Знаеме ли со кого преговарамe за да влеземе во „клубот“?

Кога се менуваше името и кога се кршеше Уставот, странскиот фактор не можеше да го направи тоа само со сила; му требаа локални професори и интелектуалци кои ќе излезат на телевизија и ќе му кажат на народот: „Ова е за наше добро, ова се европски вредности, мора да бидеме прагматични.“

0

Зошто ЕУ ги толерира нашите владетели кои создаваат услпви да горат деца во дискотеките (шупи) и болниците (лимени контејнери)? ЕУ знае дека македонските политичари се длабоко корумпирани, но токму тие корумпирани политичари беа единствените кои беа подготвени да го сменат името, да потпишуваат договори и да ја одржуваат Македонија како послушна колонија. За Брисел, владеењето на правото во Македонија е неважно, сè додека владетелите ги исполнуваат геополитичките желби на Западот.

Промената на името на државата не беше дипломатија, тоа беше чин на неоколонијален господар кој му го менува името на својот слуга. Тие ни порачаа дека нашето право на самоопределување не важи, затоа што за нив ние сме „втора класа“ Европејци.






Ова може да го анализираме како школски пример за лагата за „европските вредности“. Сетете се на период пред промената на Уставот и Преспанскиот договор. Во Скопје се случи вистинска парада на светската моќ. Од Ангела Меркел, преку Себастијан Курц, до функционери како Урсула фон дер Лајен (која тогаш беше министер за одбрана на Германија) — сите дојдоа со таква мантра. Посетата не беше од почит кон македонскиот народ. Тие беа тука за да го завршат договорот. Се однесуваа како агресивни корпоративни лобисти: „Потпишете го овој штетен договор (промена на името), и ние ви овозможуваме влез во рајот (ЕУ).“

Но, штом Уставот се смени и државата го загуби суштинското име, вратата се затвори. Ветувањата за итен почеток на разговор испарија. Прво дојде француското вето (барање за нова методологија), а потоа бугарското вето (барање за бришење на историјата и јазикот). Ова се случи затоа што Европа ги доби своите геополитички цели (го затвори прашањето со Грција), а Македонија, остана целосно обезвреднета. Ова е доказ дека за европската елита, потписот и ветувањето дадено на балканскиот народ не вреди ништо.

Вториот дел од измамата беше поврзан со НАТО. Народот беше убедуван дека НАТО не е само оружје, туку и економија — дека нашето градежништво, ИТ и услужните компании ќе добијат тендери од Алијансата. Што добивме? Добивме да одвојуваме 2% од нашиот сиромашен буџет за купување (западно) оружје. Нашите компании не добија никаков пристап до големите воени проекти. Напротив, ние станавме само пазар за нивната воена индустрија. Тие заработуваат продавајќи ни оклопни возила, додека нашите болници имаат основни лекови.

Сегашното барање за промена на Уставот води кон Европската комисија и нејзините бирократи. Главниот адут со кој претседателката на Европската комисија настапува пред македонските власти е Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, тежок вкупно шест милијарди евра. „Овој финансиски пакет е дизајниран да понуди двојна корист и тоа директни инвестиции и фондови каде Македонија ќе има пристап до стотици милиони евра наменети за клучни инфраструктурни проекти и постепена интеграција на единствениот пазар во која Брисел нуди прелиминарно отворање на делови од европскиот пазар за македонските компании уште пред официјалното членство. Тоа значи намалување на бариерите во трговијата, олеснување на бизнисот и побрзо економско приближување до стандардите на Унијата“. Ова е новото ветување и новата мамка.

Инаку, Урсула фон дер Лајен претседателка на Европската комисија, е личност со фасцинантна, но и контроверзна биографија, особено кога ќе се анализира нејзиното потекло и образование низ призмата на европската елита. Започнала студии по економија во Гетинген, Минстер, па дури и на Лондонската школа за економија (LSE) каде студирала под лажно име („Rose Ladson“) бидејќи имало закани дека ќе биде киднапирана од левичарски терористи (Фракција на Црвената Армија) поради статусот на нејзиниот татко. Подоцна се префрла на медицина. Во 1987 година дипломира на Медицинскиот факултет во Хановер (Medizinische Hochschule Hannover – MHH).

Во 1991 година таа докторирала на истиот факултет во Хановер. (Во 2015 година имаше голем скандал кога беше обвинета за плагијат на нејзиниот докторат, каде беше утврдено дека има препишани делови, но Универзитетот одлучи да не ѝ ја одземе титулата, тврдејќи дека тоа биле „технички грешки“, што предизвика сомнежи за заштита на елитата).

