„ЕВРОПА НЕ МОЖЕ ДА ЈА ПОБЕДИ КИНА И ТОЧКА!“ Доаѓа најголемиот потрес за автоиндустријата?
Хрватскиот автомобилски иноватор смета дека европските производители треба да престанат да се натпреваруваат со Кина во сегментите во кои таа е побрза и поевтина. Неговата компанија „Верн“ веќе развива роботакси, а во партнерство со „Убер“ најавува нова ера во градскиот превоз.
Европа нема шанси да ја победи Кина во директна конкуренција на пазарот на електрични автомобили, предупредува хрватскиот претприемач Мате Римац, основач на автомобилската групација „Римац“. Според него, европските производители треба да се насочат кон посебни пазарни сегменти, додека следната голема револуција во автомобилската индустрија ќе ја донесат возилата што се движат без возачи.
– Европа мора да ја пронајде својата ниша. Во директна конкуренција со Кина, не можеме да победиме. Точка – изјави Римац во интервју за германски медиуми, пренесува „Електроауто њуз“.
Тој оценува дека кинеските компании веќе имаат предност во развојот на електричните погонски системи, а нивните производи во иднина ќе стануваат уште подобри и поевтини.
Наместо да се обидува да ги победи во производството на евтини автомобили, Европа, според Римац, треба да се потпре на своите предности во поскапите и специјализирани сегменти.
„Тоа е како Ролекс да се обидува да се натпреварува со Епл“, вели тој.
По електричните автомобили доаѓаат роботаксијата
Римац смета дека автомобилската индустрија е толку сосредоточена на електрификацијата и кинеската конкуренција што недоволно внимание посветува на автономното возење.
– Ако електрификацијата толку многу ја промени индустријата, тогаш е тешко да се замисли какви промени нè очекуваат со роботаксијата и автономното возење – предупредува тој.
Неговата групација веќе работи на такви возила преку компанијата „Верн“, која има околу 150 вработени.
Според Римац, „Верн“ ја започнува првата комерцијална услуга со роботакси во Европа, во партнерство со американската компанија „Убер“.
Станува збор за автомобили што треба да превезуваат патници без човек зад воланот.
– Со Верн можеме да ги промениме животите на многу луѓе, враќајќи им го времето – вели Римац.
Бугати го задржа моторот со 16 цилиндри
Интересно е што Римац, иако изгради репутација со електрични хиперавтомобили, не верува дека целосно електричниот погон е најдобриот избор за секој автомобил.
Тој објаснува дека за новиот „Бугати турбијон“ се одлучил за мотор V16 во комбинација со хибриден погон што може да се полни на приклучок, иако „Фолксваген“ првично сакал целосно електрично возило.
„Тоа беше апсолутно правилна одлука“, вели Римац, наведувајќи дека моделот веднаш бил распродаден.
Според него, купувачите на најскапите автомобили не сакаат производ што станал вообичаен, дури и кога располага со исклучителни перформанси.
„Од комерцијална гледна точка, знам дека чисто електричен автомобил денес би бил погрешна одлука“, објаснува тој.
Римац потсетува дека неговиот електричен хиперавтомобил „Невера“ располага со четири мотори и овозможува управување со секое тркало сто пати во секунда.
Од автомобилска пустина до милијарди евра
Римац ја основал својата компанија во Хрватска, во време кога земјата немала развиена автомобилска индустрија.
– Беше како да основам компанија среде пустина – се сеќава тој.
Денес неговата групација опфаќа четири компании: „Бугати Римац“, „Римац технолоџи“, „Римац енерџи“ и „Верн“.
„Римац технолоџи“, која произведува батерии и погонски системи за други автомобилски компании, има договорени проекти вредни околу пет милијарди евра.
Меѓу нејзините клиенти се „БМВ“ и „Порше“. За „БМВ“ развива технологија што првпат ќе биде вградена во моделот i7, додека за „Порше“ произведува батерија за моделот 911 GTS T-Hybrid.
Римац открива дека соработката со „БМВ“ започнала со необичен потег. Додека договорот сè уште не бил потпишан, тој им покажал на претставниците на германската компанија место на градилиштето на новиот кампус.
– Вашата производствена линија ќе биде тука – им рекол.
Кога го предупредиле дека договорот сè уште не постои, одговорил:
– Тоа не е важно. Јас ќе го изградам за вас во секој случај.
Според Римац, токму таквата одлучност им влеала доверба на претставниците на „БМВ“.
Новиот кампус на групацијата опфаќа 100.000 квадратни метри. Изградбата на првата фаза чинела околу 130 милиони евра, а дополнителни 300 милиони евра биле вложени во производствените капацитети.