Поданичка свест
Победата на демократскиот менталитет е процес, прашање на време и доволно обезбедени односно изградени услови за негова доминација. Ни Србија, ние уште помалку, прво, не успеавме да се оттргнеме од железната прегратка на соцреалистичките номенклатури, и второ, целосно да ги анулираме рецидивите на претходниот систем.
Гледам сите овде знаат што и како се случува во Србија. И што и како ќе се случува понатаму. Суријата „експерти“, политиканти и историканти прават споредби со македонското сценарио на онаа таканаречена „Шарена револуција“, а на која што – барем според манирите и резултатите! –повеќе ѝ одговара називот „Шарена променада“. Со што апсолутно не сакам да го намалам нејзиното значење за современата македонска историја. Други пак ни мавтаат со прстињата дека сме ги потценувале српските студенти (што дефинитивно не е точно), дека Вучиќ можел да победи само во Македонија (а ги забораваат локалните ликови како Заев, на пример, или Пендаровски, па Бучковски, но и редица други) итн.
Јас, признавам, не сум сигурен што и како се случува во Србија, уште помалку како понатаму ќе се развиваат нештата. И на крај памет не ми паѓа да ја земам состојбата таму за некаков репер за нас бидејќи нештата се тотално различни. Од историската меморија до современите случувања, и којзнае уште до каде. Апсолутно не ми паѓа на памет да ги потценувам студентите, уште помалку нивната речиси двегодишна борба со многуглавиот аждер викан снс (малите букви се резултат на страотно ретроградната позиција на таа партија во демократскиот паноптикум) и Александар Вучиќ како движечката „глава“ на аждерот.
Победата им е речиси величествена. Прашањето е: што се случува околу неа? И кој сега влече во суштина погрешни антидемократски потези? Еден познат српски колумнист (М. Лакичевиќ) вели дека „со падот на власта на Вучиќ, се уриваат и сите негови творби“. Но дали е баш така или луѓето во „творбите“ итно се пресоблекуваат?
Зашто, ова што пост-фестум се одигрува во Белград наликува на научно-фантастичен филм. Нешто како онаа серија филмови викана „Purge“ („Чистка“), каде секој будала може да земе оружје и во текот на 24 часа да убие кого сака. Најѕверски, отворено, неказниво…, дозволено со закон!
Не правам буквални аналогии дека во Србија се случува истото, но генерално има големи сличности. Бидејќи што значат сите овие експресни постизборни апсења, затворања банки, отпуштања од работа…? Демократска чистка или е тоа оној „револуционерен терор“ на Горан Марковиќ? Што и да е, не се развива добро.
И, да се дообјаснам: немам речиси ништо против и таквиот развој на настаните, но – збунувачки е, нели. Зашто, ако се залагате за демократија, ако велите дека таа била узурпирана од една партија и нивниот водач цели четиринаесет години, ако ги истенчила до максимум трпението и нервите на граѓаните…, дали тоа значи дека сега – во слободата! – секој може да прави што сака? И да се одмаздува како ќе му падне на памет?
Или, поставено поинаку: како сега таму, само неколку дена по изборите, а згора и без легитимиран парламент и од него извршна власт, може да бидат апсени, на пример, шефови на одделни полициски сектори (како што е случајот со шефот на Управата за криминалистичка полиција Кричак и началникот на Службата за сузбивање на криминалот Секуловиќ)? Воопшто не се сомневам во оправданоста, но кој и како ги апси СЕГА а не пред десет дена? И по чија наредба кога шефот на полицијата е истиот и вчера и денес, до изборот на нов? Или, зошто Народната банка на Србија дури сега ја ликвидира „Алта банка“ а не и два дена, или два месеци, или една година пред изборите? И уште редица такви „случки“ каде што системот се апси себеси односно свои истакнати поединци и фирми, а тоа, со потполно истите важечки закони, не можеше да го направи вчера?
Сега апсат (и) оние кои треба(ло) да бидат апсени, ако не повеќе тогаш за прекршување на службената должност, за непостапување по законите и др. И од кого добиваат наредби ако не токму од оние кои исто така треба да бидат апсени, или пак тоа го прават самоволно, што е уште пострашно? Која е таа легална власт што денес им го дава тоа право а не им го даваше вчера, или пред еден месец, година…?
Или денес во Србија на власт е атмосферата на победата но и (сѐ уште силниот) поданички менталитет на балканскиот граѓанин на сите рамништа? Атмосферата на страв е победена но дали и поданичката свест? И „системот“ односно институциите се прилагодуваат на таа атмосфера преку таквиот прислужен менталитет на поединецот. Ќе дозволат ли студентите такви разврски коишто веќе утре, пред регуларни судови, ќе бидат прогласени за незаконски? Некој тоа ќе мора бргу да го објасни или таквите случувања ќе останат голема, неизбришлива дамка врз студентскиот отпор. Онаа во стилот на Курто и Мурто!
И тоа е уште една голема разлика помеѓу македонската „Шарена променада“ и „Студентскиот отпор“ во Србија: стапицата на уличен реваншизам кај нас беше избегната, веројатно и заради изборниот резултат којшто не донесе чиста победа на партијата што подмолно го киднапираше народниот гнев и застана на чело на таканаречената револуција. (Интересно зошто ниту еден од оние „аналитичари“ не ја промислува таа причина за таквиот изборен резултат?). Елем, мораше да се чека пост-изборна коалиција што ќе гарантира мнозинство во Собранието и избор на легитимна власт. Не сакам да шпекулирам како ќе се одвивале нештата во случај на уверлива победа како на студентите во Србија. Можеби исто – балкански.
Затоа и Србија, без оглед на близината на Европа, останува само балкански вилает, за што сведочат не само четиринаесетте години на Вучиќ туку и спомнатите пост-изборни случувања. И таму, без оглед на сѐ, и понатаму (ќе) царува поданичкиот менталитет, којшто не се менува преку ноќ и само со вољата на група студенти и нивни поддржувачи. Победата на демократскиот менталитет е процес, прашање на време и доволно обезбедени односно изградени услови за негова доминација. Ни Србија, ние уште помалку, прво, не успеавме да се оттргнеме од железната прегратка на соцреалистичките номенклатури, и второ, целосно да ги анулираме рецидивите на претходниот систем. Само го надградивме со повисоки стапки на корупција и криминал, зацврстувајќи го прислужниот однос на граѓанинот кон силата на поединецот на власт. Затоа впрочем немаме ни институции што ќе застанат во одбрана на државата а не на властодржецот и неговата клика!
И тука го потенцирам токму властодржецот а не авторитетот зашто ние се поклонуваме пред грубата сила, моќта и партијата, а не пред умот, знаењето, способноста… Тој поданички менталитет (slavery mindset) е независен од физичката слобода која што прво мора да се извојува во умот!