Провинциски „затупена“ реалност

Онакви зборови во највисокиот политички дом искажани од еден претседател на партија – или „партија“, како сакате – со амбиции да биде дури и лидер на опозиција, се елементарно непознавање на основните стојности на нормален дијалог, недостаток на цивилизациски и културни премиси неопходни за човек во дваесет и првиот век, не пак за начин на политичка комуникација во еден Парламент.

49

Олкава простотија речиси и да не сме виделе досега не само на македонскава таканаречена политичка сцена туку и во јавниот збор, вклучувајќи ги тука и медиумите, се разбира. Не само што рамништето на пристојност, културно однесување и елементарен обид за нормален дијалог се одамна збришани од вокабуларот и однесувањето на главните „актери“ на таа сцена туку тоа веќе се граничи со крајна непристојност и провинцијализам од најдолен вид. Оттука и она „таканаречена“ е само благ деминутив за ова што се случува во македонската политика која што еден грст простаци ја претворија во ѓубриште, политички отпад, септичка јама.

Онакви зборови во највисокиот политички дом искажани од еден претседател на партија – или „партија“, како сакате – со амбиции да биде дури и лидер на опозиција, се елементарно непознавање на основните стојности на нормален дијалог, недостаток на цивилизациски и културни премиси неопходни за човек во дваесет и првиот век, не пак за начин на политичка комуникација во еден Парламент. И кога такви поединци ви говорат за некаква еу (малите букви се…) кон која наводно стремат, како некој може да им верува? И како ли тие простаци си ја замислуваат таа еу? Или тие таму глумат нормални, цивилизирани господа а дома се расфрлаат со пцовки и гадости?






Кога политичкиот говор е заменет со онакви вулгарности, елементарна некултура и невоспитување, тогаш во земјата запчнува да владее простотијата наместо цивилизираноста, провинцијата наместо европскиот манир, политикантството и силеџиството наместо политиката. Зашто, во суштината истите или слични квалификации, ако веќе мора да бидат изречени, можат да бидат соопштени, прво, со повоздржан и соодветен јазик, и второ – со квалификувана аргументација. Наместо тоа, се наметнува селска кавга, уличарски жаргон и неаргументирани обвинувања. Сето тоа говори не само за отсуство на политички сенс и поведение туку и за потценување на политичкиот противник, но и на граѓаните кои ни криви ни должни мораат да слушаат разноразни политикантски палјачовци во улога на некакви опозиционери.

Но, од друга страна, таквото недемократско и асполутно силеџиско однесување е де факто и сигнал за онаа сурија гласноговорници на таа политикантска опција за ист речник и квалификации соодветни за некоја најцрна балканска провинција од почетокот на деветнаесеттиот век. И тоа веќе се претвори во секојдневие, во манир на однесување на одредени портали и поединци кои одамна не бираат зборови во навредувањето на сите кои мислат поинаку од нивниот провинциски шеф и неговата секта.

Оттаму, како што ни подметнува еден лик, тие ја согледуваат денешната македонска реалност – или „реалност“ – (и) како „тупење“. И таквите прилично безобразни (да не речам потежок збор) бравури не се осврнуваат многу на актуелниов македонски историски контекст и мислењата на јавноста и граѓаните. Слично како што и оној Вучиќ баш сега гледа „време на чисто лудило“ и „избезумени луѓе со ококорени очи, како да се пуштени од душевна болница“. Заборава дека неговите четиринаесетина години ги направија такви! Така и нашево „тупење“. Но, велат демократијата секому му гарантира право на збор, колку и да е зборот глупав.

Или, можеби ние останатите имаме проблем со личните гледања на нештата, па и на актуелните „игри“ околу македонскиот евроинтегративен процес сметајќи ги за посериозни од она уличарско „тупење“?

Зашто реалноста е сепак „скокотлива“ работа. Зависи од многу нешта, некогаш дури и (буквално) од личната диоптрија зашто може да мислите дека пред вас гледате зајак, а тоа да биде – мечка. Како на Ковачевски и Заев во онаа 2023 година. Но најчесто поимањето на реалноста зависи од мозочните функции односно умствените капацитети на поединецот. Коишто, многупати, барем овде, се – мали. Особено кај оние кои сакаат да делат ум. Кај нив, се покажа, се најмали! Често и – тупави.

Кај нив реалноста е една, единствена, дадена односно зададена и истата мора да се почитува, негува и одбрани. По секоја цена. Умот што пропагира таква „реалност“ вообичаено е заробен ум. А ликот кој „го носи“ таквиот ум беспоговорно е кусоглед, ограничен, праволиниски, лицемерен… Онаа самопрогласена опозиција е преполна со такви. Тоа се ликови со зададена шема: од точката А до точката Б. Ни лево ни десно, ни угоре ни удолу… Но, насоката може да се смени, на пример од Б до А. Како оваа на оној Петров кој после толку време „се сети“ дека гласањето за оној Филипче било – нерегуларно. Со мртви гласачи. Браво! И никој од реалниве денешни „тупаџии“ тогаш не постави ниту едно логично прашање како тоа се избира лидер на толкава партија со само неколку илјади гласови. Ама ако поставите многу пологично прашање околу гаранциите дека источнион сосед нема повторно да нѐ малтретира со вето, е тоа е – тупење!

Не беше „тупење“ ни кога уште од онаа 1992 година тие ни го објаснуваа(т) „светот“ и Македонија според зададената „реалност“ произлезена од заробените партиски умови и нивните шеми. Во нив имаше место само за еден наратив, едни ликови, една идеја, една насока… Таа „реалност“ не признава(ше) нешто што постои вон нивната зададена „проекција“ и зависеше исклучиво од оние кои таа „реалност“ ја креирале со одредена цел. Не постои ништо вон нивниот заробен ум што би било вредно да се знае. Најгрдиот аспект на таквите заробени ментални процеси е неприфаќањето на друг наратив, друго мислење, често дури и очигледна вистина. Сѐ што излегува вон нивната одамна засмрдена шема на „реалноста“ е чудно, непознато, опасно, непријателско… И непријателот е секогаш другиот!

Таа и таква „приказна“ нѐ следи и денес. Во дадени периоди таа и таква „приказна“ беше и доминантна, дури неприкосновена власт, царство на заробениот ум којшто не признаваше различност, другост, поинакво толкување на реалноста и процесите – особено политичките – што се одвиваа(т) вон нашата контрола. Денес непријател – или „Тројански коњ“ (sic!?) – да ти бил и некаков проектиран Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите! Кај смее некој да чепне во нивните тупења. А впрочем, од толку новинарски тројански ергели барем тие би требало да бидат експерти за тоа прашање, нели?!

Оттука, ние веројатно повеќе говориме за состојба на анти-реализам и луѓе што ни го подметнуваат, состојба што нѐ следи веќе со децении. Тој анти-реализам одбива да прифати дека постои нешто вон нивните лични/групни наративи, надвор од партиските директиви, некакви различни цивилизациски текови што се одвиваат на глобално рамниште и на коишто нивните заробени ментални процеси не можат да влијаат. Уште помалку да ги разберат. Кога, на пример, таквите „новинари“ утре би станале дел од онаа еу (малите букви се…) за која (божем) толку се залагаат, веќе на првиот чекор би се удавиле во регулативите и административните мерки за медиумите. Па за нив оној од Опатија беше вистинска мерка!

Тој „до зла бога“ ограничен „идеолошки“ анти-реализам одбиваше да размисли што значеше она противење на јужниот сосед за името при македонското аплицирање за членство во Обединетите нации, ја заборавија и еквидистанцата и го „тупеа“ со децении дека тие се најпаметните, дека само тие знаат како да се справат со соседскиот притисок…, за на крајот да завршат со шизофрените „реалистични“ хартии викани Преспански договор и Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Еден таков (новинарски) лик неодамна на јавниот сервис отворено го оправдуваше со уличарската флоскула дека „целта ги оправдува средствата“ (sic!), иако тоа де факто е „реализмот“ како од народната за змијата и магарето. Но тоа е „визионерството“ на политички полуписмена група луѓе и нивните тотално политички неписмени гласноговорници низ медиумите.

Ама сега – другите биле нереалистични! Другите се виновни за (да простите) политичката септичка јама во која што ја турнаа земјата со нивната неспособност и алчност за власт. Која што се повторува и денес од позицијата на некаква налудничава секта со амбиции повторно да ја приграбува власта.

Таквиот однос создава страотни ситуации со несогледливи последици. Континуирано протежирана од уште една малоумна групација некогашни „општествено-политички работници“, „аналитичари“ и политиканти, таквата „реалност“ ја претворија во претешко бреме врз граѓанинот и врз секоја идна власт. Односно, ако/кога не знаете каква е и која е реалноста околу вас, оставате во наследство погрешни проценки и невозможни обврски. И токму тоа денес е ѕидот со бодликава жица пред којшто е исправена државата. Секој обид за негово премостување (ќе) остава крвави траги!

Ама слепците анти-реалисти ни тоа не можат да го согледаат. За нивната „реалност“ се неважни и соседските негирања на целиот историски развој на македонскиот народ, уште помалку неговата иднина вон еу-шемите (малите букви се…) во кои што ја заплеткаа државата со нивната неспособност и партиско „тупење“.

Поврзани содржини