерс, се проверува можноста за кривично дело убиство од небрежност.
Трагичниот инцидент се случил во судиското продолжение на натпреварот. Аламеда тргнал во контранапад од сопствената половина, кога се судрил со Овоно, кој истрчал од својот шеснаесетник за да ја пресече топката.
Во жестокиот контакт, коленото на голманот го погодило фудбалерот во градите и лицето, по што Аламеда паднал на тревникот во бессознание. Тој се здобил со тешки повреди и доживеал срцев и респираторен застој.
Случајот предизвика големо вознемирување во Шпанија, особено поради жестината на судирот и драматичната медицинска интервенција. Аламеда бил реанимиран, а потоа самостојно дишел додека го транспортирале во болница.
Од клубот првично соопштиле дека неговата состојба е сериозна, но стабилна. Сепак, утрово објавиле дека фудбалерот починал откако дошло до влошување на неговата невролошка состојба.
Според шпанското законодавство, за секоја смрт што се смета за неприродна автоматски се покренува судска истрага.
Аламеда е роден во Мадрид во 1996 година, а во текот на кариерата настапувал за Леганес, Унионистас и Кастељон, пред минатата година да потпише за Тенерифе.
По трагичната вест се огласи и сопственикот на Андора, Жерард Пике.
– Жал ми е од дното на душата. Почивај во мир, Хесус – напиша Пике.