МАКЕДОНИЈА СО НОВ ПОРАЗ Шкотска доминираше на теренот и по голови

Македонскиот национален тим уште еднаш беше надигран, додека Шкотска беше репрезентацијата која доминираше на теренот.

1

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе и третиот пораз во групата Б1 од Лигата на нации откако вечерва загуби од Шкотска во Скопје со 2:0. Ова беше дуел од третото коло, а противникот ја постигна првата победа во групата.

Македонскиот национален тим уште еднаш беше надигран, додека Шкотска беше репрезентацијата која доминираше на теренот. Гостите голот за водство го постигнаа во 7.минута преку Керон Боуви, што е негов дебитантски гол во дресот на шкотската репрезентација. Македонскиот селектор Гоце Седлоски две замени направи во 31.минута во игра влегоа Ѓорѓе Џеков и Јани Атанасов на местото на Себастијан Херера и Лука Станковски.






Во вториот дел судијата Франсоа Летексие досуди пенал за Шкотска, но по прегледувањето на ВАР снимката го поништи бидејќи Матеј Гаштаров прво беше фаулиран. Во 62.минута Седлоски направи уште две замени место капитенот Енис Барди и Бојан Илиевски, влегоа Агон Елези и Љупче Дориев. Неколку минути подоцна во една мешаница пред нашиот гол Бојан Миовски играше со рака, иако претходно имаше фаул над Висар Муслиу, но судијата Летексие по прегледувањето на ВАР снимката досуди пенал за Шкотска, кој го реализираше Џон МекГин за 2:0 за Шкотска.

Во 79.минута Матеј Гаштаров беше заменет со Христијан Малески.

Македонскиот тим беше конкурентен само во последните минути откако беше исклучен Скот Мек Кена.

За македонскиот национален тим ова е седми натпревар без гол, а вкупно 11-ти натпревар без победа. Шкотска имаше 22 шута, од кои 8 кон нашиот гол, а нашиот голман Столе Димитриевски беше најдобриот во македонскиот табор.

На вториот дуел од групата Швајцарија ја победи Словенија со 2:1 и се наоѓа на првото место во групата со 9 бодови, пред Шкотска и Словенија, кои имаат по 4, а македонската репрезентација е без бод.

Следниот натпревар македонскиот национален тим го игра на 6.октомври на гости против Швајцарија.

Поврзани содржини