НЕ Е ИСТО ПЛАНСКИ ДОКУМЕНТ И ДОЗВОЛА ЗА ОТВОРАЊЕ РУДНИК Министерството за енергетика повика да не се создава страв кај граѓаните
Користењето на загриженоста на граѓаните за придобивање гласачи, наместо за разјаснување на фактите, претставува злоупотреба на тема од сериозен јавен интерес, се наведува во соопштението на Министерството.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини укажува дека партизацијата и ширењето површни или непроверени информации ја отежнуваат информираната јавна расправа. Поистоветувањето на плански документ со дозвола за отворање рудник е правно погрешно и создава неоправдан страв кај граѓаните. Политичките партии, вклучително и опозицијата, имаат одговорност своите ставови да ги темелат на документи и проверливи факти, а не на селективно избрани податоци и политички квалификации. Користењето на загриженоста на граѓаните за придобивање гласачи, наместо за разјаснување на фактите, претставува злоупотреба на тема од сериозен јавен интерес, се наведува во соопштението на Министерството.
Министерството соопшти дека се зголемени концесиските надоместоци, наплатата во 2025 година надминала 1,2 милијарди денари, евидентирани се 53 раскинати концесиски договори, а во 2026 година инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори.
Со новиот Тарифник, во примена од 1 јануари 2025 година, кај металичните минерални суровини концесискиот надоместок е зголемен од 2% на 4%, а кај мермерот од 1% на 5%. Со овие измени се зголемува финансиската обврска на концесионерите за користењето на природните ресурси, како и придонесот што државата го остварува од нивната експлоатација.
Вкупната наплата од концесиски надоместоци во 2024 година изнесувала околу 561,5 милиони денари, а во 2025 година достигнала околу 1,222 милијарди денари. Тоа претставува зголемување од повеќе од 660 милиони денари, независно од даноците и придонесите што компаниите ги плаќаат по други основи.
Растот на наплатата произлегува од повисоките надоместоци, засилените теренски проверки, писмените опомени и поодлучното постапување кон концесионерите што не ги исполнуваат обврските. Раскинувањето на договорите и зајакнувањето на инспекцискиот надзор се дел од пристапот во кој концесијата подразбира јасни обврски, а плаќањето надоместок не ги ослободува операторите од исполнување на техничките услови и обврските за заштита на животната средина.
За долгорочно и системско уредување на секторот е донесена Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, со експертски придонес од МАНУ, а за документот е спроведена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа. Стратегијата ги поврзува економските цели со заштитата на животната средина и социјалните аспекти, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година. Таа обезбедува рамка за планирање, спроведување и следење на мерките за развој на секторот.
Министерството работи и на нови законски решенија во областа на рударството и геологијата. Предложената рамка предвидува финансиско покритие од 100% на проценетите трошоци утврдени со соодветниот план за управување со рударски отпад и поврзаните обврски. Со тоа, наместо сегашниот модел во кој гаранцијата изнесува околу една третина од проценетите трошоци, финансиската обезбеденост би била приближно трипати построга. Целта е да се зајакне финансиската одговорност на операторите и навреме да се обезбедат средства за санација, рекултивација и обврските по затворањето на рударските капацитети.