НА ПОВИДОК ГОЛЕМ СКАНДАЛ ЗА ТРАМПАТА ЗА КОСКИТЕ НА ЦАР САМУИЛ Бугарија на Грција ѝ дала и реликвија од Охрид?
Бугарскиот новинар Благоев тврди дека сребрената кутија со моштите на Света Матрона е од Охрид. Истражувањето покажува дека постои документот од 1916 година, кој потврдува дека сребрена кутија со моштите на светицата била испратена од Охрид во Софија, на "привремено чување". Стручната литература ги поврзува моштите и богато украсениот реликвијар од 1798 година со охридската „Богородица Перивлепта". Дали Грција на подарок добила нешто што не е нејзинот?
Меѓу 53-те црковни предмети што Бугарија ѝ ги предаде на Грција во договорот за останките што му се припишуваат на цар Самуил се наоѓа и сребрена кутија со моштите на Света Матрона, реликвија што потекнува од Охрид и која нема ништо заедничко со Грција. Во 1916 година оваа реликвија од Охрид била дадена на “привремено чување” во Софија.
Ова го тврди познатиот бугарски новинар и историчар Горан Благоев, а документите и стручната литература што ги проверивме покажуваат дека неговото тврдење има сериозна основа.
Благоев, автор на документарниот филм „Островот на цар Самуил”, во интервју за Бугарското национално радио предупреди дека бугарската јавност не знае што точно е предадено на Грција. Потоа посочи конкретен предмет: кутијата со моштите на Света Матрона, за која вели дека не потекнува од некој од грчките манастири, туку од Охрид.
– Ова може да се покаже како голем скандал, дека сме ѝ дале на Грција реликвија која е од Охридската архиепископија, од светиот за нас Охрид. Историскиот музеј и владата должат одговор – предупредува Благоев.
Што се случило во Охрид, на 28 ноември 1916 година?
Постои документ стар 110 години кој на ова тврдење му дава сосема друга тежина. На 28 ноември 1916 година во Охрид бил составен акт за црковните старини што биле собрани, спакувани и испратени на „привремено чување” во Софија. Во самиот документ тие се означени како „црковни старини, сопственост на градот Охрид”.
Списокот содржи 84 предмети. Под број 10 е запишано нешто што денес звучи особено важно: „Една голема сребрена кутија со моштите на Света Матрона.”
Актот не е некаков подоцнежен македонски опис на настанот. Тој бил составен во 1916 година, а меѓу потписниците биле: Охридски окружен началник Г. Петров, Охридски митрополит Борис, Околиски началник П. Чауле, Секретар на окружното началство Л. Огненов и Охридски граѓанин С. Сарџов. Еден од четирите примероци бил наменет токму за Народниот музеј во Софија.
Охридскиот Завод и музеј исто така наведува дека во „Богородица Перивлепта” со векови постоела ризницата на Охридската архиепископија и дека во 1916 година бугарската војска од неа однела во Софија повеќе драгоцености.
Трагата води директно до Богородица Перивлепта
Постои уште посилен доказ за охридската провениенција на моштите.
Во стручен труд за култот и реликвиите на светителите на територијата на Македонија, се опишува черепот на Света Матрона Константинополска, обложен со филигранска апликација од позлатено сребро и украсен со скапоцен камен. Запишано е дека украсот бил изработен на 20 мај 1798 година, а предметот се поврзува со црквата „Богородица Перивлепта” во Охрид.
Токму таква кутија со моштите на Света Матрона со децении се наоѓала во Националниот историски музеј во Софија. Објавени фотографии од многу порано ја прикажуваат и ја идентификуваат како „Моштехранилница на Св. Матрона Константинополска од 1798 година”, изработена од сребро со позлата, скапоцени камења, емајл и филигран. БНР ја фотографирало како експонат во НИМ уште во март 2019 година.
Со други зборови, не станува збор за реликвија која првпат се појавува во сегашната полемика. Нејзиното постоење во Софија, изгледот и датирањето во 1798 година биле јавно документирани години пред договорот со Грција.
А Бугарија тврди дека ѝ враќа на Грција грчки реликвии
Според официјалното објаснување, Бугарија ѝ предала на Грција предмети поврзани со манастирите „Панагија Икосифиниса” на Пангеј и „Св. Јован Претеча” кај Серес, како и со Митрополијата на Серес и Нигрита. Бугарскиот Национален историски музеј наведува 53 физички предмети заведени под 48 инвентарни броеви.
Бугарската страна притоа користи една важна правна формулација: предметите не се отпишани од фондот на НИМ и не се подарени, туку се дадени на Грција привремено, без пренесување на сопственоста.
Но, Благоев тврди дека меѓу предадените предмети се нашла и кутијата со моштите на Света Матрона од Охрид. Тоа е битно, затоа што, ако станува збор за предметот документиран во охридските извори, тој не може едноставно да се стави во иста категорија со црковните предмети земени од манастирите во денешна Северна Грција.
„Вратениот во татковината“ Цар Самуил е висок одвај 155 сантиметри
Уште понеобична е другата страна од договорот. Грција ѝ ги предаде на Бугарија останките откриени од археологот Николаос Муцопулос во базиликата „Св. Ахил” во Мала Преспа, кои тој ги идентификувал како останки на цар Самуил. Идентификацијата се темели врз археолошкиот контекст, антрополошките карактеристики и историските податоци.
Но нема генетска потврда дека коските навистина се на Самуил. Тоа деновиве јавно го потенцираше и бугарскиот историчар проф. Милко Палангурски. И меѓународните извештаи за предавањето ги опишуваат како останки идентификувани или за кои се смета дека му припаѓаат на Самуил, а не како генетски потврдена идентификација.
Меѓу другите податоци што оставаат простор за сомнеж во идентификацијата на останките е и висината на човекот погребан во гробот на Св. Ахил. Според дел од антрополошките процени, скелетот му припаѓал на маж висок само околу 155 сантиметри. Во поновите бугарски публикации и историски толкувања се среќаваат и значително повисоки процени за растот на Самуил, иако не постои независен и сигурен историски податок колку навистина бил висок царот.
Што е однесено од Охрид, да се врати!
Што се однесува до тоа дали моштеехранилницата што е предадена на Грција е истиот предмет што во актот од 1916 година е запишан како „голема сребрена кутија со моштите на Света Матрона”, тоа треба конечно да го потврдат или демантираат бугарската влада и Националниот историски музеј. Но веќе постојат три факти што не зависат еден од друг: Благоев тврди дека оваа реликвија е предадена на Грција е од Охрид, документот од 1916 година потврдува дека сребрена кутија со моштите на Света Матрона била испратена од Охрид во Софија, а стручната литература ги поврзува моштите и богато украсениот реликвијар од 1798 година со охридската „Богородица Перивлепта”.
Ако е така, оваа реликвија мора да се врати таму од каде што е однесена – во Охрид.