ПЕНЗИОНЕРИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ПОДИГНУВААТ ПО 20.000 ДЕНАРИ ОД АЛТА БАНКА Славески најави посебни шалтери за граѓаните без картички

Околу 3.500 пензионери се меѓу клиентите за кои се подготвува посебно решение. Граѓаните без платежни картички треба да добијат известување до среда, а новиот начин на исплата ќе се организира посебно во Битола.

0

Пензионерите и другите клиенти на Алта банка што немаат платежни картички ќе можат да подигнуваат по 20.000 денари со едно одење на шалтер, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето на ТВ Телма. За клиентите што подигнуваат пари со картички останува неделниот лимит од 10.000 денари, додека исплатата на шалтер ќе овозможи одеднаш да се земе износот предвиден за две недели.

Славески објасни дека се подготвува список на клиентите без картички, меѓу кои има околу 3.500 пензионери. Тие треба да бидат известени до среда за можноста да подигнуваат готовина на шалтер.






– Ќе ја промениме одлуката само за нив, заради логистика, односно да не доаѓаат почесто, да можат да подигнат поголема сума. На пример, со едно одење на шалтер да можат да подигнат 20.000 денари, кое би покрило две недели – рече Славески.

Посебната организација ќе се спроведува особено во Битола, каде што се концентрирани голем дел од штедачите на банката.

Гувернерот појасни дека ограничувањето од 10.000 денари за повлекување готовина, кај клиентите со картички, е неделно. Бидејќи ноември опфаќа пет недели во кои може да се искористи лимитот, клиентите ќе можат да подигнат вкупно 50.000 денари.

– Размислувавме околу износот. Се одлучивме за тој износ бидејќи сметавме дека е оптимален, во рамки на просечната плата и просечната пензија. Тоа е повеќе од доволно, затоа што имаме вонредна ситуација во која треба трпение за банката – додаде Славески.

Народната банка претходно воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола, како заштитна мерка до промената на сопственоста. Според централната банка, целта е да се обезбеди непречено работење и да се заштитат средствата на клиентите.

Славески ги повика граѓаните да имаат доверба во институциите, уверувајќи ги дека заштедите остануваат на нивните сметки.

– Располагањето е ограничено во еден ограничен временски период во кој треба оваа состојба да се надмине. Забранети се сите можности за изнесување на капитал од банката. Да почекаме да видиме какви се тенденциите – кажа тој.

Поврзани содржини