📷 ГРАДОТ ГИ НОСИ СКОПЈАНИ ДО СВОИТЕ ПРИРОДНИ БИСЕРИ Ѓорѓиевски најави почести бесплатни разгледи на Матка и Врело

Град Скопје организираше бесплатен разглед на Матка и пештерата Врело со автобуски превоз и професионални туристички водичи. Орце Ѓорѓиевски најави почести вакви посети.

0

Град Скопје организираше бесплатен разглед на Матка и пештерата Врело за граѓаните, со организиран автобуски превоз и професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Во објава на „Фејсбук“, Ѓорѓиевски посочи дека целта на активноста е природните богатства на Скопје да им се доближат на граѓаните, кои имале можност да се запознаат со нивните особености и да дознаат повеќе за нивното значење.






– Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец. Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее! Токму затоа денес организиравме бесплатен разглед на Матка и Врело, можност нашите сограѓани да се оддалечат од секојдневието и да уживаат во едно од најубавите катчиња на нашиот град – истакна тој.

Како дополнителен мотив за промоција на пештерата Врело, градоначалникот го посочи подвигот на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигнал длабочина од 338 метри, со што Врело, како што наведува, е запишана како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.

– Инспирирани од историскиот подвиг на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри и го запиша Врело како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек, сакаме ова наше природно богатство да го доближиме до што повеќе граѓани. Зашто посебно е чувството кога убавината за која слуша светот ја гледаш со свои очи и знаеш дека е дел од твојот град! Величествени карпи, мирна вода и глетки што оставаат без здив. На Матка секој поглед потсетува колку природата била дарежлива кон Скопје. А Врело, со својата убавина и таинствени длабочини, нè потсетува колку многу сè уште има да откриваме и да чуваме за идните генерации – објави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот најави дека ваквите бесплатни разгледи ќе се организираат почесто, со цел што повеќе граѓани од различни генерации да ги запознаат природните убавини на градот, но и да се подигне свеста за зачувување на природното наследство.

– Вакви бесплатни разгледи ќе организираме почесто, за што повеќе наши сограѓани, од сите генерации, да ги запознаат убавините на Скопје и да создадат нови спомени. Преку овие посети ќе ја зајакнуваме и свеста за зачувување на природното наследство што им го оставаме на нашите деца. Скопје има богатства што заслужуваат да бидат видени, доживеани и сочувани. Да го запознаеме со восхит, да го чуваме со одговорност и да го сакаме со дела! – наведува Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини