30.000 ПРИЧИНИ ЗА НАДЕЖ ЗА ПОЧИСТО СКОПЈЕ Ѓорѓиевски најави продолжение на акциите

Градоначалникот на Скопје им се заблагодари на граѓаните, волонтерите, младите, колегите градоначалници и угостителите што учествуваа во еко-акцијата. Најави дека чистењето ќе продолжи двапати месечно и порача дека нема да има толеранција за намерното загадување.

36

Околу 30.000 луѓе учествувале во денешната еко-акција за чистење на Скопје, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој им се заблагодари на граѓаните, волонтерите, младите, градоначалниците и угостителите кои се вклучиле во акцијата, најавувајќи дека ваквите активности ќе продолжат двапати месечно.

– Денес повторно, околу 30.000 причини да веруваме во силата на овој град! – порача Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи, оценувајќи дека масовното учество покажало што може да се постигне кога љубовта кон градот ќе се претвори во конкретни дела.






Според него, во акцијата учествувале граѓани кои одвоиле дел од своето време и вложиле труд за почиста околина – за своите улици, соседите, децата и заедничкиот дом.

– Тоа е Скопје во кое верувам. Скопје што се обединува, презема одговорност и со сопствени раце го менува своето секојдневие – рече градоначалникот.

Ѓорѓиевски посочи дека во акцијата се вклучиле и неговите колеги градоначалници, кои ги предводеле активностите во своите општини, како и млади луѓе, волонтери и илјадници граѓани. Како дополнителен придонес ја издвои и вклученоста на угостителите.

Тој им се заблагодари на сите учесници, нагласувајќи дека нивната посветеност и одговорност треба да бидат пример за односот кон јавниот простор.

– Нашите деца заслужуваат да растат покрај зеленило и во чиста околина, а од нас да научат како се чува тоа што им припаѓа на сите – порача Ѓорѓиевски.

Во објавата упати и порака до оние што несовесно фрлаат отпад, повикувајќи ги да го почитуваат трудот на луѓето што учествувале во чистењето.

– Секое катче што денес го исчистивме носи нечиј вложен напор. Никој нема право утре повторно да го претвори во депонија – истакна градоначалникот.

Тој најави дека еко-акциите ќе продолжат двапати месечно, со цел грижата за градот да стане редовна навика, а не само повремена активност.

Поврзани содржини