ВО ФРАНЦИЈА ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ 400 ДО 500 СРЕДНИ УЧИЛИШТА Протестите продолжуваат во вторник, се придружуваат и синдикатите

Министерот за образование рече дека на протестите се придружиле и некои членови на екстремната левица, кои ги обвини дека ја преземаат контролата врз студентското движење и дека се насилни.

11

Помеѓу 400 и 500 средни училишта во Франција утре ќе бидат целосно или делумно затворени поради последиците од насилните студентски протести, додека најмалку 24 училишни објекти беа запалени или вандализирани, објави денеска францускиот министер за образование Едуар Жефре.

Протестното движење што почна во средните училишта во парискиот регион прерасна во една од најголемите младински мобилизации во Франција во последните години. По неуспешните разговори со владата, ученичките и студентските организации повикаа на нов национален протест во вторник, 6 октомври.






Тоа ќе биде тест за владата на премиерот Себастијан Лекорни, откако 6 синдикални организации во образованието веќе повикаа наставниците и другите вработени да им се придружат на учениците и студентите, вклучително и преку штрајк.

Францускиот министер за образование изјави дека од почетокот на протестот, 78 вработени во образовниот систем се повредени. Според него, училиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови, или поради материјална штета или затоа што вработените биле директно загрозени.

– Наставата во петокот беше прекината во помеѓу 400 и 500 институции, а веројатно ќе има приближно ист број и во понеделник, но со делумно и постепено продолжување на наставата – рече Жефре, пренесува Фигаро.

Жефре рече дека на протестите се придружиле и некои членови на екстремната левица, кои ги обвини дека ја преземаат контролата врз студентското движење и дека се насилни, а тоа, како што рече, претставува ризик и за вработените и за учениците.

Протестите и блокадите на средните училишта започнаа на 17 септември во парискиот регион, а потоа се проширија низ целата земја. Ситуацијата, потсетува францускиот весник, ескалираше во четврток во неколку француски градови. Во петокот беа регистрирани тензии и повеќе од 1.700 апсења, додека од почетокот на неделата имаше вкупно околу 5.000 приведени.

Организаторите повикаа во вторник протестите да продолжат, наведувајќи дека не добиле „конкретни мерки“ од властите.

Меѓу другото, учениците што учествуваат во протестите бараат повеќе персонал и повеќе финансиски средства за образование, а се жалат и на притисокот од системот за прием на факултетите, недостатокот на замени за отсутните наставници, лошата состојба на училишните згради и преоптоварените распореди на часови.

Поврзани содржини