ФОНДОТ ВО НОВА АКЦИЈА ПРОТИВ ЗЛОУПОТРЕБИТЕ Ќе се проверуваат боледувања, лекувања во странство и милионски трошоци

Новиот директор на Фондот за здравствено осигурување најави детални проверки на областите каде се трошат најмногу средства. Во фокус се лекувањата во странство, растот на боледувањата и исплатите за ортопедски помагала.

0

Новиот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, најави засилени контроли во неколку области каде што со години се забележуваат најголеми предизвици за институцијата – лекувањата во странство, боледувањата и исплатите за ортопедски помагала.

Перински, кој ја презеде функцијата на 13 јули, на брифинг со новинарите посочи дека овие теми се меѓу клучните точки во последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот во 2024 година.






Според него, посебен фокус ќе биде ставен на проверките на одобренијата за лекување надвор од државата, каде што во изминатиот период се издвојуваат значителни средства.

Од ФЗО информираат дека само за лекувања во странство биле исплатени околу 500 милиони денари, односно повеќе од 8 милиони евра.

Покрај ова, најавена е и детална анализа на растот на бројот на боледувања, особено оние подолги од 30 дена, но и на начинот на кој се одобруваат привремените спречености за работа.

Податоците од системот „Мој термин“ покажуваат дека во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 проценти во однос на 2021 година, која беше период обележан со пандемијата на Ковид-19.

Според претходно изнесените податоци, во текот на 2025 година биле регистрирани повеќе од 300.000 боледувања, што според надлежните бара дополнителна анализа на причините за ваквиот раст.

„Целта е системот на боледувања да биде поедноставен, побрз, потранспарентен и поотпорен на злоупотреби, а во исто време да се обезбеди целосна заштита за работниците кои навистина имаат потреба од привремена спреченост за работа“, изјави Перински.

Предлозите за промени кои произлегоа од работилницата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“, организирана од Министерството за здравство и ФЗО со поддршка на Светската здравствена организација, веќе се доставени до лекарските комисии на Фондот, Лекарската комора, здруженијата на приватни лекари и приватни гинеколози.

Перински најави дека контролите ќе бидат дел од поширок процес за подобрување на управувањето со средствата на Фондот и намалување на можностите за неправилности во здравствениот систем.

Поврзани содржини