ЦРНА ГОРА ПОСТАВУВА ЦРВЕНИ ЛИНИИ ПРЕД ХРВАТСКА Не ги прифаќа барањата кои се против националните интереси

Ако кажеме „не“ на барања кои не се рационални и не се засновани на закон, тоа не значи дека сме рекле „не“ на ЕУ, туку дека сме рекле „да“ на почитувањето на меѓународното право и добрососедските односи, вели црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ. 

0

Црна Гора нема да ги прифати барањата на Хрватска кои не се засновани на закон и кои ги нарушуваат  националните интереси, но дека тоа не значи откажување од европскиот пат или конфликт со Загреб, порача црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ.

Одговарајќи на пратенички прашања во црногорскиот парламент, Ибрахимовиќ рече дека Подгорица сака добрососедски односи со Хрватска, но дека нема автоматски да ги прифати сите 8 барања што Загреб ги постави пред крајот на преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската Унија.






– Ако кажеме „не“ на барања кои не се рационални и не се засновани на закон, тоа не значи дека сме рекле „не“ на ЕУ, туку дека сме рекле „да“ на почитувањето на меѓународното право и добрососедските односи – рече Ибрахимовиќ.

Тој нагласи дека Хрватска има посебно значење за Црна Гора како соседна и пријателска земја, но дека отворените прашања, од кои некои траат повеќе од три децении, не можат да се решат на краток рок.

Според него, црвените линии во преговорите со Загреб ги претставуваат националните интереси на Црна Гора.

– Нашиот пристап кон преговорите со Хрватска не се базира на автоматско прифаќање или отфрлање на сите барања, туку на одговорно разгледување на сите прашања поединечно. Кога зборуваме за црвени линии, би сакал да ве потсетам дека нашите црвени линии се заштита на националните интереси на Црна Гора – рече Ибрахимовиќ.

На прашањето на пратениците од опозицијата за можни отстапки кон Хрватска, Ибрахимовиќ изјави дека Црна Гора не презела нови обврски, ниту прифатила рокови, ниту направила отстапки на штета на своите интереси во врска со бродот за обука „Јадран“, демаркацијата на областа Превлака и обештетувањето на поранешните логорски затвореници.

Пратеникот на опозициската ДПС, Андрија Николиќ предупреди дека потезите на црногорските власти, вклучително и усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац, ја поткопуваат довербата на Хрватска и другите европски партнери и го отежнуваат завршувањето на преговорите за пристапување.

– Резолуцијата за Јасеновац, контроверзните законски решенија во областа на внатрешните работи и АНБ, величањето на Ратко Младиќ – сето тоа се потези што создадоа сериозни проблеми и ја поткопаа довербата на нашите партнери. Без такви потези, ќе напредувавме побрзо кон ЕУ – рече Николиќ.

Ибрахимовиќ призна дека усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац предизвика негативни реакции во Загреб, но истакна дека тоа е одлука на парламентот, а не на владата. Додаде дека имало отворени прашања меѓу двете земји и пред нејзиното усвојување.

Хрватска претходно достави до членките на ЕУ и европските институции документ со 8 барања кои очекува Црна Гора да ги исполни пред крајот на преговорите за ќленство во Унијата. Меѓу отворените прашања се сопственоста на бродот „Јадран“, демаркацијата на Превлака, прашањето за исчезнатите лица, гонењето на воените злосторства, обештетувањето на поранешните затвореници и враќањето на имотот.

Во меѓувреме, црногорската влада реши две отворени прашања. Со посебен закон е променето името на базенот во Котор и е легализирана спомен-плочата во Мориње.

Загреб инсистира на решавање на наследството од војната од 1990-тите, додека Подгорица смета дека билатералните спорови треба да се решаваат преку дијалог, без да се загрози процесот на пристапување.

Црна Гора ги отвори сите 33 преговарачки поглавја, од кои привремено затвори 21. Црногорските власти планираат да ги завршат преговорите до крајот на 2026 година, а нивната цел е земјата да стане членка на Европската Унија во 2028 година.

Поврзани содржини