МАКЕДОНИЈА И СЕВЕРНА РАЈНА-ВЕСТФАЛИЈА ЌЕ ЈА ПРОДЛАБОЧАТ СОРАБОТКАТА Германските компании во земјава се пример за привлекување нови инвестиции

7

Продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции и унапредување на партнерството меѓу Македонија и германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија биле во фокусот на работната средба на премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на оваа германска покраина, Хендрик Вуст.

Како што објави Мицкоски на својот профил на Фејсбук, на средбата, во рамки на посетата на Германија, заедно со владиниот тим – вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, разговарале за досегашната соработка, поддршката и можностите за нејзино понатамошно продлабочување, особено во економијата и инвестициите.






Мицкоски посочува дека германските компании „Костал“, „Кромберг и Шуберт“, „ВИК“, „Гересхајмер“ и други реномирани инвеститори што веќе работат во земјава се пример за потенцијалот за привлекување нови инвестиции од Северна Рајна-Вестфалија.

На средбата било изразено и задоволство од спроведувањето на заедничката Декларација за намери за соработка, која опфаќа повеќе области, меѓу кои економијата, инвестициите, образованието, културата и здравството, како и поддршката за европската интеграција на Македонија.

Како особено значајна, Мицкоски ја издвојува подготвеноста на Вуст да ја посети Македонија, што, според него, ќе биде дополнителна можност за унапредување на партнерството и отворање нови перспективи за соработка.

– Продолжуваме да градиме силни партнерства, да привлекуваме нови инвестиции и да ги отвораме вратите за економски развој и нови можности за нашата држава – напиша Мицкоски во објавата.

Поврзани содржини