ПОЛИЦИЈАТА ВЛЕЗЕ ВО ДВЕ ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ ВО СРБИЈА Растат сомнежите за уништување документација
Криминалистичката полиција влегла во Министерството за градежништво на Србија, додека министерката Александра Софронијевиќ била повикана од седница на Владата. Во Пензискиот фонд, пак, вработени пријавиле наводно уништување документација и со аплауз ги пречекале полицајците.
Полициски интервенции во две државни институции, сомневања за уништување документација и барања за промени во раководството на јавниот сервис го одбележаа денешниот ден во Србија.
Припадници на криминалистичката полиција влегле во српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура, додека во Пензискиот фонд полицајци пристигнале по пријави од вработени.
Во исто време, три синдикати на Радио-телевизија Србија (РТС) предложиле кандидат за нов вршител на должноста директор.
Случувањата доаѓаат во време на политички промени и барања за одговорност на раководителите на државните институции. Претходно, Студентската листа која победи на изборите побара разрешувања на високи функционери, а обвинителството наложи мерки за спречување уништување или отстранување државна документација.
Припадници на Управата за криминалистичка полиција (УКП) денеска влегле во просториите на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, објави српскиот портал „Нова“.
Според информациите на медиумот, министерката Александра Софронијевиќ била повикана за време на седница на Владата.
Причината за доаѓањето на полицијата засега не е соопштена.
Државниот секретар во Министерството, Ранко Шекуларац, потврдил дека ситуацијата е сложена, но одбил да открие дополнителни информации.
– Државните органи треба да си ја работат својата работа. Контактирајте го кабинетот на министерката – изјавил Шекуларац за „Нова“.
Тој додал дека нема овластување да зборува за причините за полициското присуство.
Полицајци пристигнале и во зградата на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО) во Белград, по обвинувањата дека таму се уништува документација што би можела да послужи како доказ во идни постапки против раководството.
На снимка објавена на инстаграм-профилот на „Екостража“ се гледаат вработени и полицајци во просториите на институцијата. Дел од присутните ги поздравуваат полицајците со аплауз.
Синдикатот АСНС претходно обвини дека во Фондот се уништуваат документи што би можеле да бидат искористени во постапки против директорот Реља Огњеновиќ и други одговорни лица.
View this post on Instagram
Во писмо доставено до медиумите, синдикалните претставници побарале итна реакција на полицијата и обвинителството за да се спречи понатамошно уништување на евентуални докази.
Синдикатот побарал и оставка и разрешување на Огњеновиќ.
Раководството на Пензискиот фонд ги отфрли обвинувањата дека станува збор за прикривање докази.
Според официјалното соопштение, институцијата редовно уништува документација што содржи доверливи лични податоци на осигурениците и пензионерите.
Фондот тврди дека постапката се спроведува во согласност со законските прописи и меѓународните ISO-стандарди.
Документите, според објаснувањето, секојдневно се собираат и се уништуваат со специјализирани машини, по што отпадниот материјал се пакува и се предава на овластена компанија за понатамошна обработка.
Од институцијата нагласуваат дека несоодветното отстранување на документите би можело да доведе до злоупотреба на личните податоци.
Промени се најавуваат и во раководството на Радио-телевизија Србија.
Три репрезентативни синдикати на јавниот сервис го предложиле Предраг Шарчевиќ, уредник во Радио Белград, за вршител на должноста директор.
Управниот одбор на РТС одржува седница на која треба да одлучи кој привремено ќе раководи со јавниот сервис.
Студентите побараа и воспоставување посебен суд што би ја испитувал одговорноста на високи функционери.
Вршителката на должноста претседател на Србија, Ана Брнабиќ, денеска ги повика победниците од Студентската листа што поскоро да ги формираат органите на власта и да престанат со притисоците врз државните институции.
– Луѓе, формирајте ги органите на власта, па менувајте ги луѓето. Немојте да ги малтретирате, шиканирате и понижувате – порача Брнабиќ на прес-конференција во Претседателството на Србија.
Конституирањето на новото Собрание е одложено поради повторувањето на гласањето на 53 избирачки места, закажано за 1 ноември.