ЕЛЕНОВСКИ ГО УЧИ ФИЛИПЧЕ ШТО ЗНАЧИ ФРАЗАТА „ШЛЕПЕРОТ И ЖАБАТА“ Му советува да се распраша како тогаш помина „шлеперот“
Тогаш и се создаде тој термин за „сдсмовска ароганција“ кој партијата ќе ја чини многу во наредниот период, сè до денес – пишува поранешниот висок партиски функционер во СДСМ.
Венко, како претседател на СДСМ, кога другпат ќе цитира познати реченици од минатото на СДСМ, како што и сам кажа, бидејќи не бил тогаш таму, подобро најпрво нека се распраша за контекстот, значењето и пред се резултатот, а не само за ексклузивноста на реченицата на Бранко „ќе ги згазиме како шлепер жаба“, во пресрет на парламентарните избори 1998 година, пишува поранешниот истакнат активист и функционер од редовите на СДСМ Лазар Еленовски на својот профил на Фејсбук.
Во тоа време СДСМ ја имаше целосната политичка контрола во државата, огромно мнозинство во парламентот (дека ВМРО-ДПМНЕ бојкотираше), бизнисот, меѓународната заедница, медиуми, цивилниот сектор, сè беше на еден начин наредено за да се мисли дека победата е очигледна. Тогаш и се создаде тој термин за „сдсмовска ароганција“ кој партијата ќе ја чини многу во наредниот период, сè до денес.
Околу пола година пред изборите, на седница на ЦО СДСМ за подготовка на изборите, излегува Љупчо Јордановски на говорница со хамер и фломастер и пресметува математички на хамерот како СДСМ на претстојните избори ќе освои отприлика 27, 28 мандати. Нормално цела сала му се изнасмеавме, на чело со Бранко. Но после 6 месеци тој излезе единствен во право бидејќи СДСМ освои 29 пратенички места.
Оваа анегдота и научена лекција секогаш ме потсетувала понатаму во животот кога ќе се спомнела реченицата за жабата и шлеперот. Затоа другарот Венко, нека внимава какви ексклузивни изјави дава и со кого се консултира, бидејќи погрешните проценки можат многу повеќе да ја чинат СДСМ отколку што мисли“ – пишува меѓудругото Еленовски.