ПРЕЖИВЕА СМРТОНОСНА ИНЈЕКЦИЈА, СЕГА Ѝ ПОДГОТВУВААТ ЕЛЕКТРИЧНА СТОЛИЦА Криста Пајк ќе биде погубена освен ако судот не донесе поинаква одлука
По неуспешното погубување на 30 септември, состојбата на Пајк беше критична со денови и ја лекуваа во болница на интензивна нега, а кога закрепна, беше вратена во затвор, каде добива медицинска нега.
Осудената на смрт Криста Пајк, која неодамна ја преживеа егзекуцијата со две смртоносни инјекции сè уште може да биде погубена, освен ако судовите не одлучат поинаку, рече гувернерот на Тенеси, Бил Ли во неодамнешно интервју за WSMV.
По неуспешното погубување на 30 септември, состојбата на Пајк беше критична со денови и ја лекуваа во болница на интензивна нега, а кога закрепна, беше вратена во затвор, каде добива медицинска нега.
Криста Пајк беше осудена на смрт пред повеќе од три децении, како виновна за убиството на Колин Слемер во 1995 година. Пајк, нејзиното тогашно момче Тадарил Шип и пријателката Шадола Петерсон ја намамиле Слемер во шумата во Ноксвил, каде што ја претепаале и ја изболе. На крајот врежале пентаграм во нејзините гради, а Пајк ѝ отсекла дел од скапот како трофеј.
Гувернерот Ли посочи дека Пајк сè уште може да биде погубена.
– Што се однесува до поединци како Криста Пајк и нејзиното злосторство, таа сè уште е во затвор според законите на државата Тенеси. Претпоставувам дека нејзината казна ќе остане иста како и претходно, освен ако судовите не одлучат поинаку – рече Ли.
Не е познато како би можела да се изврши уште една егзекуција. Во Алабама, двајца затвореници, Кенет Смит и Алан Милер, преживеаја неуспешни смртоносни инјекции во 2022 година, а две години оодоцна беа егзекутирани со азотна хипоксија. Криста Пајк би можела да побара електрична столица, ако биде повторно егзекутирана, бидејќи нејзиното злосторство е извршено пред 1 јануари 1999 година.
Марша Блекбурн, фаворит да го наследи гувернерот Ли на изборите на 3 ноември, рече дека едно решение за избегнување на понатамошни неуспеси е „враќање на електричната столица“.
„Криста Пајк требаше да биде егзекутирана одамна. Сега, ова неуспешно погубување само ја продолжува болката на семејството на Колин Слемер. Иако е потребна темелна истрага за тоа што се случило и зошто погубувањето не успеало, одговорот е едноставен: вратете ја електричната столица и брзо спровете правда за жртвите. Како ваш гувернер, токму тоа ќе го направам“, објави Бкекбури на платформата Икс.
Адвокатите на Криста Пајк велат дека неуспешното погубување ја оставило со тешки отоци во рацете, пневмонија и згрутчување на крвта додека била во болница. Нејзиниот адвокат, Ренди Спајви, го опиша обидот за погубување како „суров“ и „мачен“.
Нејзината состојба се подобрила откако се освестила и почнала да зборува, а набрзо и одела. Пајк оттогаш е пуштена од болница и продолжува со закрепнувањето во Центарот за рехабилитација Дебра К. Џонсон во Нешвил. Нејзиниот адвокат неодамна изјави дека Пајк продолжува физички да се опоравува и сè повеќе оди самостојно. Тој додаде дека таа сега комуницира појасно и е во состојба да формира целосни реченици.
Откако Пајк беше вратена во затвор, нејзините адвокати издадоа соопштение.
„Таа е благодарна на службите за итни случаи и медицинскиот тим за нивната грижа во овие вонредни околности. Таа продолжува да добива медицинска нега во затворот, а ние ќе продолжиме да го следиме нејзиното закрепнување. Криста се справува со длабока психолошка траума по обидот за егзекуција, што вклучува ужас, болка и неизвесност по уверувањето дека ќе умре“, рекоа тие.
Во 1998 година Тенеси воведе смртоносна инјекција како алтернатива на електричната столица, која денес е законски дозволена во 9 американски сојузни држави.