ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ДВЕГОДИШНАТА ДАНКА ИЛИЌ Родителите на девојчето првпат ќе се сретнат со обвинетите

Обвинителството бара доживотен затвор за двајцата, но случајот, кој ја потресе Србија во март 2024 година, и натаму е обременет со бројни неодговорени прашања. Телото на Данка не е пронајдено, двајцата обвинети ги повлекоа првичните признанија, а истрагата ја следеа и контроверзи околу смртта на братот на еден од нив во полициска станица.

1

По повеќе од две и пол години од исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ, во Вишиот суд во Неготин денеска почна судската постапка против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за тешко убиство на девојчето. Двајцата обвинети беа спроведени во судот со полициско возило, со лисици на рацете.

Обвинителството бара доживотен затвор за двајцата, но случајот, кој ја потресе Србија во март 2024 година, и натаму е обременет со бројни неодговорени прашања. Телото на Данка не е пронајдено, двајцата обвинети ги повлекоа првичните признанија, а истрагата ја следеа и контроверзи околу смртта на братот на еден од нив во полициска станица.






Денешното рочиште е подготвително и се одржува зад затворени врати. На него страните во постапката ги изнесуваат своите предлози за докази, сведоци и вештачења, по што треба да биде определен датумот за главниот претрес.

Обвинетите Драгијевиќ и Јанковиќ денеска во судницата за прв пат ќе се сретнат со родителите на Данка, кои присуствуваат како оштетени во постапката.

10 дена потрага, па кобно соопштение

Данка Илиќ исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, населба во близина на Бор, во источна Србија. Таа била со мајка си и со постариот брат на семеен имот. Според исказот на мајката, во еден момент се свртела за да му даде вода на синот, а кога повторно погледнала кон Данка, девојчето веќе го немало.

Веднаш почна голема потрага, во која беа вклучени полицијата, спасувачките екипи, кучиња трагачи, хеликоптери и беспилотни летала. Србија за првпат го активираше системот за итно известување за исчезнати деца „Пронајди ме“, по примерот на американскиот систем „Амбер алерт“. Во потрагата беа пребарани околу 200 куќи и 200 станови, проверени повеќе од 400 возила и десетина камери. Биле анализирани и податоци од околу 42.000 мобилни телефони регистрирани на базните станици во Бор на денот на исчезнувањето.

По десет дена, на 4 април 2024 година, српската полиција соопшти дека Данка е убиена и дека се уапсени двајца мажи, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, вработени во јавното комунално претпријатие „Водовод“ во Бор. Според првичната верзија на истрагата, тие со службено возило ја удриле Данка, ја ставиле во автомобилот, а потоа ја убиле и го сокриле нејзиното тело.

Признаа убиство, па ги повлекоа исказите

Според обвинителниот акт, на 26 март двајцата се движеле со службено возило во Бањско Поле кога ја удриле Данка. Обвинителството тврди дека девојчето го ставиле во автомобилот, а потоа Драгијевиќ ја убил. Телото наводно било однесено на локална депонија, а подоцна преместено на друга локација, со помош на членови на семејството на Драгијевиќ.

Двајцата осомничени на почетокот на истрагата признаа вмешаност во злосторството. Но, неколку месеци подоцна ги сменија исказите. Дејан Драгијевиќ го негираше убиството, а Срѓан Јанковиќ, исто така, негираше дека ја удрил или убил Данка. Во своја одбрана тие тврделеа дека признанијата ги дале поради наводна полициска тортура и малтретирање.

Токму прашањето дали признанијата биле изнудени со насилство стана една од најсериозните контроверзи во случајот. Според истражувањето на ЦИНС објавено на 7 октомври 2026 година, двајцата обвинети опишувале дека биле удирани со раце и палки, дека им биле потопувани главите во вода, а Драгијевиќ тврдел дека му било скршено ребро. Јанковиќ, според истите наводи, се жалел на вкочанетост на прстите.

Овие тврдења не се судски утврдени факти. Сепак, тие се предмет на посебна постапка во Вишото јавно обвинителство во Ниш, кое треба да утврди дали имало полициска бруталност и дали признанијата се незаконски изнудени.

Братот на Драгојевиќ почина во полициска станица

Само 3 дена по апсењето на Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, на 7 април 2024 година, во полициската станица во Бор почина Далибор Драгијевиќ, брат на Дејан. Тој претходно беше уапсен под сомнение дека му помагал на својот брат во преместувањето и прикривањето на телото на Данка.

Далибор бил во полициско задржување кога починал. Неговата смрт отвори сериозни прашања за постапувањето на полицијата, особено поради тоа што се случила во момент кога бил под целосна контрола на полициските службеници.

Истражувачкиот портал „Радар“, повикувајќи се на обдукциски наод и вештачење до кои дошол во декември 2024 година, објави дека на телото на Далибор биле констатирани бројни повреди и дека наодите укажувале на брутално тепање. Медиумот објави и тврдења за обид за прикривање на околностите под кои починал.

Ниту две и пол години по смртта на Далибор нема завршница на истрагата. Вишото јавно обвинителство во Ниш потврдил дека предметот е во предистражна фаза и дека Секторот за внатрешна контрола при МВР не постапил по повеќе негови барања за проверка на работата на полицијата. Во јули 2026 година, Секторот побарал дополнително време, но до почетокот на октомври обвинителството сè уште немало добиено одговор.

Обвинението беше враќано два пати

Постапката против двајцата обвинети не започна брзо. Обвинителството во Заечар подигна обвинение за тешко убиство во соизвршителство, но Апелацискиот суд во Ниш двапати го враќаше решението за потврдување на обвинителниот акт на повторно разгледување и дополнување.

При второто враќање било наложено за потврдувањето на обвинителниот акт да одлучува нов судски совет. По дополнување на истрагата, предметот бил префрлен во Вишиот суд во Неготин, кој го потврдил обвинението.

Во истрагата беше опфатен и Радослав Драгијевиќ, таткото на Дејан, кој беше осомничен дека му помогнал на синот да го премести телото на девојчето и дека не пријавил кривично дело. Тој беше уапсен на 6 април 2024 година, заедно со Далибор.

Радослав подоцна беше пуштен да се брани од слобода, а постапката против него продолжи. Но, во август 2026 година, судот ја запре постапката против него, па во актуелниот предмет како обвинети останаа само Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ.

Во меѓувреме, почина и мајката на Дејан и Далибор, Светлана Драгијевиќ, во мај 2024 година. Таа претходно беше сослушана во рамките на истрагата.

Телото на Данка не е пронајдено

И покрај опсежната потрага, пребарувањето депонии и повеќемесечната истрага, телото на Данка никогаш не беше пронајдено. Тоа е една од најголемите пречки во случајот, бидејќи нема форензички наод од телото со кој би можеле непосредно да се утврдат причината и времето на смртта, како и други околности поврзани со настанот.

Обвинителството ја темели својата верзија на исказите на обвинетите од почетокот на истрагата, на материјалните докази, вештачењата и другите собрани докази. Одбраната, пак, ги оспорува наводите и се повикува на повлечените признанија и тврдењата за полициска тортура.

Случајот на Данка Илиќ затоа е еден од најчувствителните и најкомплицираните кривични предмети во Србија во последните години. Судењето треба да даде одговор дали обвинителството ќе успее да ја докаже вината на двајцата обвинети и без пронајдено тело, но и дали ќе бидат расчистени околностите што ја следеа истрагата. За семејството на девојчето, останува и најболното прашање – каде е Данка и што се случи со неа.

 

Поврзани содржини