БЕСПЛАТНИ УНИФОРМИ ЗА СКОПСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ ОД ПРВА ГОДИНА Ѓорѓиевски ја подели првата пратка во „Раде Јовчевски – Корчагин“
со бесплатните униформи го олеснуваме товарот врз семејниот буџет и придонесуваме за намалување на видливите социјални разлики меѓу учениците. Правиме конкретен чекор кон училишна средина во која нема место за потсмевање, дискриминација и булинг поради облеката што некој ја носи, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“ ги промовираше бесплатните униформи за сите ученици од прва година.
„Ветивме и исполнуваме. Пристигна првата пратка бесплатни униформи, што се изработени од 100 отсто памук. Ова е почеток на реализацијата на мерката со која униформи ќе добијат сите ученици од прва година во средните училишта на Град Скопје“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
За мене, секое дете заслужува со крената глава да влезе во училницата, да се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, додава тој.
„Ниту еден ученик не смее да чувствува помала вредност поради финансиските можности на своето семејство. Во училишните клупи треба да се истакнуваат знаењето, трудот и талентот. Таму се градат пријателства, се откриваат способности и се раѓаат големи соништа. Наша обврска е да создадеме услови тие соништа да растат. Токму затоа, со бесплатните униформи го олеснуваме товарот врз семејниот буџет и придонесуваме за намалување на видливите социјални разлики меѓу учениците. Правиме конкретен чекор кон училишна средина во која нема место за потсмевање, дискриминација и булинг поради облеката што некој ја носи“, вели Ѓорѓиевски.
Оваа мерка е дел од многубројните градски активности во интерес на младите, посочи тој.
„Опремивме кабинети по информатика, обезбедивме дидактички материјали и помагала, интерактивна технологија, смарт табли, нови клупи и столчиња. Вложуваме во спортски терени и фитнес-зони, во современи услови за учење и здрав развој. Продолжувам со истата решителност, затоа што зад секоја мерка стојат ученици со свои надежи и семејства што очекуваат поддршка. Нивната доверба е обврска што се исполнува со дела. Влогот во младите е влог во иднината. А, иднината на Скопје ја градиме денес, со секое исполнето ветување“, порача Ѓорѓиевски.