Универзитетите и медицинските установи во Хановер (како и низ цела Германија) имаат многу мрачно минато поврзано со расната хигиена и еугениката. Организираното медицинско образование во Хановер има директен историски континуитет со болниците и клиниките од времето на Третиот Рајх. По Втората светска војна, огромното мнозинство од германските професори по медицина, психијатрија и генетика (кои пишувале и применувале закони за еугеника и стерилизација) не беа судени, ниту избркани. Тие едноставно ги сменија имињата на катедрите. Катедрите по „Расна хигиена“ (Rassenhygiene) станаа катедри по „Човечка генетика“ (Humangenetik), а професорите кои селектирале пациенти за стерилизација продолжија да предаваат на универзитетите во 50-тите, 60-тите и 70-тите години.

Медицинскиот универзитет во Хановер (како релативно понова институција формирана во 60-тите) неминовно ги апсорбирал кадарот и традициите од постарата медицинска елита на Долна Саксонија. Германската медицина генерално дури во 90-тите години почна вистински да се соочува со фактот дека нејзините најголеми повоени авторитети биле всушност преживеани еугеничари.

Оваа биографија на Фон дер Лајен е совршен доказ за репродукцијата на елитите и капиталот. Личноста која денес ги диктира условите на цела Европа, и која ни држи лекции по демократија на Балканот, не е човек од народот. Таа е ќерка на европски функционер, омажена во аристократско-индустриско семејство, со образование стекнато во елитни институции кои ги штитат своите. Таа е персонификација на оној модерен „неоколонијален“ систем за кој функционира според логиката на моќта и хиерархијата, маскирана зад убави зборови.

Зошто Урсула фон дер Лајен и европските дипломати одлично се разбираат со нашите корумпирани политичари? Затоа што, и покрај тоа што нашите носат поевтини костуми и се погруби, и едните и другите се елита отуѓена од реалноста. Европскиот бирократ никогаш не чекал во ред за на лекар, никогаш не стравувал дали судот ќе го заштити и никогаш не изгубил дете во запалена модуларна болница. Нашите владетели, исто така, се лекува во приватни клиники и има приватни судии. Тие зборуваат ист јазик — јазикот на недопирливите.

Тие не знаат како изгледа реалниот живот. Луѓето што ја водат Европа се раѓаат во политички семејства, се мажат за индустријалци и барони, студираат под лажни имиња заштитени од полицијата, и системот секогаш им ги простува грешките. Тие живеат во стаклено ѕвоно. Кога таквите луѓе ќе седнат на маса со нашите домашни политичари и газди тие не преговараат за вашата иднина, туку за нивните интереси. Тие одлично се разбираат меѓу себе, затоа што ниту европската елита, ниту македонскиот „елити“ не ги почитуваат законите што ги пишуваат за обичниот народ.

Политичарите по природа се борци за моќ, за бизнисот и за профитот — од нив можеби и се очекуваше да ја ограбат државата. Но, интелектуалците, професорите и академиците се имунолошкиот систем на една нација. Кога имунолошкиот систем ќе затаи, или уште полошо — кога ќе почне да им служи на политичарите, тогаш организмот останува незаштитен. Во социологијата и филозофијата овој феномен е познат како „Предавството на интелектуалците“ (La Trahison des Clercs).

Еве зошто нивниот грев е најголем и најгрозоморен: За разлика од обичниот работник кој молчи од страв да не ја изгуби работата и да не остане гладен, македонската академска елита молчеше за да не ги изгуби своите привилегии. Тие ја продадоа вистината за удобни фотелји во МАНУ, за декански функции, за учество во управни одбори и за европски грантови. Гледаа како политичарите ја уништува државата во 90-тите, гледаа како судовите газат по правдата, гледаа како на нацијата ѝ се врши идентитетски инженеринг — и одбраа да молчат.

Кога се менуваше името и кога се кршеше Уставот, странскиот фактор не можеше да го направи тоа само со сила; му требаа локални професори и интелектуалци кои ќе излезат на телевизија и ќе му кажат на народот: „Ова е за наше добро, ова се европски вредности, мора да бидеме прагматични.“ Тие го искористија својот авторитет и своите титули за да го анестезираат народот додека државата се оперираше на живо. Тие станаа адвокати на егзекуторите. И како после ова еден студент да верува во правда, кога академиците молчат како залиени пред најголемите национални понижувања? Интелектуалците во Македонија не само што ја предадоа својата генерација, туку ја отруја и следната, учејќи ги младите дека наведнувањето на главата е единствениот пат до успехот.

(Проф. д-р Богданчо Гогов е редовен професор во пензија при Факултет за Безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола)

 

.

 

Поврзани содржини