СО АВИОНИ ДОАЃАЛЕ НА ГЛАСАЊЕ ВО БРВЕНИЦА Новиот градоначалник Јахији ѝ се заблагодари на дијаспората за победата

Новоизбраниот градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији, синоќа по објавувањето на резултатите изрази особена благодарност на граѓаните во дијаспората кои придонеле за неговата победа.

415

Со фотографии објавени на социјалните мрежи поддржувачи на ДУИ потврдија дека со авиони доаѓале на гласање на предвремените локални избори во Брвеница, вчера.

Неколку дена претходно преку социјалните мрежи беше објавен повик до албанската дијаспора „самата да ја креира својата судбина“, да се мобилизира и да оди на гласање.






„Сегашната ситуација во нашата општина ги преминува границите на политиката и повеќе од кога било бара единство, интелигенција, акција и зрелост. Чувствуваме дека е национална, верска и човечка обврска да апелираме до сите жители на нашата општина масовно да излезат да гласаат во недела. Време е секој од нас да ја исполни својата должност, да ги мобилизира сите наши роднини и да излезе да гласа. Самите да ја дефинираме сопствената судбина, а не другите“, беше наведено во повикот објавен на Фејсбук страницата Shoqata për f. Çellopek – Zvicër.

Вчера, на истата страница се споделени фотографии од полни авиони со кои албанската дијаспора се враќа откако гласала во Брвеница.

„За родното место нема замор, постои само љубов. Честитки до сите жители на нашата општина, кои покажаа единство и граѓанство на највисоко ниво. Заедно покажавме како демократски процес може да се развива на најдобар можен начин“, пишува на објавата.

Новоизбраниот градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији, синоќа по објавувањето на резултатите изрази особена благодарност на граѓаните во дијаспората кои придонеле за неговата победа.

– Ѝ благодарам на нашата драга дијаспора, која не штедеше ништо. Бог нека ве награди. Ние ќе бидеме вашиот глас во татковината. Денес излеговме со кренати глави. Немам зборови да ја опишам оваа емоција – рече Јахији.

Кандидатот Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, освои 4.442 гласа, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ 4.177 објави Државната изборна комисија (ДИК).

 

Поврзани содржини