ЉУПЧО ЗЛАТЕВ АПЕЛИРА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА ДА ГО ПРЕИСПИТА АНГАЖМАНОТ НА ПЕТАР БОГОЈЕСКИ Како може човек што поддржува семејно насилство и „надзор“ над жените да воспитува идни офицери?

Човек со ставови како Богојески не треба да биде дел од образованието на идните офицери на македонската Армија, вели уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев.

22

Уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, упати јавен апел до раководството на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ да ја преиспита позицијата на универзитетскиот професор Петар Богојески, по неговите контроверзни изјави за жените, семејното насилство и потребата од „машки надзор“.

Во емисијата „Утринско еспресо“, Златев порача дека човек со такви ставови не треба да биде дел од образованието на идните офицери на македонската Армија.






Повод за реакцијата беа изјавите на Богојески во телевизиска дебата на националната телевизија Алфа, во која тој говореше за брачните односи, неверството и за феминизмот.

Богојески, кој е и претседател на политичката партија Македонски концепт, во дебатата тврдеше дека реакцијата на сопругот по неверство од сопругата претставува заштита на неговото достоинство, а не насилство. Тој исто така изјави дека феминизмот ги натерал жените да отфрлат секаков „машки надзор“.

Златев оцени дека ваквите ставови се неприфатливи, особено кога доаѓаат од универзитетски професор кој учествува во образованието на идните припадници на Армијата.

– Овој човек е професор. Овој човек е педагог. Овој човек ги образува идните офицери, идните генерали, идните капетани, идните војници на македонската армија. Тој е професор на Воената академија која го носи името на еден од најголемите македонски великани, Михаил Апостолски – рече Златев.

Тој нагласи дека прашањето не е само во индивидуалните ставови на Богојески, туку и во одговорноста на високообразовните институции кои ги подготвуваат идните офицери.

Златев најави дека ќе испрати и официјално обраќање до раководството на Академијата.

– Го повикувам деканот на Воената академија, ќе му упатам денеска имејлови, да ја преиспита позицијата на овој човек. Го повикувам Наставно-научниот совет на Универзитетот Гоце Делчев во Штип да преиспита дали ваков човек треба да ги образува идните офицери, идните генерали, идните борци за Македонија – порача Златев.

Според него, станува збор за прашање кое директно ја засега довербата на родителите и граѓаните во образовниот систем.

Петар Богојески во 2025 година беше избран во наставно-научно звање доцент во областа економија и бизнис на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

СКАНДАЛ НА НАЦИОНАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА Богојески го релативизираше семејното насилство и побара „машки надзор“ врз жените

Поврзани содржини