БОЛЕДУВАЊАТА НЕ СЕ КРАТАТ, ТУКУ ИМ СЕ ОЛЕСНУВА РАБОТАТА НА ЛЕКАРИТЕ Контролата во домовите има логика кај пациенти кај кои е препорачано мирување
Знаеме дека постојат ситуации кога пациент бара боледување и кога лекарот не гледа медицинска оправданост, а врз него се создава притисок, вели генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во интервју за порталот Република.
Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во интервју за порталот Република.мк ги објаснува предложените измени и уверува дека не се скратува правото на боледување и дека матичниот лекар и натаму ќе може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена.
– Не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат. Ниту денес боледувањето трае најмногу седум дена, ниту со измените ќе трае најмногу пет. Ако пациентот има медицинска потреба да биде на боледување 10, 20, 30 дена или подолго, ќе биде онолку колку што неговата здравствена состојба бара. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот – објаснува Перински.
Петте дена за кои се зборува се период во кој лекарот може да утврди боледување врз основа на медицинска проценка, без примена на дополнителните критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
Ако по петтиот ден здравствената состојба на пациентот бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена, со потребната дијагностика или соодветна специјалистичка проценка согласно дијагнозата.
Ако пациентот е неспособен за работа, боледувањето продолжува. Единствената разлика е што порано ќе се активира медицинската поткрепа предвидена за конкретната состојба.
Анализи за кои порано се чекаше со денови, денес во многу случаи се достапни истиот ден, а дел од основните резултати се добиваат за многу кратко време. Оттука произлегува и медицинската логика на предложените измени.
– Нашата логика не е пациентот порано да го вратиме на работа. Логиката е, ако не се чувствува подобро, порано да утврдиме зошто не се чувствува подобро. Токму затоа ова прашање треба да се гледа пред сѐ како медицинско, а не како административно – вели Перински.
Матичниот лекар останува клучен во системот и ја прави медицинската проценка.
– Ова не е борба меѓу Фондот и матичните лекари. Напротив, јасните критериуми го штитат и лекарот. Знаеме дека постојат ситуации кога пациент бара боледување и кога лекарот не гледа медицинска оправданост, а врз него се создава притисок. Кога правилото е јасно, лекарот не треба да преговара со пациентот. Има критериум и тој важи за сите. Со појасните критериуми му даваме посигурна основа за одлучување и поддршка да постапи според медицинската оправданост, без притисоци од пациентите – вели тој.
Измените носат олеснувања за лекарите
Перински објаснува дека измените носат неколку олеснувања. Првото е што за дел од дијагнозите проценката останува кај матичниот лекар, без обврска пациентот да се упатува на лабораториски испитувања. Тоа значи помалку непотребни упатувања и поедноставна постапка и за пациентот и за матичниот лекар.
Второто олеснување е што кај дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите.
Третото олеснување е дигитализацијата на постапката по 15. ден од боледувањето. Досега, кога било потребно осигуреникот да продолжи пред лекарска комисија, матичниот лекар требаше рачно да изготви предлог. Со предложените измени тоа ќе може да се прави електронски, преку електронски ПСР-образец „Предлог за привремена спреченост за работа“. Со тоа се поедноставува постапката и се намалува административната работа на матичниот лекар.
Се проширува кругот на случаи во кои привремената спреченост за работа ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Тоа е особено важно за тешко болните, неподвижните и тешко подвижните лица кои не се на болничко лекување, за лицата кои се на болничко лекување, за придружници на болно дете до тригодишна возраст додека детето е во болница, како и за лица кои се лекуваат во странство или придружуваат болно лице на лекување во странство.
Се прецизираат и случаи во кои боледувањето може оправдано да се утврди ретроактивно, по завршено болничко лекување и при определени форми на подолготрајно лекување во дневна болница.
Посебно олеснување има и за бремените жени и доилките. Радиодијагностички испитувања со јонизирачко зрачење нема да претставуваат задолжителен услов кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.
Кај боледувањата подолги од 60 дена, каде што по правило е предвидено конзилијарно мислење, се утврдуваат исклучоци за определени тешки заболувања, меѓу кои малигни заболувања, цереброваскуларни инсулти со тешки последици, мултипла склероза, политраума и пациенти во терминална фаза на болеста.
Дали мора пациентот да седи дома цело време?
Бурни реакции во јавноста предизвикаа најавите за контроли во домовите и можната соработка со Министерството за внатрешни работи. Дали пациентот кој е на боледување ќе мора постојано да биде дома?
– Апсолутно не. Тоа би било и медицински нелогично. Контролата мора да се врзува за конкретната здравствена состојба и за препораките што ги дал лекарот, а не за претпоставката дека секој пациент на боледување мора да биде затворен дома. Ако лекарот препорачал пешачење, физикална терапија, рехабилитација или друга активност која е дел од лекувањето, сосема е јасно дека пациентот може и треба да ги следи тие препораки.
Контрола во домашни услови има логика кај оние дијагнози и состојби кај кои е препорачано мирување во домот. Но дури и тогаш, ако пациентот не биде затекнат, самото отсуство не треба автоматски да се третира како неправилност. Ќе постои постапка во која осигуреникот ќе може да го образложи отсуството – дали бил на лекарски преглед, во лабораторија, во аптека или имал друга оправдана причина. Важно е да се знае и дека со усвојувањето на Правилникот нема автоматски да започне нов начин на контрола во домовите – вели Перински.