ЗА 2 ГОДИНИ ПО АТЕНТАТОТ ВРЗ ГЛИГОРОВ МИСТЕРИОЗНО ЗАГИНУВААТ 8 ИНВОЛВИРАНИ ЛИЦА!? Нова книга изнесува нови согледувања и анализи за атентатот
Се обидов да објаснам зошто овие лица се замолчени, кои биле нивните сознанија, како можеле да придонесат за расветлување на случајот и зошто го преживеале атентатот, но не и постатентаторскиот период - истакна Доревски.
Атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, бил инициран во момент кога државата дефинитивно ја напуштала „орбитата на Белград“ и го насочувала својот курс кон евроатлантските интеграции, оцени авторот на книгата „Скопскиот атентат“, Зоран Доревски, на промоцијата на своето дело.
Според Доревски, анализата во книгата се обидува да ги утврди инспираторите, мотивите и целите на атентатот, како и моментот кога е донесена одлуката за негово извршување. Тој посочува дека во трудот атентатот е разработен низ четири фази: одлука за ликвидација, организација и логистичка подготовка, самото извршување и таканаречениот постатентаторски период.
Особено внимание, како што рече, е посветено на четвртата фаза, односно периодот по атентатот, кога се согледуваат неговите последици врз општеството и се појавува феноменот на „замолчување на сведоци“.
– Во нашиот атентат најдов осум лица кои загинуваат во првите две години по атентатот. Најголемиот дел од нив во 1998 година, кога доаѓа до обновување на втората истрага од страна на јавниот обвинител Ставре Џиков и новата власт. Се обидов да објаснам зошто овие лица се замолчени, кои биле нивните сознанија, како можеле да придонесат за расветлување на случајот и зошто го преживеале атентатот, но не и постатентаторскиот период – истакна Доревски.
Тој оцени дека скопскиот атентат претставува исклучително сложен случај со поширок геополитички контекст и дека се разликува од повеќето политички ликвидации по вклученоста на повеќе фактори.
Според неговата анализа, атентатот се случил во период кога Македонија пристапувала кон ОБСЕ, ја потпишувала програмата „Партнерство за мир“ со НАТО и склучувала договори со Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, процеси кои значеле политичка, безбедносна и економска стабилизација на државата.
– Атентатот се случува во момент кога Македонија дефинитивно ја напушта орбитата на Белград и тргнува по свој правец, а тој правец се евроинтеграциите. Тогаш почнува да станува проблематичен моментот кога некој носи одлука да се изврши атентатот – појаснува авторот.
Говорејќи за можните организатори, тој нагласи дека за ниту еден атентат не постојат директни писмени наредби, поради што заклучоците се темелат на анализа на индиции, настани и последици.
Поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков, кој писмено се обрати на промоцијата на книгата „Скопскиот атентат, оцени дека делото претставува сериозен истражувачки придонес за еден од најзначајните и најконтроверзни настани во поновата македонска историја.
Во своето обраќање, Џиков истакна дека со Доревски соработувале повеќе од две децении и дека случајот со атентатот врз претседателот Киро Глигоров бил централна тема на голем дел од нивните разговори и анализи.
– Интересно е што централна тема на најголемиот дел од нашите средби и разговори беше токму случајот од 1995 година. Низ годините детално ги анализиравме причините за неуспехот на првичната, но и на обновената истрага – наведува Џиков.
Поранешниот обвинител додава дека на авторот му ги ставил на располагање сите свои сознанија и податоци поврзани со истрагата, оценувајќи дека книгата се одликува со длабока аналитичност и сериозен истражувачки пристап.
Според него, авторот ја замислил и реализирал книгата како сложена мозаична конструкција во која настаните се поврзуваат внимателно, детално и сеопфатно.
Тој оценува дека делото ќе остане како трајно сведоштво и вреден придонес за македонската историографија и истражувачка литература.
На промоцијата присуствуваа голем број граѓани, универзитетски професори, поранешни политичари како и претставници на академската заедница. Присутните имаа можност да се запознаат со наодите и анализите содржани во книгата.