МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА ЈА ПРОПУШТИ ШАНСАТА ЗА МИНЕРАЛНИТЕ РЕСУРСИ Од ИЗИР бараат нов пристап кон рударството

„И Здравје и работа“ бара Македонија да го искористи европскиот моментум за минералните ресурси и потенцијалот на Иловица–Штука да го процени стручно, одговорно и со еколошки гаранции.

0

Македонија не смее да ја пропушти можноста што се отвора во Европа за обезбедување критични минерални суровини, а потенцијалот на домашните наоѓалишта, меѓу кои и проектот Иловица–Штука, не треба однапред да се отфрла, туку да се процени темелно, стручно и одговорно. Ова е ставот на „И Здравје и работа“ (ИЗИР), од каде што бараат државата да воспостави предвидлива рамка за управување со минералните ресурси, со почитување на законските, еколошките и општествените критериуми.

Од ИЗИР оценуваат дека европските промени во пристапот кон критичните суровини создаваат можност и за Македонија, која треба да ги следи насоките на Европската Унија и да ги разгледува домашните минерални ресурси како потенцијал за економски развој.






Европската Унија веќе презема конкретни чекори за зајакнување на сопствените капацитети за истражување, експлоатација, преработка и рециклирање критични суровини. Преку Европскиот акт за критични суровини (Critical Raw Materials Act), се воспоставуваат механизми за препознавање и поддршка на стратешки проекти, подобра координација на административните постапки и полесен пристап до финансиски инструменти и инвестиции.

Овој пристап предвидува пократки и попредвидливи рокови за издавање дозволи за проектите што ќе добијат статус на стратешки, како и финансиска поддршка преку европски и национални програми, финансиски институции и приватни инвестиции.

„Европа јасно покажува дека пристапот до минералните суровини е прашање на економска конкурентност, индустриска независност и долгорочна стратешка сигурност“, наведуваат од ИЗИР.

Според организацијата, Македонија треба да ги следи овие европски насоки и да создаде предвидлива рамка во која минералните ресурси ќе се третираат како развоен потенцијал, но нивното евентуално искористување ќе зависи од исполнувањето на сите законски, еколошки и општествени услови.

Во таа насока, од ИЗИР посочуваат дека државните политики треба да се темелат на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2025–2045 година, изработена од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Стратегијата предвидува научно заснован и аргументиран пристап кон геолошките истражувања и одговорното управување со минералните ресурси. Целта е природните богатства да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и одржливо користење на ресурсите.

Од ИЗИР нагласуваат дека примената на овие насоки подразбира доследно почитување на законските процедури, стручни и независни проценки, соодветни студии за влијанието врз животната средина, постојан мониторинг и вклучување на локалните заедници во информирањето и консултациите.

„Развојот на рударството не треба да се поставува како избор меѓу економијата и животната средина, туку како процес во кој економските придобивки се можни само доколку се исполнети највисоките еколошки и општествени стандарди“, е ставот на организацијата.

Во овој контекст, ИЗИР смета дека и проектот Иловица–Штука треба да се разгледува низ призмата на стручноста, одговорноста и долгорочните национални интереси.

Од организацијата посочуваат дека проектот отвора прашања за можностите за нови инвестиции, работни места, развој на локалната економија и придонес кон домашната индустриска база. Сепак, нагласуваат дека секоја од овие можности мора да се оценува врз основа на проверливи податоци, исполнети законски услови и соодветни гаранции за заштита на животната средина и интересите на локалното население.

ИЗИР смета дека Македонија треба да излезе од пасивноста и да воспостави јасен, предвидлив и стратешки пристап кон минералните ресурси. Од таму појаснуваат дека тоа не значи заобиколување на процедурите или игнорирање на загриженоста на граѓаните, туку доследно спроведување на законите, користење на научната експертиза и отворен дијалог со локалните заедници.

„Потенцијалот на Иловица–Штука не треба однапред да се отфрли, туку да се разгледува низ таков одговорен процес“, наведуваат од ИЗИР.

Организацијата смета дека на земјата ѝ е потребна долгорочна и доследна политика за минералните суровини, усогласена со европските стратешки приоритети и националните развојни цели. Според нив, неискористувањето на природните ресурси не треба да биде последица на недостиг од институционална визија и координација.

Одговорноста на државата, како што посочуваат, е да создаде услови за информирано одлучување, да ги процени можностите и ризиците и да обезбеди секој проект што ги исполнува законските и еколошките услови да може да биде разгледан според јасни и еднакви критериуми.

„Европскиот моментум е можност што Македонија треба да ја искористи – со знаење, одговорност и почитување на граѓаните и природата“, порачуваат од ИЗИР.

Поврзани содржини