📷 ОТВОРЕН МЕГА ПАРКОТ БУТЕЛСКА ОАЗА Зеленило, плоштад, детски катчиња, фитнес зони и патеки на 50.000 квадрати

Бутел доби ново зелено срце, место што ќе им припаѓа на граѓаните, ќе зближува генерации и ќе создава спомени, рече градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски го пушти во употреба паркот Бутелска оаза.

1

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денеска официјално го пуштија во употреба новиот мега парк Бутелска оаза.

– Бутел доби ново зелено срце.  Место што ќе им припаѓа на граѓаните, ќе зближува генерации и ќе создава спомени. Има посебна радост кога дадениот збор ќе стане место исполнето со детска смеа.  Се сеќавам, кога ја подготвувавме програмата за Скопје, Дарко побара да изградиме парк 10 пати помал од овој што денес го отвораме. Ги разгледавме можностите и решивме да направиме многу повеќе – еден од најголемите мега паркови во Скопје, каков што Бутел заслужува. Денес, таа одлука е реалност пред нашите очи. На просторот каде што се планираше бетонизација, сега има огромна зелена површина, реквизити за најмладите, пешачки зони и фитнес зони за рекреација. Место за првите детски чекори, за младите и нивните дружења, за семејните прошетки и за спокојните утра на нашите пензионери. Простор за сите генерации. Простор за секој граѓанин – изјави Ѓорѓиевски.






Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека за одржување на зеленилото, целиот комплекс има сопствен систем за наводнување со техничка вода.

– Создаваме парк со услови за долгорочно и одржливо одржување, за во неговата убавина да уживаат и генерациите што доаѓаат. Секое засадено дрво е влог во почист воздух. Секоја нова зелена површина е придонес за помалку урбана жештина. Секој нов парк е повеќе простор за здравје, рекреација и поквалитетен живот. Тоа е Скопје за кое работам. Град во кој секое маало е важно, секоја општина добива внимание и секој граѓанин заслужува уреден и достоинствен простор за живот. Бутел ја доби својата оаза. Скопје доби уште една причина за гордост. Да ја чуваме, затоа што ова е наше заедничко богатство – рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека со гордост може да каже дека ветеното за Бутел за неговиот четиригодишен мандат е реализирано уште во првата година и посака новиот мега парк Бутелска оаза да биде полн со живот, детски џагор и убави моменти.

Бутелска oаза опфаќа богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес зони и содржини за сите генерации, објави градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.

„Од место на кое беа ветувани згради и бетонизација до ново зелено срце на општина Бутел и Скопје! Она што со години беше депонија и симбол на негрижа, место кое беше ветувано за израдба на висококатници и бетонизација на Бутел, денес го претвораме во огромен, модерен и функционален мега парк на површина од 50.000 квадратни метри. Со Орце Ѓорѓиевски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено.
Денес покажуваме што значи кога се има визија и дадениот збор дека се исполнува. Ова е конкретен пример за тоа како со јасна визија, посветеност и вложување во урбаното зеленило може да се трансформираат запуштените и деградирани простори, во вредни јавни содржини кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните“, објави Костовски.

Поврзани содржини