КОМОРА ЗА ИЗМАЧУВАЊЕ ИЛИ АНТИУКРАИНСКА ПРОПАГАНДА? Една потресна фотографија внесе немир
Според украински претставници, момчето за време на протестите се качило на дрво, од каде паднало во дворот на објектот. Војниците го внеле внатре, го завиткале во ќебе и подоцна го предале на семејството. На социјалните мрежи беше претставено како жртва на тортура.
Украинските власти покренаа истрага за испитување на наводите за незаконско задржување и малтретирање луѓе во објект што се поврзува со Првиот корпус на Националната гарда на Украина „Азов“, кои предизвикаа меѓународно внимание, а прашањето го поставија и германски претставници, кои вчера беа во посета на Киев.
„Очекувам од германската влада за ова денеска да се разговара во Берлин за време на посетата на германскиот канцелар Мерц на Зеленски“, напиша на социјалната мрежа X лидерката на германската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алиса Вајдел.
Повод за нејзината реакција беа извештаите на украинскиот портал Страна.уа (Strana.ua) за наводно неофицијално притворање во зграда во местото Петропавливска Боршчагивка, во Киевската област. Според тие наводи, во објектот биле задржани повеќе десетици луѓе, а нивните роднини и пријатели тврделе дека затворениците биле изложени на физичко насилство и застрашување, како и дека од семејствата биле барани пари за нивно ослободување.
„Азов“ ги отфрла обвинувањата, покрената е истрага
Првиот корпус на Националната гарда на Украина „Азов“ ги отфрли тврдењата за мачење и незаконско затворање. Во соопштението беше наведено дека спорниот објект служел како привремено место за сместување на војници кои чекале распоредување во единиците, како и на припадници кои се вратиле по самоволно напуштање на воената служба.
Од корпусот соопштија дека четворица војници се здобиле со повреди и дека се упатени во болница на преглед. Наведоа и дека ќе биде спроведена проверка на околностите за настанот, како и дека одговорните ќе сносат последици доколку се утврдат незаконски дејствија.
Украинското Државно истражно биро (ДБР) покрена кривична постапка поради сомневање за пречекорување на овластувањата на воено службено лице. Истражителите треба да ги утврдат условите во кои престојувале војниците во објектот, да ги проверат наводите за можна принуда и да ги испитаат околностите за судирот што изби пред зградата.
Спорниот објект во Киевската Област
Инцидентот се случи на 2 ноември, кога пред објектот се собраа граѓани, меѓу кои, според медиумските извештаи, имаше и роднини на војници за кои се сомневаше дека се противправно задржани. Полицијата соопшти дека не се точни тврдењата за незаконско затворање луѓе и за смрт на едно лице, додека надлежните служби започнаа проверка на настанот.
Украинските власти најавија дека околностите ќе бидат испитани и дека одговорните ќе бидат повикани на одговорност доколку се утврдат неправилности.
Фотографијата со 14-годишното момче е погрешно претставена
Посебна забуна предизвика фотографија од 14-годишно момче, кое беше прикажувано како наводно најмладата жртва на мачењето во објектот на „Азов“. Фотографијата ја сподели и норвешкиот политиколог Глен Дизен, од чија објава ја презеде лидерката на АфД, Вајдел. Меѓутоа, според објаснувањето на командантот на Националната гарда Олександар Пивненко, момчето за време на протестите се качило на дрво, од каде паднало во дворот на објектот. Војниците го внеле внатре, го завиткале во ќебе и подоцна го предале на семејството. Германскиот сервис за проверка на факти „Мимикама“ утврди дека фотографијата не докажува дека момчето било затвореник или жртва на мачење, како што беше претставувано во објавите на социјалните мрежи.
Уапсена жената која пристигнала со Брза помош
Украинските власти во меѓувреме ја уапсија жената која прва пристигнала со возило на Брза помош пред објектот и тврдеше дека во него се малтретираат војници. Шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, соопшти дека жената и нејзиниот возач најмалку три дена пред инцидентот го набљудувале објектот.
Според Буданов, во телефонот на приведената биле пронајдени фотографии и преписки со администратори на телеграм-канали кои подоцна масовно ги ширеле обвинувањата. Тој рече дека сè уште се утврдува дали мотивот бил личен интерес, финансиска корист или дејствување против украинската држава.
❗️ “Who gave you the right to torture people?” — Ukraine’s National Guard commander faces tough questions National Guard Commander General Oleksandr Pivnenko arrived at the scene of the controversy in Petropavlivska Borshchahivka, near Kyiv. He said that four servicemen detained after going AWOL, who needed medical attention, had already been taken to hospital. According to him, the remaining men on the premises are National Guard soldiers. But those gathered were not satisfied with his explanation. They demanded to know why the men had bruises around their eyes and apparent signs of beatings, accused people inside the building of torture, and called for the release of those allegedly being held there.
— NEXTA (@nexta_tv) November 2, 2026
СБУ идентификувала околу 100 учесници во нередите
Украинската служба за безбедност идентификувала околу 100 лица кои учествувале во нередите во Петропавливска Боршчагивка, вклучувајќи и лица осомничени за нивно организирање. Заменик-шефот на СБУ, Иван Рудницки, соопшти дека се вршат претреси во домовите на дел од осомничените и дека се разгледуваат можности за нивно приведување и поднесување обвиненија.