БРНАБИЌ ЈА ПОВИКА СТУДЕНТСКАТА ЛИСТА ШТО ПОБРЗО ДА ФОРМИРА ВЛАДА Ја обвини дека води нацистичка политика и дека владее со терор
Вршителката на должноста претседател на Србија, Ана Брнабиќ оцени дека е нацистичка постапка отворањето интернет-портал преку кој граѓаните можат да пријавуваат лица кои ја смениле политичката страна по изборите.
Претседателката на српското Собрание и вршителка на должноста претседател на Србија, Ана Брнабиќ, ги повика победниците на парламентарните избори од Студентската листа што поскоро да формираат власт и да преземат одговорност, оценувајќи дека актуелните случувања во земјата претставуваат „владеење на теророт, а не владеење на правото“.
– Ова не е владеење на правото, ова е владеење на теророт – порача Брнабиќ на прес-конференција во зградата на Претседателството на Србија.
– Луѓе, формирајте ги органите на власта, па разрешувајте ги луѓето, немојте да ги малтретирате, шиканирате и понижувате – рече Брнабиќ, наведувајќи низа примери за кои тврди дека се случиле во изминатиот период.
Меѓу нив ги спомена обидот за упад во општината Земун, обидот да се спречи одбележувањето на славата на Српската напредна партија (СНС), како и упадите во одделни претпријатија и институции.
Како пример таа го посочи и отворањето интернет-портал преку кој граѓаните можат да пријавуваат лица кои, според организаторите, ја смениле политичката страна по изборите.
– Конечно, и отворањето портал на кој „секој може да го пријави својот ќаци“, а потоа вие сте „сопственик на вашиот ќаци“. Дали тоа е поубава и подобра Србија? – праша Брнабиќ.
Таа оцени дека ваквите постапки не биле видени уште од нацистичка Германија, додавајќи дека станува збор за „пар екселанс нацистичка политика“.
Според неа, сето тоа претставува најгрубо заплашување на граѓаните, силни притисоци врз новинарите, напади врз слободата на медиумите, како и директни напади и поништување на работата на обвинителството и на независноста на правосудството.
– Доживеавме од паркот да ни се сервираат наредби, и на обвинителите и на медиумите – рече Брнабиќ, алудирајќи на вчерашната прес-конференција на претставник на Студентската листа во Белград, одржана во Пионирскиот парк.
Таа ги повика граѓаните на разум, мир и почитување на Уставот и законите на земјата, но и на основна човечка пристојност.
– Некои беа одговорни во поразот, некои се неодговорни во победата – рече Брнабиќ, обраќајќи се од зградата на Претседателството на Србија.
Таа нагласи дека најважно во овој момент е што побрзо да се формираат институциите и дека претседателските избори може да ги распише и новиот претседател на Собранието, доколку биде конституиран новиот парламентарен состав.
Изборите, како што наведе, мора да бидат распишани најдоцна до 27 ноември, за да се одржат на 27 декември. Брнабиќ додаде дека конститутивната седница на новото Собрание ќе ја свика во најкраток можен рок.
– Морав да се огласам, бидејќи сум вршителка на должноста претседател на државата. Ќе беше срамота за мене доколку не се огласев – рече таа.
Одговарајќи на новинарски прашања, Брнабиќ истакна дека во изминатите 14 години во Србија не бил затворен ниту еден медиум.
Таа рече и дека имала контакти со странски претставници и дека дури тогаш престанале некои од нападите и прогоните во изминатите четири дена.
На прашањето од новинарите кога ќе биде објавен списокот на помилувани лица, кои доскорешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ги помилува непосредно пред оставката, Брнабиќ повтори дека тоа не е во нејзина надлежност, а потоа им порача на новинарите: „Не ме шиканирајте“.
На парламентарните избори одржани на 25 октомври, Српската напредна партија (СНС), чија потпретседателка е Брнабиќ и која со години беше на власт, претрпе изборен пораз од Студентската листа. Листата формално беше поднесена од група граѓани во име на Студентското движење, кое во изминатите две години ги предводеше протестите против владата.