КАЛАЈЏИЕВ ДАЛ ПРАВНО МИСЛЕЊЕ ДЕКА СУДИЈА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ГОНЕТ ЗА ПРОТИВПРАВНО СТЕКНУВАЊЕ ИМОТ Обвинителката Хаџи Василева цени дека тие мислења не се докази

Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиште, а правните мислења дадени како нечиј авторитет не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат како докази, бидејќи во суштина не се докази, рече обвинителката Искра Хаџи Василева.

192

Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, денеска по рочиштето против разрешениот апелациски судија Ѓоко Ристов, во чија семејна куќа во Неготино беа пронајдени сиѕидани 350.000 евра, оцени дека правните мислења приложени од одбраната немаат доказна вредност и не може да влијаат врз одлуката на судот.

По презентираните материјални докази на одбраната, правни мислења и толкувања од универзитетски професори, меѓу кои и од професорот Гордан Калајџиев, обвинителката рече дека судот е должен да ги цени фактите и доказите изведени во постапката, а не ставовите засновани на академски авторитет.






– Денека беа презентирани материјални докази на одбраната, а меѓу кои и јазични толкувања, правни мислења, кои ги даваат професори под плаштот на некаков академски авторитет, но во суштина тоа го симнува нивото на правната култура кај нас, бидејќи земено правно и професионално, тие немаат никаква тежина и значење. Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиште. Правните мислења дадени како нечиј авторитет не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат како докази бидејќи во суштина не се докази и не може да бидат докази – истакна Хаџи Василева, која минатата недела беше избрана за шефица на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Адвокатот на одбраната, Звонко Давидовиќ, одговарајќи на новинарски прашања по рочиштето, рече дека одбраната се откажала од дел од предложените сведоци бидејќи не успеала да стапи во контакт со нив и оцени дека нивното сведочење не би донело нови сознанија во постапката. Еден од тие сведоци е условно осудениот во предметот „Синџир“, Љупчо Пецов – Ѓаволот, чија сестра го пријави адвокатот Фехми Стафа дека му дава мито за да влијае врз одлука на судија.

Тој информира дека финансиското вештачење што го побарала одбраната сè уште не е завршено. Рече дека е во завршна фаза и опфаќа анализа на банкарските сметки на 6 лица.

Во врска со правното мислење на професорот Калајџиев, бранителот Давидовиќ посочи дека тоа е побарано од одбраната и се однесува на правната квалификација на делото, при што одбраната останува на ставот дека судија не може да биде опфатен со законското битие на кривичното дело за кое се товари Ристов.

Против судијата Ѓоко Ристов се води постапка за Противправно стекнување и прикривање на имот (член 359-а) и за Перење пари (член 273) од Кривичниот законик, а поврзана со пронајдените 350.000 евра при претрес во домот на неговите родители во Неготино.

На денешното рочиште не дојдоа двајцата вештаци што ги предложи одбраната, едниот, кој е ангажиран за ДНК-анализа на парите не дојде оти се разболел, а другиот, кој изготвува финансиска анализа, не дојде затоа то вештачењето не е готово.

Судот не дозволи да се изгуби закажаното рочиште, па адвокатот на Ристов изведуваше материјални докази, односно графолошки вештачења, како и правни мислења.

Според правното мислење на професорот Калајџиев делото Противправно стекнување и прикривање имот, за кое е обвинет Ристов, не може да им се става на товар на судии. Аргументот на одбраната е дека судија не може да биде опфатен со законското битие на ова кривично дело, бидејќи одредбата се однесува на службено или овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал, а судиите не спаѓаат во ниту една од овие категории.

– Тоа е правно мислење за правната квалификација на делото. Одбраната тврди дека судија не може да биде опфатен со законското битие на ова кривично дело, бидејќи тоа се однесува на службено и овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал, а ништо од тоа не е судија – изјави адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ.

Следното рочиште е закажано за на 20 ноември, а за тогаш судот предупреди дека вештаците мора да дојдат.

Судијката Билјана Коцевска го оцени нивното отсуство како неодговорно.

– Шест месеци да не биде завршено вештачењето и одбраната да не ги обезбедила потребните докази – реагираше судијката.

Одбраната вели дека целта на економското вештачење е да покаже дека родителите на Ѓоко Ристов имале можност да заработат толкава сума пари. Во таа насока, одбраната се повика и на исказот на вештак на Обвинителството, според кој таткото и мајката на Ристов за 6 години оствариле заработка од 975.000 евра. На едно од претходните рочипта Донка и Здравко Ристови сведочеа дека соѕиданите пари се нивни, заработени со земјоделие.

Поврзани содржини